Илузија е Бугарија да смета на бугаризација на Македонците

587

Македонизмот во илинденската епоха низ факти (1893- 1909) (1)

Пишува проф. д-р Михајло Миновски

По потпишувањето од актуелната влада договори со Бугарија и со Грција и деноминацијата на Република Македонија со промената на Уставот, кога двете владини комисии договараат ревидирање на нашата историја (во моментов бугаризирање на Илинденското востание и Гоце Делчев), а со тоа и историското образование и воспитание, сметам за наша должност да објавиме за широката јавност низа документи што одат во прилог на македонската вистина. Да напоменеме дека нашето историско минато е само наше, македонско минато, како такво не може да се менува според желбата на владите потписнички на предметните договори. Да укажеме дека токму во предметниот историски период македонизмот („Македонија на Македонците“) е втемелен трајно во меморијата на македонскиот народ, кој воден од тој свој народен идеал, се бореше за ослободување од поробувачите, од окупаторите, за самостојна македонска држава. Уште подолга и исто толку тешка борба водеше и продолжува за одбрана на националната посебност од насилната деноминација, денационализација и асимилација.

Македонскиот народ со тој свој идеал во Втората светска антифашистичка војна се избори за слобода, создаде своја национална држава (на дел од територијата на својата земја, со учество на претставници од сите нејзини делови), се вброи во редот на слободните народи и се афирмира во цивилизираниот демократски свет како државотворен народ и нација со своето народносно и историско име на земјата (Македонија, Македонци, македонска нација).

По повеќе од седум децении самостојна и независна држава, притаениот внатрешен интелектуален и државен врховизам, одржуван и поддржуван од надворешни фактори, се појави на политичката сцена да ја изврши преземената обврска. Бугарија и Грција, некогашните сојузнички (од времето на Балканските војни кога ја распарчија Македонија), а сега одново сојузени, со моќна поддршка од нивните покровители (поранешни и сегашни) големи сили, привремено ја постигнаа својата столетната цел. Со нив Владата на Република Македонија потпиша договори со кои ѝ даде легитимитет на анексијата на окупираните делови и легалитет за продолжување на спроведуваната денационализација и асимилација на македонското малцинство во нивните држави, со прифаќањето дека нема Македонци, нема македонски национални малцинства и во двете држави. Тоа не е и не може да биде решение за македонското прашање, туку претставува дополнителен тежок проблем.

Бугарија и Грција поставуваат и ќе следуваат дополнителни барања, но не само тие. Нивната неоружена агресија продолжува.

Зошто? Одговорот е еден: генетски всадениот страв од македонизмот, од Македонците („пирејот“) во нивните држави, кои, ете, ги нема за бугарската наука и политика. Дали Република Бугарија со договорот прифати дека нема автентично свое историско минато без „бугарска“ Македонија (од Пирин до Охрид и од Шара до Солун), без „македонските Бугари“ (Кирил и Методиј, Климент и Наум, преродбениците, Гоце Делчев и сите други)? Треба да се потсетат само на изјавата на нивниот министер и академик Иван Шишманов (во 1903-та): „Ако Бугарија смета на бугаризација на Македонците, тоа е илузија“

За Грците. Нема грчки, туку само македонски Македонци во грчката држава. Грција официјално еднаш го призна македонското национално малцинство во државата, ќе мора порано или подоцна да го признае трајно.

За нашата актуелна влада и политичарите. Историското минато не се менува со преземањето на власта. За историското минато „пресудува“ не влада(та), туку независната национална историска наука. Таа го одредува местото во историјата и на владите, и на владетелите, и на политичарите. Во нашиов случај и народот. Македонскиот народ по првиот и по вториот победоносен Илинден своите заслужни водачи и херојски загинати борци (комити и партизани) ги воспеа, а предавниците ги „осуди“ во своите револуционерни комитски и партизански песни. И едните и другите ги овековечи за поколенијата.

Останува нашата (македонистичка) историска наука посветено да ја извршува својата дејност за афирмирање на нашето македонско историско и културно минато, придонес во европската цивилизација.

Во фељтонот што го објавуваме се претставени низа документирани факти од претставници на држави непосредно инволвирани во случувањата што цели четири години беа тука во Македонија, да го реформираат османлискиот режим, за да ја подобрат положбата на македонскиот народ. Тоа се факти (најголемиот дел) на дипломатските, специјални цивилни и воени претставници (и други агенти) на европските големи сили во Македонија, што главно не соодветствуваа (во зависност од околностите и личниот однос) на официјалната позиција и политика на нивните влади, политика на одржување на власта на османлиската држава за чување на мирот во Европа, со жртвување на „еден мал, иако напатен народ“. Тоа е потребно и за да се разбере и „вреднуваат“ односот и постапувањето на тогашни и сегашни нивни претставници спрема македонскиот народ и македонската држава.

