Импресионирачки придобивки за здравјето што ги нуди зелката

Честопати зелката е зеленчук што е потценуван и не е толку обожаван во исхраната. Сепак, таа има огромна богата нутритивна понуда за здравјето. Таа припаѓа на групата зеленчуци како што се брокулата и карфиолот. Кај нас се застапени зелената и виолетовата зелка, а може да се консумира готвена или како салата.
Зелката е богата со витамини и минерали.
Доволни ќе ви бидат само овие девет причини, зошто да ја вклучите почесто во вашиот режим на исхрана.

1. Зелката е богата со витамини
Покрај ниското ниво на калории, зелката има импресивен нутритивен профил. Околу 90 грама зелка содржат:
l калории – 22;
l протеини – еден грам;
l влакна – два грама;
l витамин К – 85 отсто од препорачаната дневна доза;
l витамин Ц – 54 отсто од препорачаната дневна доза;
l фолна киселина – десет проценти од препорачаната дневна доза;
l манган – седум проценти од препорачаната дневна доза;
l витамин Б6 – шест проценти од препорачаната дневна доза;
l калциум – четири проценти од препорачаната дневна доза;
l калиум – четири проценти од препорачаната дневна доза;
l магнезиум – три проценти од препорачаната дневна доза.

Зелката содржи и микронутритиенти, како што се витаминот А и железо. Како што може да се забележи богата е со витамин Б6 и фолна киселина, кои се доста важни за нормално функционирање на човековиот организам. Одлични се за енергија, за забрзување на метаболизмот, но и за нормално функционирање на нервниот систем.
Содржи моќни антиоксиданти како што се полифенолите и елементите на сулфурот. Познато е дека антиоксидантите го чуваат телото од штетата предизвикана од слободните радикали. Слободните радикали се оштетувачи на клетките во организмот.
Нејзиното изобилство со витамин Ц, освен што го штити срцето штити и од одредени видови канцер. Овој витамин е одличен за видот, но и во борбата со вируси и грип.

2. Помага при воспаленија
Воспаленијата не се секогаш лоши. Всушност, човечкото тело создава реакција на воспаленијата за да се заштити од инфекции и да го забрза заздравувањето. Па, така, акутните воспаленија всушност се добар одговор на повреда или инфекција.
Од друга страна, пак, хроничните воспаленија што се случуваат подолго време се поврзуваат со многу болести, како што се срцевите но и многу други.
Зеленчуците како што е зелката содржат моќни антиоксиданси за кои веќе е докажано дека го намалуваат хроничното воспаление.
Всушност, истражувањата покажуваат дека јадењето зелка и зеленчук од нејзината група, го намалува воспалението.
Една студија направена на илјада жени од Кина, кои јаделе големо количество зелка, покажала дека тие имаат пониско ниво на воспаление споредено со оние што не јаделе.

3. Зелката е богата со витамин Ц
Витаминот Ц е еден од најважните за човечкиот организам. Потребен е за организмот да може да создава колаген, кој е еден од суштинските за организмот. Колагенот ѝ дава структура и флексибилност на кожата и е круцијален за функционирање на коските, мускулите и крвните садови.
Витаминот Ц помага во апсорпција на железото од храната, но е и моќен антиоксидант, за кој е докажано дека е борец против канцерот.
Овој витамин го штити телото од слободните радикали, за кои веќе дознавме дека се едни од главните причинители на канцерот.
Исхрана богата со витамин Ц се поврзува со намален ризик од заболување од одредени видови канцер.
Неодамнешни студии покажаа дека ризикот за заболување од рак на белите дробови се намалува со секојдневно консумирање витамин Ц.
И виолетовата и зелената зелка се богати со овој витамин, но истражувањата покажуваат дека виолетовата има витамин Ц за околу 30 проценти повеќе од зелената.

