Изложбите, дотерувањето и возењето предизвикуваат стрес кај милениците

106

И крзнените миленици секојдневно се соочуваат со многу стресни ситуации, но немаат начин да покажат како се чувствуваат. За да им помогнете да ги пребродат овие мигови, еве листа на најчестите стресни ситуации за домашните миленици.

Сами дома
Кога се сами дома, вашите миленици се под стрес и се обидуваат на свој начин да ви покажат дека оваа ситуација не им одговара. Тоа го изразуваат преку вокализација кога заминувате, или со некој скршен или оштетен предмет кога ќе се вратите дома. Исто така стресот го покажуваат преку тресење, спуштени уши, лигавење.

Посета на ветеринар
Посетата на ветеринар е многу стресна и за мачките и за кучињата. Ако забележите зголемено лигавење или доколку вашиот миленик ве избегнува, или, пак, има наежен опаш или проширени зеници кај мачките, знајте дека не е воодушевен од посетата на ветеринарот.
Овој стрес може да го ублажите доколку земете некои од нивните омилени предмети или храна.

Посета на салон за разубавување
Доколку вашиот миленик се бори или дури се обидува да ве касне додека сте на третман за разубавување, очигледно дека не ја обожава ситуацијата во која се наоѓа. Најдобро е постепено да го приспособите на ситуацијата, со галење и многу нежност.

Огномет и грмење
Ако сте забележале дека вашиот миленик вознемирено оди низ домот додека надвор има огномет или ако грми, тоа покажува дека е под силен стрес. Со текот на време може да се навикне на овие звуци, но на почетокот може навистина бурно да реагира.

Возење во автомобил
Фотографиите со пес во автомобил што ја извадил главата од прозорецот се повеќе илузија. Возењето во автомобил не им причинува задоволство на милениците, и тоа од две причини – болест на движење, за што се потребни и лекови, и стрес.
Стресот го покажуваат преку лижење, тресење и спуштени уши, кај мачките наежен опаш и проширени зеници.
Доколку сакате да се навикне на возење, оставете го миленикот прво да го истражи просторот, но не во движење. Постепено потоа вклучете го моторот и движете се бавно.

Вдомување на уште еден миленик
Доаѓањето на нов член исто така е тешко за прифаќање на миленикот што веќе е долгогодишен член на семејството.
Дури и двајцата може да се најдат во многу стресна ситуација. Ограничувањето на меѓусебниот контакт на почетокот е добра идеја.

Бебе во семејството
Зголемувањето на семејството со бебе е голема промена. Како најсоодветно да се запознаат бебето и вашиот миленик најдобро е да се посоветувате со ветеринар.

Изложби и натпревари
За голем број сопственици на домашни миленици натпреварите и изложбите се многу важни и сакаат да поминат во најдобар ред. Но мешаницата, големиот број на миленици на едно место и бучавата можат да го вознемират миленикот.
Се препорачува на животните да им се дава „ветбиона“ најмалку три дена пред почетокот на стресната ситуација, кој содржи магнезиум, што го стабилизира нервниот систем на кучето и на мачката.