Претставени се и факти од бугарски претставници што говорат за македонизмот како посебно движење и како реална појава сто и повеќе години.

Македонизмот со културнонационална компонента се пројави во време на преродбата, а со политичката за времето на големата источна криза во 1970-тите години на XIX век, со Разловечкото востание во 1876 година. Во времето кога беше доведен во прашање опстанокот на османлиската држава на Балканскиот Полуостров. При одлучувањето на целината на балканското прашање на Берлинскиот конгрес во 1878 година, европските големи сили (Австро-Унгарија, Русија, Велика Британија, Франција, Италија и Германија), раководени од своите економски и стратегиски интереси во регионот, ја жртвуваа Македонија за одржување на османлиската држава што подолго. За волја на вистината, со Берлинскиот договор (чл. 23) ја обврзаа на Македонија да ѝ даде статус на привилегирана, автономна провинција. Но не одредија и инструменти за присила за извршување. Тие и по македонското Кресненско востание (1878- 1879 година) не применија мерки на присила за спроведување на обврската од договорот, што беше и нивна задача.

Во наредните децении внатрешната криза во османлиската држава кулминира. Власта во Македонија (и во другите провинции) се одржуваше со жесток терор, насилна експлоатација и ограбување. Нејзиното одржување стануваше неодржливо.
Македонија стана објект на претензии за завладување од Грција, Бугарија и Србија. Македонизмот беше атакуван од грчкиот елинизам и бугарскиот панбугаризам. Трите држави поддржани од европските големи сили, нивни покровителки, издејствуваа признавање на нивни интереси во Македонија, а османлиската држава ги легализира нивните пропагандни црковноучилишни институции. Тие институции раководени од дипломатските агенти и црковни великодостојници се служеа со легални и нелегални средства за да го поделат македонското православно население, да омеѓат реони на влијание и да подготват состојба за идната поделба на Македонија.
Состојба неподнослива.

Во таква ситуација во Македонија, во првите години на последната деценија на XIX век, се одвиваше конспиративна активност на македонски организирани групи за започнување со оружена борба. Во 1892 година група во Солун (економскиот, културен и политички центар на Македонија) подготвуваше создавање конспиративна македонска револуционерна организација. Во 1893 година групата од шест македонски интелектуалци (тројца професори, еден учител, еден книжар и еден лекар): Дамјан Груев (од Смилево), Христо Батанџиев (од Гуменџе, егејски дел на Македонија), Петар Поп Арсов (од Богомила, Велешко), Андон Димитров (од с. Ајватово, егејски дел на Македонија), Иван Хаџи Николов (од Кукуш, егејски дел на Македонија) и д-р Христо Татарчев (од Ресен), на 23 октомври (стар стил) во Солун ја основаа Тајната македонска револуционерна организација. Со поставена цел да го обедини македонскиот народ и сите други незадоволни жители (без разлика на народност и вера) за оружена борба за ослободување и создавање автономна држава Македонија.

Тогаш и во годините непосредно потоа и надвор од земјата македонски организирани групи, друштва и поединци развија културнонационална и политичка дејност, повикуваа на мобилизирање за оружена борба со сопствени сили за ослободување, за автономна или самостојна држава Македонија.

Основачите на Тајната македонска револуционерна организација се сообразија со реалноста дека европските големи сили што беа против револуционерно ослободително движење во Македонија, единствени за одржувањето на целоста на османлиската држава, за статус кво на Балканскиот Полуостров. За легалност пред надворешниот свет се повика на споменатиот чл. 23 од Берлинскиот договор, во Уставот на организацијата внесоа борба за автономија на Македонија. Со конспиративна револуционерна дејност до средината на 1894 година беа основани органи комитети на организацијата во сите поголеми градови. По пристапувањето на Гоце Делчев истата година (кој набргу се издигна до водечка личност, нејзин идеолог и стратег на македонската револуционерна ослободителна борба), организацијата забрзано се ширеше. За две години имаше мрежа од комитети на целата територија на Македонија (од Солун до Тетово, од Сер до Охрид и Преспа), „немаше ниту едно катче што не беше опфатено“. Во годините потоа воспостави целосна структура на органи со функција и на органи на револуционерна власт на тајна држава во државата (утврдени со Уставот: законодавна, Општиот конгрес, судска и извршна власт, оружени сили од постојани чети и чети за посебна намена, народна милиција, тајна полиција). Паралелни органи што ја презедоа власта од органите на османлиската држава, во согласност со стратегијата на Делчев за водење долготрајна оружена борба. Народот подготвен за слободен живот, да се вооружи, со сопствени сили да се бори и да се избори за ослободување и самостојна држава Македонија.

Со таквиот развој на револуционерното ослободително дело, организацијата најави дефинитивен пораз, крај за експанзионистичките планови и стремежи на Бугарија, на Грција и на Србија во Македонија.

(продолжува)