Фото: и

Верските, но и политичките аналитичари сметаат дека вчерашната посета на Ципрас, која е прва официјална посета на грчки премиер од независноста на Македонија, може да значи и некакво обликување модел за приод кон решавање на сите отворени прашања, а меѓу нив и на црковните односи. Со потпишувањето на спогодбата од Преспа се најавуваше и почнување на процесот за решавање на статусот на МПЦ, особено откако Вселенската патријаршија минатата година прифати да биде носител на тој процес

Процесот за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска архиепископија од страна на Вселенската патријаршија може да биде охрабрен од развојот на позитивната клима меѓу владите на Македонија и на Грција. Иако премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев немаат можност за директно инволвирање во црковните прашања, сепак нивните замисли за тоа како можат да се приближат двете држави, можат да влијаат и во црковните односи, пред сѐ на релацијата со Вселенската патријаршија, а потоа и со Грчката црква во однос на македонското црковно прашање.

Верските, но и политичките аналитичари сметаат дека вчерашната посета на Ципрас, која е прва официјална посета на грчки премиер од независноста на Македонија, може да значи и некакво обликување модел за приод кон решавање на сите отворени прашања, а меѓу нив и на црковните односи. Со потпишувањето на спогодбата од Преспа се најавуваше и почнување на процесот за решавање на статусот на МПЦ, особено откако Вселенската патријаршија минатата година прифати да биде носител на тој процес.

Друг момент за обележување во односите меѓу двете држави, по потпишувањето на спогодбата од Преспа, е што според неофицијалните информации расте интересот на грчките верници за посета на македонските манастири, но и зачестените неформални средби на претставници на МПЦ со Грчката црква. Во функција на создавање клима на конструктивност, аналитичарите ја толкуваат и неодамнешната средба на македонскиот амбасадор во Турција со вселенскиот патријарх. Иако за средбата немаше детали, сепак самиот факт што за таа средба се огласи Вселенската патријаршија, ја потврдува иницијативноста на државните претставници за помагање во процесот за решавање на проблемите на сите полиња.

Во целата еуфорија за приближување на двете влади во контекст на Преспанскиот договор, може ли да се очекува иницијатива од Ципрас и од Заев за признавање на МПЦ, како и за лобирање кај Грчката црква и кај Вселенска патријаршија?! Дали политичката клима што ја негуваат двете влади, може да се рефлектира и врз односите МПЦ и ГПЦ?!

Аналитичарот Петар Арсовски смета дека насоката на движење на ваквите односи меѓу двете земји, во контекстот на Преспанскиот договор, одат во насока на подобрување на црковните односи.

– Сѐ што оди во насока на подобрување на политичките односи ќе значи и подобра клима за состојбите во православието – кратко одговори аналитичарот Арсовски.
Верскиот аналитичар Бранко Ѓорѓевски смета дека црковниот проблем со МПЦ ќе биде тема спомената во разговорите меѓу двајцата премиери, можеби, како што вели тој, не како доминантна тема, туку како израз на желбата добрите односи да се искористат за решавање на проблемите.

– Не може да се очекува дека двајцата политичари ќе дозволат директно да се вмешаат во црковни работи, во смисла да ја повикаат Вселенската патријаршија да ја признае МПЦ. Но сигурно, ќе се ја искажат својата желба да се работи на решавање на овој проблем. Грчкиот премиер има добри односи со вселенскиот патријарх. Неодамна имаа заедничка средба, иако се покажа дека тоа влијание има ограничена можност. Кратко време по таа средба вселенскиот патријарх изјави дека нема да се меша во работите на СПЦ- објаснува Ѓорѓевски.

Сепак, смета дека на црковен план, сега засега, посетата на Ципрас нема да донесе некое значително поместување.

– Но никогаш не пречи да се гради позитивна клима во релациите со Вселенската патријаршија. Состојбите и случувањата во православието не мируваат, постојано се случуваат некои промени и добро е кога во некои ситуации може да се смета на некого – додава аналитичарот.

МПЦ-ОА останува на ставот дека решението на нејзиниот статус е само признавање на автокефалноста во суштинска смисла, зашто црковниот живот во Македонија, всушност, е континуитет од некогашната Охридска архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ-ОА. Минатата година, МПЦ-ОА и Владата испратија писмо до Вселенската патријаршија со барање за заложба за признавање на автокефалноста, на што вселенскиот патријарх изрази подготвеност за решавање на ова прашање.


Грчката црква не се изјасни за признавањето на Украинската црква?

Руската црква остро реагира на одлуката на Вселенската патријаршија, кога на 6 јануари оваа година реши да ѝ го предаде томосот за автокефалност на Украинската православна црква. Кон острите реакции се приклучи и Српската црква. Но Грчката црква воопшто не соопшти официјален став по ова прашање, иако важи за блиска црква до Вселенската патријаршија. Верските аналитичари тогаш имаа поделен став околу оваа состојба. Едни сметаа дека откако Вселенската патријаршија се соочи со отпор од православните цркви по признавањето на Украинската православна црква, ќе се случи забавување на темпото за решавање на канонскиот статус на МПЦ, а другите, пак, сметаа дека ова е охрабрувачки пат за решавање на сите проблеми во православието.