Искри на самитот на Г20

338

Трамп ја откажа средбата со Путин на маргините на самитот на Г20 во Аргентина поради тензиите околу Украина. Истовремено се намалија и очекувањата за смирување на трговската војна меѓу САД и Кина

Заострените односи меѓу Западот и Русија поради Украина, трговската војна меѓу САД и Кина и присуството на саудискиот принц Мохамед бин Салман, кој е обвинет дека го нарачал бруталното убиство на новинарот Џамал Кашоги, се само дел од тензиите што се очекуваше да го обележат дводневниот самит на лидерите на Г20, кој почна вчера во аргентинската метропола Буенос Аирес.

Американскиот претседател Доналд Трамп пред самиот самит ја откажа договорената средба со рускиот колега Владимир Путин поради најновиот инцидент меѓу Москва и Киев. Русија минатата недела заплени три украински брода и уапси 24 морнари, обвинувајќи ги дека влегле во нејзини територијални води, додека Украина обвини за тешко прекршување на меѓународното право.

Светските лидери вчера пристигнаа на самитот на Г20 во Буенос Аирес: францускиот претседател Емануел Макрон и кинескиот претседател Си Џинпинг

– Бидејќи морнарите и бродовите не се вратени од Русија во Украина, одлучив дека би било најдобро за сите страни да ја откажам договорената средба со претседателот Владимир Путин во Аргентина. Се надевам дека ќе имаме значаен самит штом ќе се реши ситуацијата – напиша Трамп на Твитер.

Западните медиуми пренесоа дека Трамп ја донел одлуката само еден час откако Кремљ објави дека лидерите на САД и на Русија ќе се сретнат денеска на маргините на самитот на Г20. Пред да полета за Аргентина, Трамп им изјави на новинарите дека веројатно ќе се сретне со Путин и дека „сега е добро време за состанок“, но потоа на Твитер објави дека ја откажал средбата.

Од Москва порачаа дека жалат за откажаната средба, но нагласија дека проблемите треба да се решаваат со дијалог и дека треба да се слушнат сите страни за инцидентот, а не само „западната верзија“.

Меркел не го фати почетокот на самитот откако принудно слета во Келн поради дефект на авионот

Германската канцеларка Ангела Меркел претходно оцени дека Русија е целосно виновна за ситуацијата со Украина и порача дека ќе разговара за неа со Путин во Аргентина. Таа, сепак, беше спречена навреме да стигне за почетокот на самитот. Дефект на авионот ја принуди канцеларката да слета во Келн, па оттаму да отпатува во Буенос Аирес.

Инаку, на објавата на Трамп дека ја откажал средбата со Путин задоволно реагираше украинскиот претседател Петро Порошенко, кој на Твитер оцени дека така правеле големите лидери. Тој исто така објави дека Украина ќе забрани влез во земјата за руските мажи на возраст од 16 до 60 години. Како што посочи Порошенко, одлуката е донесена за да се спречат Русите да формираат „приватни армии“ на украинска територија. Руските медиуми пренесоа дека Москва не планира да одговори со иста мера.

Во меѓувреме, Русија предупреди дека на целата територија на Украина може да избие граѓански конфликт поради прогласената воена состојба во повеќе региони. Москва ги повика ОН, ОБСЕ, Советот на Европа и други организации да обрнат внимание на прекршувањето на човековите права во Украина.

– Украинската војска добива ексклузивни овластувања, вклучувајќи и вонсудска употреба на сила, што претставува сериозна опасност, бидејќи граѓански судир би можел да ја проголта целата земја – изјави Марија Захарова, портпаролка на руското министерство за надворешни работи.

Освен кризата во Украина, тензични теми за разговор на самитот на Г20 се очекува да бидат климатските промени, како и глобалната трговија. Аналитичарите ги намалија очекувањата за евентуален напредок во преговорите за укинување на трговските бариери што САД и Кина ги воведоа откако Трамп поведе трговски војни против ривалите, но и против сојузниците.

Самитот на Г20 исто така е и дипломатски тест за саудискиот принц Бин Салман поради обвинувањата дека го нарачал убиството на новинарот Кашоги, а набљудувачите нагласуваат дека ќе биде интересно да се види како ќе реагираат другите лидери на Г20 и дали ќе се обидат да го изолираат принцот.

Инаку, самитот се одржува под силно обезбедување во Аргентина, која е прва јужноамериканска држава што е домаќин на средба на лидерите на Г20.

Самитот на Г20 е дипломатски тест и за саудискиот принц Бин Салман поради обвинувањата дека го нарачал убиството на новинарот Кашоги