Интелектуалци

767

Сартр со право вели дека должноста на интелектуалецот е секогаш да биде против власта колку и да е идеална таа, што е своевиден парадокс. Зошто против? За да биде нејзин буден коректив, да не се расипе, оти таа од сè е најподложна на расипување. На смрдеа од која другите се задушуваат, но не и таа. Расипливоста, не само на власта туку воопшто на луѓето, добро ја знаел и Исус Христос…

Должност на интелектуалецот е секогаш да е против власта, колку и да е идеална таа. (Жан Пол Сартр)

Не знам ни самиот кој ѓавол ме натера, драг читателу, оваа колумна да им ја посветам на интелектуалците, болна тема не само кај нас туку и кај гордата просветителска дама Европа. Денес поимот интелектуалец, по негова заслуга, е целосно демистифициран. Тој е сив, безидентитетски, испразнет од духовна и хуманистичка супстанција. Денес, евидентно е, не можеме да сретнеме интелектуалци од типот на оние што ги познаваме од времето на 19 и почетокот на 20 век, макар ги барале и со фенерот на Диоген напладне.
Денес, во епохата на апсолутна алиенација, антихуманизам и ситнодушен егоизам, интелектуалците, макар биле и од Сорбона, Кембриџ или Ломоносов, не можете да ги подведете под друга категорија освен под категоријата на конформизам и практичен материјализам, од која произлегуваат сите нивни натамошни „духовни“ и практични активности како во нивната тесна специјалност така и во општествениот и политичкиот живот. Тоа. А обичниот неук или полуук народ се крсти во нив како во нешто многу повозвишено од него, кое ќе го просветли и ќе му отвори хоризонти на подобар живот и посреќна иднина. Ама тешко се лаже и на секој чекор доживува разочарување од тој „повисок“ сој на луѓе, сè додека на крајот не сфати дека тој е предаден од нив. Во таа смисла, поаѓајќи од моралната криза на интелектуалниот дух, Жулиен Бенда и ја напиша книгата со дијагностички наслов „Предавството на интелектуалците“.

Треба да нагласиме дека кога се зборува за интелектуалецот како тип секогаш го земаме предвид интелектот, запоставувајќи го моралниот аспект, без кој тој ја губи неговата „света“ аура. Впрочем, зарем не велеше и Платон дека човекот не е само естетско (според Фројд нарцистичко) туку и етичко битие. Целина што е неопходна за тој да биде во склад со божествениот Логос. Христијанството исто така инсистира на оваа целина, со таа разлика што Исус и не му обраќа некое посебно внимание на интелектот. За него пред сè е важен квалитетот на душата исполнета со божествена убавина и доблести. Оттука, не случајно тој и ги избира своите апостоли и следбеници меѓу простодушните, јуродивите, меѓу понизните што ќе се возвишат, тажните што ќе се развеселат и неутешните што ќе бидат утешени. Такви беа неговите пораки од Говорот на Гората. Додуша, меѓу Исусовите апостоли, освен рибари, сепак имаше и два-тројца интелектуалци: Павле (стручњак за правните науки), Лука (лекар) и Јуда Искариотски политички приврзаник и толкувач на движењето на бунтовните зелоти. Тој на крајот им го предава Учителот на фарисеите, колку за да го дефинира и потврди со печат моралот на политиката и политичарите.

Поткрепа, пак, за тоа дека знаењето како интелект само по себе не претставува човечки квалитет наоѓаме и кај премудриот Грк Сократ, во неговата славна изрека „знам дека ништо не знам“, што значи всушност свест за своето незнаење, за што Питија го прогласува за најумен човек на Атина. Ако завлеземе, пак, во поезијата на Пол Валери, кога бара од песната да биде „свеченост на интелектот“, не мислел на голиот логистички ум туку на нешто многу повеќе. Во Сократовска смисла и во индуистичките веди и упанишади ќе ја сретнеме синтагмата „големото незнаење“ стокмена во фигурата на парадоксот, која кај Киркегард има сакрален статус. И таа парадоксална синтагма не упатува на незнаење, туку на еден повисок степен на свето, трансцендентално знаење, кое му се отима на шпекулативните стапици на интелектуалниот логос како што го сфаќа него Западот.

Туку да не одиме многу во шифрирање на темава. Ќе речеш, драг читателу, па зарем нема во современоста интелектуалци од типот на Платоновата дефиниција за човекот како естетско и етичко битие, кое не е ни само по себе ни само за себе, туку е битие за среќата на општиот човек како симбол или збирна именка за човештвото. Такви, тие интелектуалци, би требало од таа гледна точка да претставуваат негова совест, борци за хуманизам. Такви беа на пример Стефан Цвајг и Томас Ман кај Германците, Ромен Ролан, Зола, Иго, Анатол Франс, Сартр и Ками кај Французите, Бертран Расел кај Англичаните, Толстој и Берѓаев кај Русите итн. Но тоа како да е веќе неповторливо минато. Тоа се чини беше последната плејада на европските интелектуалци хуманисти, тие што покрај естетското имаа и етичко битие. Кај се тие денес, на пример, во Франција, чиј просветителски елан на енциклопедистите, имено, силно го профилира тој тип ангажиран хуманистички интелектуалец. Или нејзините современи филозофски умови, како што се Дерида, Фуко, Леви, Бодријар и другите, главно се занимаваат со разните конструкции, деконструкции, структурализми, симулакруми и слични видови на соблазнителните шпекулации на умот. И толку.

