Изложбата на Мазев – музејски проект на годината

646

Национална галерија на Македонија е еден од добитниците на годинашните награди на конкурсот 18 мај – Меѓународен ден на музеите за особени достигнувања во музејската дејност во текот на 2017 година, кои ги додeлува Македонскиот национален комитет на Меѓународниот совет на музеите (МНК ИКОМ). Наградата е за музејски проект на годината за изложбата организирана во чест на 90 години од раѓање на бардот на македонското современо сликарство, Петар Мазев.

– Овој проект покажа дека неговото творештво не е актуелно само за повозрасните, туку уште повеќе за новите генерации кај кои неговиот ликовен опус, кој опфаќа широк распон на ликовен израз што се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис што ги обединува овие две ликовни експресии претставуваше особено вдахновение. Несомнено, Петар Мазев одигра клучна улога во оформувањето на новиот ликовен израз во македонската современа ликовна уметност и ослободувањето од дотогашните конвенционални начини на ликовно изразување.

Оттука, Националната галерија на Македонија соодветно на неговата големина и значење организираше јубилеј, 90 години од неговото раѓање, кој беше незаборавен настан за македонската ликовна уметност како комплексен проект, кој опфати изложба со своевиден ретроспективен карактер, правејќи пресек на неговото ликовно творештво и соодветно на тоа печатено јубилејно издание со текстови од наши еминентни ликовни критичари. Кураторки на проектот „Петар Мазев, 90 години од раѓањето“ се вишата кустоска Маја Неделкоска Брзанова и кустоската Татјана Бундалевска.