4. Ја подобрува дигестијата
Доколку сакате да го подобрите вашето дигестивно здравје, консумирањето зелка ќе ви помогне во тоа.
Овој крцкав зеленчук е преполн со несварливи влакна, кои му помагаат на дигестивниот систем во движењето и празнењето на цревата. Исто така го зголемува и количеството добри бактерии во цревата. Доколку цревата немаат доволно добри бактерии, тогаш доаѓа до опаѓање на имунитетот и до доста помали и поголеми заболувања. Од тие причини, многумина пијат пробиотици, но зелката е дефинитивно најприродниот и најздравиот пробиотик.

5. Му помага на срцето да остане здраво
Виолетовата зелка има моќни состојки познати како антоцијани, кои всушност ѝ ја даваат специфичната боја на оваа зелка. Антоцијаните припаѓаат на фамилијата флавоноиди, односно пигменти, за кои е докажано дека помагаат во намалување на срцевите болести.
Една студија направена на 93 илјади жени, кои внесувале пигментирана храна повеќе од другите, покажала дека тие имале намален ризик од срцев удар.
Друго истражување, кое вклучувало 344.488 лица, исто така е со сличен наод. Внесувањето пигментирана храна го намалило ризикот од срцеви заболувања за пет проценти.
Внесувањето виолетова зелка ќе ви помогне во намалувањето на крвниот притисок.
Зелката содржи повеќе од 36 различни видови антоцијанини, што ја прават одличен избор за срцевото здравје.

6. Го намалува крвниот притисок
Високиот крвен притисок е проблем на повеќе од една милијарда лица низ светот и со тоа претставува главен ризик-фактор за срцеви заболувања и удари.
Докторите најчесто ги советуваат пациентите да го намалат внесот на сол. Како и да е, неодамнешните истражувања покажуваат дека внесувањето калиум во исхраната е од суштинско значење за намалувањето на крвниот притисок.
Калиумот е важен минерал и електролит, кој му е потребен на телото за нормално функционирање. Една од неговите главни функции е намалување на крвниот притисок.
Калиумот што е застапен во зелката може да помогне во намалување на притисокот на артериите што, пак. доведува до намалување на крвниот притисок.

7. Помага при намалување на холестеролот
Холестеролот е восочна супстанција што е застапена во секоја клетка од човековото тело. Некои луѓе мислат дека холестеролот е лош, но е есенцијален за нормално функционирање на телото.
Сепак, зголеменото количество холестерол во телото може и да направи голема штета за здравјето.
Луѓето што имаат зголемено ниво на холестерол имаат зголемен ризик од срцеви заболувања, особено доколку лошиот или ЛДЛ-холестеролот е покачен.
Зелката содржи состојки што го намалуваат нивото на ЛДЛ-холестеролот.
Растворливите влакна со кои изобилува, помагаат во намалувањето на лошиот холестерол.
Една анализа покажала дека луѓето што јаделе од два до десет грама растворливи влакна дневно, имале мало, но сепак значително намалување на нивото на ЛДЛ-холестеролот. Таа е добар извор на растворливи влакна, или околу 40 отсто од влакната што се наоѓаат во зелката се растворливи.
Зелката исто така содржи супстанции наречени фитостероли. Тие се растителни соединенија, кои се структурно слични на холестеролот и го намалуваат ЛДЛ-холестеролот со блокирање на неговата апсорпција во дигестивниот тракт.

8. Зелката е одличен извор на витамин К
Витаминот К е збир од растворливи витамини, кои играат огромна улога во човечкото тело.
Овие витамини се поделени во две групи: витамин К1, кој се наоѓа во растенијата и витамин К2, кој се наоѓа во животинската храна.
Зелката е одличен извор на витамин К1, со што при нејзино консумирање, односно при јадење 90 грама зелка, внесувате дури 85 проценти од препорачаната дневна доза на овој витамин.
Витаминот К1 е клучен нутритиент, кој игра голема улога за човечкото тело. Една од неговите главни функции е регулирање на коагулацијата на крвта. Без овој витамин, крвта ја губи соодветната густина што, пак, е ризик за силни крвавења.

9. Лесно може да ја вклучите во исхраната
Зелката освен што е здрава, лесно може да ја вметнете во секојдневната исхрана. Најдобро е да се консумира свежа, особено како салата. Евтина е, па секој може да си ја дозволи.

[email protected]