Иса Мустафа фаворит на парламентарните избори

361

Амбасадите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство во Косово порачаа дека не поддржуваат ниту една партија или кандидат на парламентарните избори што ќе се одржат в недела, на 6 октомври.
Во заедничкото соопштение на дипломатските претставништва на петте највлијателни држави акредитирани во Косово, познати како „Група Квинт“, се отфрла секаква сугестија дека нивните влади поддржуваат некој од учесниците на изборите.

– Идната влада на Косово ќе треба да биде флексибилна за преговарање и да има способност да артикулира една позитивна визија за идните односи со српската држава и за економските и безбедносните користи, кои тоа може да ги донесе на Косово – се вели од претставништвата на петте земји.

Демократскиот сојуз на Косово, кој го предводи поранешниот косовски премиер Иса Мустафа, е фаворит за победа на парламентарните избори, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење на Косово, кое го објави најголемата новинска агенција во Албанија – Сири.нет.
Според податоците од 26 септември, вториот ден од предизборната кампања ДСК го поддржуваат 29 отсто од избирачите споредено со 26 отсто на изборите одржани во 2017 година.

Анкетите покажуваат дека на второ место е Движењето за самоопределување со поддршка од 24 отсто, а на трето место е Демократската партија на Косово на Кадри Весели со 21 отсто поддршка.

Четвртата позиција со рејтинг од 13 отсто го зазема коалицијата Алијанса за иднината на Косово и Социјалдемократската партија на Косово, која ја предводи поранешниот премиер Рамуш Харадинај и актуелен градоначалник на Приштина, Шпенд Ахмети.