Исхрана што може да ја победи анемијата

Анемија или, народски кажано, слабокрвност се случува кога човековиот организам нема доволно црвени крвни зрнца. Постојат голем број видови анемија, но најчеста е онаа кога на организмот му фали железо. Црвените крвни зрнца содржат протеин наречен хемоглобин, а без доволно железо во организмот, телото не може да го создава хемоглобинот. Недостигот од фолна киселина и витамин б12 може исто така да влијае на недостигот од железо.

Најчесто во борбата со анемијата е потребно да се смени начинот на исхрана. Најдобар начин за тоа е да почнете да внесувате намирници богати со железо и витамини што се есенцијални за хемоглобинот и црвените крвни зрнца. Исто така важно е да внесувате храна што на организмот ќе му помогне подобро да го апсорбира железото.

Постојат два вида храна богата со железо: едната вклучува месо и морска храна, а другата се билки. Човечкото тело може да го апсорбира железото од двата вида, но сепак полесно го апсорбира железото од месото.

Секој диететски план за борба со анемија треба да е индивидуален и по препорака на доктор. Но препорачливо е дневно да се внесуваат од 150 до 200 милиграми железо. Тешко е да се внесат толку милиграми само преку исхрана, па доколку се соочувате со посериозна анемија, вашиот доктор можеби ќе треба да ви препише и суплемент што ќе му помогне на вашиот организам во борбата со слабокрвноста.


Намирници што се препорачуваат во секојдневната исхрана доколку страдате од анемија:

– Листен зелен зеленчук
Спанаќ, блитва, глуварче – овие намирници се богати со железо и фолна киселина. Меѓутоа, некои од овие намирници содржат состојки што ја спречуваат апсорпцијата на железо, па затоа самостојното консумирање не треба да биде единствено во борбата со анемијата.
Витаминот Ц му помага на организмот да го апсорбира железото. Јадете ги овие зеленчуци со намирници богати со витамин Ц, како што се портокалот, црвените пиперки, јагодите…

– Месо
Сите месни продукти содржат железо. Црвеното месо и јагнешкото се најдобар извор на железо. Живината има помало количество железо. Консумирањето месо богато со железо, со листен зеленчук како салата, може да помогне во внесот на поголемо количество железо.

– Мешункасти растенија
Гравот, боранијата, грашокот, леќата се намирници што се исто така богати со железо и се препорачуваат во борбата со слабокрвноста.

– Семки и јаткасти плодови
Голем е бројот на јатки и семиња што се богати со железо. Можете да го збогатите вашиот оброк додавајќи ги во салатите. Секогаш кога купувате јатки, купувајте ги оние што не се термички обработени. Семките од тиква, ф’стаците, бадемите, лешниците, семките од сончоглед, просото се одличен избор за секојдневна борба со слабокрвноста. Сусамот исто така е важен во борбата со анемијата. Важно е да се консумира мелен, за организмот да го искористи максимално.

– Темно чоколадо
Само 28 грама темно чоколадо содржат 3,3 милиграми железо. Придобивка од неговото консумирање не е само железото, туку и тоа што е богато со пробиотски влакна, кои се пријатели на вашата цревна микрофлора. Најдобро е да консумирате темно чоколадо, кое содржи минимум 70 проценти какао, за да ги почувствувате придобивките од него.
И пиењето какао помага во борбата со слабокрвноста. Заменете го утринското кафе со шолја топло какао.

– Аронија
Велат дека консумирањето аронија по десетина зрна, два-три пати во неделата, наутро на гладно, е празник за човечкиот организам. Наутро, додека организмот сѐ уште се буди, изедете десет зрна аронија. Организмот ќе апсорбира сѐ што нуди оваа богата овошка. Многу лица во борбата со слабокрвноста консумирале аронија секојдневно и резултатите биле многу подобри дури и од оние што секојдневно консумирале месо.

– Тофу
Тофуто е направено од соја и е одличен извор на железо.

– Жолчка
Појадок во кој ќе имате вклучено жолчка и сок од портокал е одличен во борбата со слабокрвноста. Жолчката е една од намирниците што важат за бомби со железо, па нејзиното консумирање со чаша цеден сок од портокал е најдобро што можете да го направите за вашиот организам.

При борбата со анемијата, важно е да внесувате храна богата со витамин Ц, која ќе помогне во апсорпцијата на железото, како што се цитрусните овошја. Исто така важно е да внимавате и да избегнувате намирници што ја намалуваат апсорпцијата, како што е калциумот. Па, така, млечните производи не треба да ги консумираат минимум половина час откако сте консумирале оброк богат со железо.
Кафето и чајот исто така се намирници што треба да ги избегнувате.