Исчистете го домот по настинка или грип

280

Полека поминува сезоната на гриповите и настинките, но тоа не значи дека борбата завршила. Иако најтешкиот дел поминал, потребно е да се осигурите дека во вашиот дом не останало ништо од микробите.

Кога некој е болен, нормално е да избегнувате да бидете во неговата близина. Но, исто така, важно е правилно да го исчистите домот доколку некој од семејството бил болен. Во идеална ситуација, најефикасно ќе го спречите ширењето на микробите и заразата ако навистина обрнувате внимание на хигиената пред, за време и по болеста. Исто така од помош се едноставните гестови како покривање на устата кога кашлате, користење шамиче кога кивате, како и редовно миење на рацете.

Миењето раце е најважната мерка што можете да ја преземете за да го спречите ширењето на некоја инфекција. Всушност, миењето на рацете може да го намали ризикот од респираторна инфекција за 16 до 21 отсто. Постојат некои ситуации во кои никако не смеете да го избегнувате миењето на рацете – кога приготвувате храна, кога се грижите за болна личност, по употреба на тоалетот, по кашлање, кивање и слично. Иако миењето раце е едноставна активност, многу од нас не го прават правилно.

Навлажнете ги рацете со чиста вода, притоа температурата не е важна.

Нанесете сапун и темелно истријте ги рацете, вклучувајќи ги деловите помеѓу прстите, под ноктите и задната страна на дланките. Тријте барем 20 секунди.

Добро исплакнете ги рацете со чиста вода и или оставете ги да се исушат, или избришете ги со чиста крпа.

Штом ќе помине болеста, треба да го спречите разболувањето на некој друг во домот. Грипот може да преживее на одредени тврди површини, како прекинувачи за светилки или не’рѓосувачко железо и до 48 часа. Други видови вируси се дури поотпорни и можат да преживеат и по неколку недели. Исчистете ги сите тврди површини како маси, кваки и кујнски елементи со средство за дезинфекција. Испрскајте ја површината со средството и оставете да дејствува околу 3 минути. Потоа исчистете со чиста крпа. Приборот што го користела болната личност исчистете го со жешка вода пред да почнат да го употребуваат и другите членови од семејството.

Тоалетот е уште една просторија што мора да ја исчистите, особено ако некој имал стомачен вирус. Додека личноста е болна, замолете ја да користи хартиени шамичиња, или барем менувајте ја крпата за раце секој ден. Штом сите ќе бидат здрави, веднаш исперете ги килимите и крпите во тоалетот со жешка вода и исушете ги на висока температура. Исто така исчистете ги тоалетната школка, кваката, подот, туш-кабината, лавабото и прекинувачите за светилките. Не заборавајте ја и четката за заби. Штом ќе оздравите, веднаш заменете ја со нова.

Веднаш откако ќе помине болеста, исперете ги навлаките, чаршафите, пижамите или играчките што биле во контакт со болната личност. Исто така добро е да ги исчистите и сите предмети што ги користела болната личност како далечинскиот управувач, книгите и слично.