Имунитетот по вакцинирањето останува енигма

596

Досегашните сознанија за ефектите од вакцината се движат во правец на ставот „ако природната инфекција со вирусот може да предизвика одлучен одговор на Т-клетките, тоа би можело да значи дека и вакцината ќе го постигне истото тоа“

Научниците ја истражуваат не само ефикасноста туку и долгорочноста на вакцините

Фармацевтските компании ни влеаја надеж за масовна имунизација од коронавирусот. Но дали една вакцина би нѐ заштитила од инфекцијата за цел живот или само неколку месеци?
Засега информациите за развојот на вакцините звучат одлично. Кандидатите на „Модерна“ и на „Фајзер“ нудат 90-процентна заштита од ковид-19, додека вакцината на „Астра Зенека“ најмалку 70 проценти. Додека внимателно го анализираме животот по пандемијата, надевајќи се дека вакцината само ќе се претвори во лошо сеќавање, главното прашање е колку долго луѓето би биле заштитени од вирусот. За ваков одговор сè уште е рано, бидејќи досега нема долгорочни студии.

Стерилен и клинички имунитет – што е тоа?

Неодамнешното истражување на калифорнискиот институт за имунологија „Ла Јола“, спроведено на инфицирани лица, открило постоење на антитела и Т-клетки (двете главни оружја на имунолошкиот систем кај човекот) најмалку пет месеци по инфекцијата, па дури и кај оние со лесни симптоми.
– Ова се охрабрувачки податоци, имајќи предвид дека нашиот одбранбен систем има неколку различни начини на дејствување. Оваа студија укажува на постоење на стерилен имунитет, односно оној што го уништува вирусот пред да навлезе во клетките. А соодветните вакцини дури би можеле да предизвикаат подобар одговор на антителата отколку природната инфекција – изјави за јавноста Томас Jaкобс од институтот за тропска медицина „Бернард Нохт“ во Хамбург.
Покрај тоа, според Јакобс, одговорот на Т-клетките, односно специфичните лимфоцити за борба против вирусите траел неколку месеци, што укажува на развој на клиничкиот имунитет. Ова значи дека пациентите ќе имаат само мали симптоми, како оние што личат на настинка. Но, врз основа на тоа, не можеме да претпоставиме дека вакцината ќе гарантира доживотен имунитет.
– Овие откритија ветуваат, бидејќи ако природна вирусна инфекција може да предизвика силен одговор на Т-клетките, тоа може да значи дека вакцината ќе го постигне истото тоа – рече Фиона Ват, претседател на Британскиот медицински истражувачки совет во специјализираното списание „Бритиш медикал џрнал“.

Вакцината создава посилен имунитет

Карстен Вацл, имунолог при институтот „Лајбниц“ во Дортмунд, вели дека едно лице обично е заштитено од година до година и пол, по инфекција со помала форма на коронавирусот, како оние што предизвикуваат настинки.
– Но не можете да го споредите имунолошкиот одговор на организмот по природна инфекција со оној што ќе следува по вакцинирањето, бидејќи оваа вторава е многу поефикасна – рече Вацл, генерален секретар на Германското имунолошко друштво, истакнувајќи дека луѓето затоа се надеваат дека вакцините ќе гарантираат подолг имунитет.
Според Jaкобс, за ризичните групи, како што се корисниците на пензионерските домови, поважно е да се создаде вакцина што ќе им гарантира стерилен имунитет, додека за преостанатата популација клиничкиот имунитет веројатно би бил доволен.
Засега не е познато дали вакцината ќе го спречи ширењето на вирусот.
– Во случај на силен одговор на антителата, тоа е малку веројатно – рече Jaкобс, додавајќи дека може да има таков ризик во клиничкиот имунитет, но ќе бидат потребни дополнителни студии за да се утврди тој факт.
Имунологот Вацл вели дека вакцината прво ќе ја смири состојбата на глобално ниво.
– Дури и ако населението е заштитено само две години, секој што сака може повторно да се вакцинира и, без сомнение, повеќе нема да имаме пандемија – рече тој.