И дождот запре за 9-от „Македокс“

47

За отворањето на фестивалот, кој ќе трае до 23 август, беа прикажани два филма: „Вај-фај плаза Куба“ во режија на Адријан Келтерборн и „Кеди“ на Сејда Торун, а концерт одржа и бендот „Џими Барка експириенс“

Иако во Скопје завчеравечер пред најавениот почеток на „Македокс“ врнеше силен дожд, сепак во „Куршумли-ан“ во чаршијата без дожд започна 9-то издание на Фестивалот на креативен документарен филм, на видно задоволство на гледачите испоседнати на пластичните столчиња и на ѕитчињата од објектот, под отворено небо.

Повеќето од нив беа дојдени со чадори во рацете, но и со верба дека дождот нема да продолжи да врне. И навистина не продолжи, на што и укажа со насмевка на лицето селекторката на главната програма, Петра Селишкар, на отворањето кога меѓу другото го покажа и каталогот на новото фестивалско издание направен од рециклирана хартија од отпадот собран на еколошките акции, кои учесниците на веќе познатото „Патувачко кино“ ги реализираа на струшкото крајбрежје.

За отворањето на фестивалот, кој ќе трае до 23 август, беа прикажани два филма: „Вај-фај плаза Куба“ во режија на Адријан Келтерборн и „Кеди“ на Сејда Торун, а концерт одржа и бендот „Џими Барка експириенс“.
И викендов со почеток во 18 часот во „Куршумли-ан“ ќе се одржува програмата за деца и млади, а за денес и утре се предвидени различни документарци од главната фестивалска програма, кратки филмови, студентски филмови како и филмови од нови автори, кои ќе бидат прикажани во, и пред стариот објект. Денеска ќе можат да се видат: „Како се станува папа?“, „Викај ме Тони“, „Девојки и мед“, „Далечниот лаеж на кучињата“, „Другар мој, љубов моја“, „Фамилија“ и „Америка“.

В недела на програмата се филмовите: „О, брате октопод“, „Песната на дрвјата“, „Како да се уништат временските машини“ „Лилјак“, „Ноќ на гарден“„Другата страна на се“, „Големи огнови“, „Лику, романска приказна“, „Руса“, „Бароница“. Проекциите почнуваат во 20.30, 21, 22.30, 23 и 23.15 часот.