Поглаварите на ИВЗ и на МПЦ-ОА, Сулејман Реџепи и г.г. Стефан Фото: Игор Бансколиев

По оваа, за јавноста мошне изненадувачка комуникација, од Комисијата за односи
со верските заедници велат дека токму верските лидери треба да бидат пример за подавање рака, а верските аналитичари сметаат дека расправиите меѓу првите луѓе на верските заедници можат лошо да се рефлектираат и врз односот на луѓе од различни етнички и верски заедници во државата

Дали поглаварите на верските заедници ја заоструваат меѓусебната реторика и колкава е опасноста, проблемите што тие ги имаат со државата, да прераснат во меѓуверски проблеми? Оваа дилема во јавноста се отвори откако двете најголеми верски заедници во земјава, Македонската православна црква-Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) и Исламската верска заедница (ИВЗ) разменија писма со тонови кои не се карактеристични за нивната досегашна коректна комуникација. Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, прв му испратил писмо на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, посочувајќи му дека тој во своите јавни настапи не треба да ја меша МПЦ во проблемите што ИВЗ ги има со државата. Реисот Реџепи, пак, му одговорил со писмо објавено на веб-страницата на ИВЗ, заедно со писмото добиено од МПЦ. Во писмото, ИВЗ вели дека очекувала повеќе солидарност од МПЦ, со оглед на тоа што таа е водечка верска заедница во државата. По оваа, за јавноста мошне изненадувачка комуникација, од Комисијата за односи со верските заедници велат дека токму верските лидери треба да бидат пример за подавање рака, а верските аналитичари сметаат дека препукувањата меѓу првите луѓе на верските заедници можат лошо да се рефлектираат и врз односот на луѓе од различни етнички и верските заедници во државата.

Директорот на Комисијата за односи меѓу верските заедници, Даријан Сотировски, вели дека нема да ја коментираат меѓусебната кореспонденција меѓу водачите на верските заедници.

– Нашата порака е јасна, верските заедници треба да го предводат дијалогот и процесот на градење доверба и да бидат пример за подавање рака. Непримерно и неприфатливо е секое постапување кое создава поделби и подгрева омраза – додава Сотировски.

Али Пајазити, професор по социологија на Универзитет на Југоисточна Европа, смета дека препукувањата меѓу лидерите на двете најголеми верски заедници во земјата не е добар тренд за мирот и за социјалната хармонија во земјата.

– Ваквите изјави ги нарушуваат односите меѓу обичните граѓани и верници кои се водат од дискурсот на дијалог, соживот, соработка, што би требало да биде дел од културата која потекнува од светите книги, и од пророците кои се дојдени со порака за мир меѓу луѓето како божји суштества – посочува Пајазити.

Според него, културата на мултикултурализмот треба да биде дух на иднината на нашето општество, зашто пастирите на народот треба да внимаваат каде го водат стадото – народот.

– Црквата и џамијата се обележја на нашата реалност и нив треба да ги има секаде каде што има верници. Обележувањето територии со монистички верски симболи е многу ризичен чекор за иднината. Очигледен е суфицит на стресна состојба кај поглаварите, а во тој случај топката треба да се спушти – додава Пајазити.

Инаку, од Македонската православна црква-Охридска Архиепископија, во писмото до Исламската верска заедница велат дека почитта и уважувањето се од огромна важност во едно мултинационално и мултиконфесионално општество, како што е нашето и дека токму затоа секое јавно изразување нетрпеливост со недостаток од почит кон другиот може да нанесе сериозни трајни последици кон мирот и стабилноста, за кои се залагаме и ги посакуваме.

– Се чинат и сосема несоодветни обвинувањата за наводна привилегираност на МПЦ-ОА од страна на државата, како на пример, процесот на денационализација, што е далеку од вистината, имајќи предвид дека и нашата перцепција за успешноста во реализирањата на нашите барања и очекувања е далеку од позитивна. Но сето тоа е само наш проблем и се трудиме трпеливо и самостојно да го решиме, без притоа да инволвираме други страни, очекувајќи и тие исто така да се однесуваат кон нас – стои, меѓу другото, во писмото од МПЦ.

Во духот на идната позитивна и солидна соработка како институции, од МПЦ замолуваат при внатрешните анализи и коментари за сопствените потреби, како и при барањата, постапките и процесите пред државата да не се инволвираат ниту МПЦ, ниту другите верски заедници. Во писмото со кое ИВЗ му одговорила на поглаварот на МПЦ, г.г. Стефан, се истакнува дека „искрено жалат ако нивните произнесувања во јавноста во врска со еклатантните неправди што им се нанесени во изминатите децении, МПЦ ги доживува како изразување на нетрпеливост“.

– Го очекувавме од вас како најголема верска заедница во земјата токму спротивното. Очекувавме израз на солидарност како белег на духот на толеранцијата и соживотот за којшто толку убаво зборувате во вашето писмо и којшто, впрочем, е дух што произлегува од постулатите на верата, било на исламот, било на христијанството. Почитуван г.г. Стефан, ние едноставно не можеме да разбереме како тоа нашиот повик за правдина и коректност што ни беа ускратени од сите што во минатото беа на власт, може да предизвика „трајни последици за мирот и стабилноста кон кои сите тежнееме“, без никаква желба да полемизираме со МПЦ, со која отсекогаш се обидуваме да имаме најкоректни односи токму поради отстранувањето на можноста за „трајните последици за мирот и стабилноста“, сами по себе се наметнуваат некои, според вас „неодмерени“ прашања и ставови – посочуваат од ИВЗ.


Обвинителството повело постапка против Реџепи

Јавното обвинителство веќе повело постапка за говорот на поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи, во кој тој зборува за „народот со кој муслиманите градат соживот“, нарекувајќи го див и без идентитет.
– Поглаварот на ИВЗ е повикан на распит. Повеќе детали не смееме да откриваме во интерес на постапката. Секако, медиумите ќе дознаат за исходот на случајот – објаснуваат од Обвинителството.

[email protected]