И Европа боледува од слаб одзив

180

Европа веќе се навикнува на слабата заинтересираност на граѓаните за гласање на изборните циклуси. Од 23 до 26 мај годинава жителите на земјите-членки на Европската Унија ќе избираат пратеници за Европскиот парламент и за новата власт во Брисел. Но анализите и прогнозите и овој пат укажуваат на апатичноста на Европејците да се одлучат за гласање. Анализите покажуваат дека Европејците имаат сѐ помал интерес за избори, поради многу причини, од незаинтересираност до слаба политичка понуда. Тој тренд ја зафаќа и Македонија. Последните претседателски избори во земјава во првиот изборен круг го допреа дното во однос на одзивот.

Ако на првите претседателски избори во 1994 одзивот во земјава беше 77 отсто, на овие избори тој падна под 42 отсто, што е на прагот на уставниот цензус за избор на претседател, според кој во вториот круг за да биде избран претседател на државата на гласање треба да излезат најмалку 40 отсто од запишаните гласачи во избирачкиот список

Според странските медиуми, одзивот на гласачите на изборите за Европскиот парламент низ годините има тенденција за намалување. Во 2014 година постигнал рекордно ниско ниво од 43 отсто.

Ако во 1979 година, на првите директни избори за претставници во Европскиот парламент, само 38 отсто од гласачите апстинирале, низ годините таа бројка пораснала, односно во 2014 година достигнала рекордни 57 отсто од гласачите што не сакале да излезат да го дадат своето право на глас.

Во речиси сите земји-членки на Европската Унија, луѓето повеќе гласаат на избори што се однесуваат на нивната држава, отколку на Европскиот парламент.

Меѓу земјите што имаат најнизок процент на одзив на изборите за Европскиот парламент се новите членки на Унијата од Источниот блок, како што е Словачка, каде што во 2014 година е забележана апстиненција на гласачите до 87 отсто. Тоа значи дека само 13 отсто од Словаците се појавиле на гласачките места, што е најнизок одзив во Европа.

Дури и кај Белгија и Луксембург, кои се основачи на ЕУ и први гласале за членови на Европски парламент, се забележува пад на интересот за гласање. Сепак, најголем одзив има токму во овие земји, каде што гласањето е и задолжително. Одзив поголем од 50 отсто е забележан во Малта, Грција, Данска и Ирска.

Во Франција и во Холандија апстиненцијата достигнала околу 60 отсто во 2014 година, за разлика од 1979 година кога на гласање не излегле само 40 отсто од гласачите. Во Италија, пак, апстиненцијата била 43 отсто во 2014 година, а 14 отсто во 1979 година. Во Германија достигнала 50 отсто во 2014 година, од 34 отсто во 1979 година.