И „бомбите“ документи, снимки… за не дај боже!

3020

Доколку СДСМ, претходно Бранко Црвенковски, а потоа и Зоран Заев, ги добивале „бомбите“ почнувајќи од 2010 година, се отвора прашањето за мотивите на аферата со „бомбите“

Кога пролетта 2014 година, тогашната опозиција, Зоран Заев и СДСМ, ја објави наводната афера „Македонска банка“, објавив коментар „Документи, снимки… за не дај боже“. Сведоштвото на Зоран Верушевски за „бомбите“, кое деновиве го даде пред судот, се причина за повторен поглед на перспективите во 2014 и 2015 година.
Тогаш напишав дека во Македонија кружат политички приказни дека властите, поранешни и сегашни, во текот на владеењето собираат документи, снимки, досиеја и други материјали за наводно сторен криминал од своите политички ривали. Целта на таквото собирање документи, најверојатно, не е борба против криминалот и владеењето на правото, туку тие документи и снимки се да се најдат, за не дај боже, да бидат употребени против политичките ривали, во негативна кампања, во тешки политички моменти. Така, се случуваше по дворови да се пронајдат досиеја од безбедносни служби до снимки од непознати извори.

За потсетување, наводната афера „Македонска банка“ беше обвинување од Зоран Заев и СДСМ за вмешаност на врвот на ВМРО-ДПМНЕ во противзаконско посредување, примање поткуп и затајување данок поврзано со Македонска банка, што се случиле во 2003-2004 година, десетина години пред објавување на наводната афера. Од СДСМ тогаш тврдеа дека водат борба против криминалот, за владеење на правото, ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдеше дека станува збор за борба за власт. Тогаш, неколку месеци пред објавувањето на „бомбите“, првпат се постави прашањето дали може да се води кривична постапка врз основа на доказ – аудиоснимка, која најверојатно е направена незаконски. Како што покажа времето не добивме одговор на тоа прашање, ниту пак одговор за автентичноста на аудиоснимките, без разлика дали од страна на МВР или во тужба за клевета. Целата афера никогаш не доби судска разврска, ниту пак разврска за моралот на македонската политика. Тогаш мојот пријател Лирим на Твитер напиша дека е добро сите да ги објават сите снимки, и македонската политика да се ослободи од заложништвото на тајни документи, снимки…

Претходно, Македонија, беше сведок на повеќе помали и една поголема афера „Големото уво“. Аферата „Големо уво“ избувна кон крајот на 2000 година, кога СДСМ (Бранко Црвенковски) објави дека Министерство за внатрешни работи на Македонија прислушувало стотици политичари, новинари и дипломати. Се смета дека материјалите на Црвенковски му биле дадени од страна на Зоран Верушевски. И таа афера немаше целосна разврска бидејќи обвинетите, меѓу кои и Доста Димовска, тогашна министерка за внатрешни работи, беа помилувани од тогашниот претседател Борис Трајковски.
Потсетувањето на овие афери, најверојатно и на сегашната афера „Рекет“, е неопходно, за контекстот, заднината на сведоштвата на Зоран Верушевски. Додека јавноста е фокусирана на изјавата на Верушевски за „стравотни модификации и компромитирања“, за што веднаш се огласи и поранешниот премиер Никола Груевски со изјава дека тоа е потврда за тоа дека „бомбите“ се „сечени, лепени и монтирани“.

За посетување, минатиот месец по објавена снимка од страна на Ел Чека, исто така се отвори дебата за можни манипулации со снимките. Ова е секако прашање од исклучителна важност, особено во контекст на другите две изјави за тоа дека Ѓорѓи Лазаревски доставувал „бомби“ во СДСМ почнувајќи од 2010 година, кога претседател на партијата е Бранко Црвенковски, и дека е потребно вештачење за тоа дали УБК прислушувала.

Неколку елементи се појавуваат во трите прикажани случаи, како кој прислушувал и кој ги добивал материјалите. Во две од три афери можен извор на прислушувањето е УБК, кога на власт е ВМРО-ДПМНЕ, но за разлика од „Големото уво“ кога со вештачење е утврдено дека УБК е можен извор, во случајот на „бомбите“, според Верушевски, тоа не е направено. Вештачење за да се откријат изворот на прислушувањето и автентичноста не е направено и во случајот на „Македонска банка“, кој им претходеше на „бомбите“. Во сите три случаи материјалите ги добивал СДСМ, и според Верушевски тоа е рутинска појава во партијата луѓе да носат разни материјали. Ова, како и фактот дека „бомбите“ се доставувани уште во 2010 година кога претседател на СДСМ е Бранко Црвенковски, ги класифицира „бомбите“ во документи, снимки… за не дај боже. Истовремено може да отвори дебата за мотивите на „свиркачите“, кои ги доставувале материјалите.

Доколку СДСМ, претходно Бранко Црвенковски, а потоа и Зоран Заев, ги добивале „бомбите“ почнувајќи од 2010 година, се отвора прашањето за мотивите на аферата со „бомбите“. Доколку мотивот на СДСМ бил борба против криминалот и владеењето на правото, зошто „бомбите“ не биле објавени веднаш по дознавањето за нив? Надоврзано на оваа прашање, а под товарот на аферата „Рекет“ се засилува впечатокот дека цел на бомбите никогаш не било владеење на правото, туку промена на власта. Ова никако не значи амнестија за власта на ВМРО-ДПМНЕ, туку фрла друго светло на власта на СДСМ.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mk @sklek