Испишана тајбрејк-историја на Вимблдон

507

Во мечот во машки двојки при резултат 12-12 во петтиот сет, се играше тај-брек, прв историски на Вимблдон во решавачки сет, што го добија Континен и Пирс против Рам и Салисбери со 7-2

Во долгата 133-годишна историја на тенискиот гранслем-турнир Вимблдон испишана е нова страница. Станува збор за мечот во машки двојки од третото коло, помеѓу Хенри Континен/Џон Пирс и Раџив Рам/Џое Салисбери што траеше пет сета и што беше решен во тај-брекот, прв на турнирот по промената на правила, кои важат од годинава. При резултат 12-12 во гејмови во петтиот сет, се играше тај-брек, прв историски на Вимблдон, што го добија Континен и Пирс со 7-2. До лани мечевите во решавачкиот сет се играа додека еден од тенисер(к)ите не поведе со два гемја разлика.

Промената на ова правило беше направено за да не се играат маратонски, исцрпувачки мечеви. Во 2010-та, во првото коло се одигра најдолгиот меч на Вимблдон помеѓу Џон Иснер и Николас Мау што заврши со 70-68 во гемови во петтиот сет. Мечот се развлече на три дена или вкупно се играше 11,5 часа. Лани Иснер беше инволвиран во уште еден маратонски меч, втор по времетраење на Вимблдон, против Кевин Андерсон во полуфиналето. Петтиот сет го доби Андерсон со 26-24, а мечот траеше 6,36 часа од кои само на решавачкиот петти сет „отидоа“ 2,50 часа. Андерсон потоа играше во финалето против Новак Ѓоковиќ и загуби.

На САД опен во Њујорк од 1970 година во петтиот сет (трет кај жените) се игра тај-брек во случај на нерешен резултат, 6-6. На Австралија опен во Мелбурн решавачкиот сет се игра до 10 добиени гемја. По промената на правилото на Вимблдон, само Ролан Гарос во Париз остана со традиционалното завршување на мечевите, во петтиот сет да не се игра тај-брек, односно теоретски, и понатаму постои опција да се игра долго.

На Ролан Гарос најдолгиот меч го одиграа Французите, Фабрис Санторо и Арно Клемен во 2004 година (петтиот сет заврши со 16-14 за Санторо) што траеше 6,33 часа. Годинава повторно Французи, Беноа Пер и Пјер-Иго Ербер, одиграа меч што траеше 4,33 часа (Пер го доби решавачкиот петти сет со 11-9).