Да. А сега прашуваш, драг читателу, конкретно да го објаснам мотото на денешнава колумна што му припаѓа на Сартр. Едноставно, овој француски филозоф, левичар и симпатизер на комунизмот бараше од интелектуалецот ангажираност во сферата на општеството и политиката, знаејќи колку е таа расипана и опасна по однос на човековата егзистенција. Тој знаеше дека со светот владеат политиката и политичката мафија, иако во неговата демократска Франција тоа беше многу побезболно отколку во некои други региони во светот. Дека е тој во право, ние денес гледаме на секој чекор. Проблемите во земјите насекаде се решаваат со политички, што значи насилнички, а не со правни и праведни средства. На нас, Македонците, особено ни е јасно тоа не само со притисокот од ЕУ и Вашингтон да си го смениме Името туку и со редица други „поситни“ притисоци чија цел е целосно да нè понижат и да го уништат нашиот и колективен и индивидуален суверенитет.

Тоа е тема, драг читателу, која посочува, освен во сосема ретки исклучоци, на етичката и моралната криза на современите интелектуалци, кои се длабоко нурнати во својот егзистенцијален ситнодушен егоизам и секакво материјално профитерство. Сартр со право вели дека должноста на интелектуалецот е секогаш да биде против власта, колку и да е идеална таа, што е своевиден парадокс. Зошто против? За да биде нејзин буден коректив, да не се расипе, оти таа од сè е најподложна на расипување. На смрдеа од која другите се задушуваат, но не и таа. Расипливоста, не само на власта туку воопшто на луѓето, добро ја знаел и Исус Христос, па во таа смисла и тој на своите следбеници, христијаните, им велел дека тие треба да ја имаат улогата на „сол во светот“ за да го чуваат од расипување и морално распаѓање него.

Добро. Дотука сè е јасно, драг читателу. Но што сторија, како се однесуваат нашите интелектуалци во контекст на моралните норми на тој план на Исус и на, во случајот, Сартр? Се напикаа по владините кабинети, а надвор од нив по разните стручни институции, академии, катедри итн. Сè до екстраполитизираните под превезот на неполитизирани мисионерски невладини организации, кои во својата книга „Антропологија на смртта“ францускиот антрополог Луј Вансен Тома ги слика во рамката на нивната мисија на идентитетска ликвидација на некои народи и култури, како што е тоа примерот со американските Индијанци и африканските црнци, но и со други. Кај нас е ист случајот со нив во кампањата за менување на нашето Име, во која тие се најгласни. Тоа се интелектуалци профитери. Тие никогаш не се сетија на македонските доблесни интелектуалци, на пример меѓу двете светски војни и пред тоа, за време на илинденскиот период. Многумина од нив, каков што е тоа примерот и со велешките гемиџии, се враќаа дома со докторски титули од европските универзитети, ставајќи си ја главата во торба за да го охрабрат и да му донесат слобода на својот народ. Тие умееја да ја поткренат европската интелектуална јавност во одбрана на својата татковина. Така, во периодот од 1925 до 1929-та ја направија и ја објавија во весникот „Балканска федерација“ големата анкета со триесетина видни европски интелектуалци за судбината на Балканот и на Македонија. Меѓу нив беше и Алберт Ајнштајн.

Инспириран од оваа анкета, „Македонски манифест“ се обиде да направи нешто слично меѓу интелектуалната елита на Европа и пошироко во светот. За таа цел направив мрежа. Им се обратив за овој проект на многу наши интелектуалци што биле или се во Париз, Лондон, Виена, Мадрид, Рим, Москва… Биле таму како стипендисти, магистранди, докторанди, амбасадори и сл. Но резултатот, драг читателу, од сето тоа беше поразителен. Чиста нула, но не онаа скапоцената, за која пред Европејците, што потоа ја внесоа во математичкиот систем, знаеја само Индусите и Арапите. Се обратив и до Друштвото на писателите, музичарите, до ПЕН, СВП, до некои академици, историчари итн. Ништо. Просто неверојатно интелектуално спокојство и рамнодушност. Чисти будисти. И денес се среќавам со многумина од тие „интелектуалци“ (сега ги ставам во наводници), но мува не ги лази.

А анкетата беше на тема за она што ни се случува: идентитетска смрт со промена на името на што инсистира вавилонската дама Европа. А таа смрт веќе нè зафаќа со оваа петоколонашка влада, нè носи како потоп, кој ни ги брише идентитетските знаци.
Така. Нека ни се живи и здрави, драг читателу, таквите наши „интелектуалци“, тој фарисејски сој од кој народот баш и нема некаква корист. Евентуално само зијан. Во руската литература има една цела галерија интелектуални ликови дефинирани со синтагмата „лишниј человек“ (непотребен, излишен човек) какви што се: Онегин кај Пушкин, Печорин кај Лермонтов, Чацки кај Грибоедов, Обломов кај Гончаров, Базаров кај Тургенев итн. Но за нив другпат. Само тие, иако се излишни (поради околностите во општеството), не се како нашите интелектуалци од фарисејски сој. Напротив, тие ја страдаат ситуацијата во која се наоѓаат, не им недостига етика, и повеќето од нив имаат извонредно прогресивни идеи за кои немаат поле за остварување. А нашите интелектуалци, драг читателу? Јас доста кажав. Кажи нешто ти за нив.