Имитација на дом низ делата на Јасмина Руневска

1166

Изложбата „Превдомување“, отворена во Прилеп, е инсталација, имитација на дом преку затворена композиција изработена со метална конструкција и саргии, во вид на кружна соба. Исполнета со објекти, сувенири, звук, светлина, миризби… за да се воведе гледачот во приказната за амбиентална уметност, која преку оваа визуализација на домот раскажува нешто повеќе за идентитетот, традицијата, колективното несвесно

„Превдомување“ е насловот на изложбата на Јасмина Руневска, отворена во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. На уметницата ова ѝ е прва самостојна изложба, а за неа на отворањето зборуваше Бисера Бендевска. Изложбата е инсталација, имитација на дом преку затворена композиција изработена со метална конструкција и саргии, во вид на кружна соба. Исполнета со објекти, сувенири, звук, светлина, миризби… за да се воведе гледачот во приказната за амбиентална уметност, која преку оваа визуализација на домот раскажува нешто повеќе за идентитетот, традицијата, колективното несвесно.

– Селектирањето стари предмети, сувенири, звуци, миризби, поставени во оваа соба претставува еден процес на прераскажување (превдомување) на некогашен/дамнешен дом на другиот. Со откривање нови места за стари објекти, или ставање на искористените предмети во некој друг визуелен контекст, обојувајќи ги со специфичен филтер, или едитирајќи разговори што ги слушаме секојдневно во различни ленти, овие приказни бидуваат преурамени и отворени за повеќеслојни читања. Значењето на асоцијациите што објектите ги имаат останува да биде протолкувано од публиката. Во зависност од нивното искуство, секој објект, звук, или збор си носи различен субјективен референт, па зависно од тоа искуство секој го препрочитува од различна точка на гледиште, т.е. со друга меморија, идентитет или експресија – вели Руневска.

Според неа, „Превдомување“ е претставено преку пронаоѓање ново место, нов дом (дом како приказна, исполнета со спомени, мемории, традиција, заокружена со строго поставени бетонски граници врз метална конструкција) на веќе еднаш удомените приказни, објекти, мебел, писма, мемориии, облека. – Го пренесувам отуѓувањето на луѓето, и повторното удомување. Од една граница во друга. Од еднa адреса на друга. Сосе нив и неколку предмети, објекти, мебел, писма, мемории, идентификации, облека, сапун…. Од еден плакар во друг. Од една соба, во друга. Испишани се претходните мемории врз облеката и сапунот. Сапунот ќе се потроши, ама ќе се сетиме на мирисот. Ќе треба да ја смениме адресата на личната карта, ама ќе ни остане во сеќавање и старата бројка.

Плакарот ќе се смести во нов простор, но на него ќе се гледаат гребнатинките од едно дете, кое ги направило со својата пластична закачалка – сабја. Дрвената рамка со истата фотографија од претходно пак поставена на креденецот, сега е избелена од секојдневното пребришување на прашината – вели авторката за мотивите на своите дела. Според неа, и во удоменоста наоѓаме отуѓеност и во неудоменоста се пронаоѓаме.

– И сите зборови, предмети, слики се обид да дообјаснат, обид да нѐ доближат за да можеме пак да се оддалечиме, да се удомиме, за пак да се оддомиме, да се присетиме – за да заборавиме. Како сè да е во дуализмот, во едното наспроти целото, во јаството наспроти другиот, во малите приказни наспроти големите. И сето ова го имаме во нашата меморија, во сеќавањето. Сеќавањето стои во тесна врска со идентитетот и постоењето на човечките битија. Оттаму, идентитетот го пронаоѓам во сите предмети околу мене, во секое дрво, во секоја ткаенина, во секое ладно парче метал. Тоа го собираме во нашите креденци.

Себично го туткаме да не ’рѓоса, го пребришуваме, ги прередуваме одново и одново – додава авторката. Јасмина Руневска, која е претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп, дипломирала компаративна книжевност (2012) и ликовна уметност – сликарство во 2014 г. во Скопје. Во моментов работи на магистерските по родови студии, а нејзините дела ги истражуваат проблемите на современиот женски идентитет преку меморијата и јазикот.