И новинари од „Нова Македонија“ дел од маратонот

1308
Гоце Цветаноски и Сања Јачевска Фото: Маја Јаневска - Илиева

Екипа вработени во дневниот весник „Нова Македонија“ исто така ќе биде дел од „Скопскиот маратон“. Новинарките Антонија Поповска, Сања Јачевска, Радмила Заревска и Гоце Цветаноски ќе бидат дел од трката на која се пријавени повеќе од 5.000 натпреварувачи. Јачевска (по четврти пат) и Цветановски (по осми пат) ќе трчаат полумаратон, а Поповска и Заревска ќе трчаат на пет километри.

– Започнав да трчам рекреативно кога пред неколку години имав здравствени проблеми од прекумерна тежина и пасивност. Всушност, почнав со брзо одење, затоа што едноставно имав преголема тежина и не бев физички способна да се движам со поголемо темпо. Низ многу солзи, упорност и борба со секој следен чекор, успеав и денес сум здрава личност. Можам долго да ви зборувам за придобивките што ги нуди трчањето за еден човек, почнувајќи од изгледот, преку личните задоволства кога ќе се изборите со себе, па до јакнењето на самодовербата, која е клучна за секоја животна ситуација. Најдобро е кога човек ќе научи, освен со нозете, да трча и со срцето. Тогаш веќе ништо не е невозможно. Најдобри резултати се постигнуваат кога човек трча сам, но магијата што ја нуди „Скопски“ не може да се раскаже, таа само се доживува – вели Поповска, која вторпат е дел од овој маратон.

За Заревска, „Скопскиот маратон“ претставува личен предизвик,
– Ова е вторпат како ќе трчам на „Скопскиот маратон“, на трка од пет километри. Тоа го сметам за личен предизвик, кој, покрај докажување на физичката подготвеност, ми ги јакне духот и самодовербата. Мотивацијата е уште поголема кога заедно се подготвуваш и трчаш со колегите од работа. Задоволство ми е и што ќе бидам дел од боите на традицијата на весникот „Нова Македонија“ – истакна Заревска. 

Радмила Заревска и Антонија Поповска