Изложбата за Требениште ја дочека Република Северна Македонија

438
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Покровител на јубилејната археолошка изложба, како што беше напоменато вчера, е Владата на Република Северна Македонија

Интернационалната археолошка изложба „100 години Требениште“ посветена на стогодишнината од откривањето на вредниот истоимен локалитет во близината на Охрид, иако неколкупати досега беше најавувана, сепак ќе биде отворена во почетокот на март во Археолошкиот музеј во Скопје, под покровителство на, како што беше кажано, „Владата на Република Северна Македонија“ и премиерот Зоран Заев. Ова беше соопштено вчера на прес-конференцијата од директорот на музејот, Горан Санев, кој заедно со директорот на Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија, Христо Попов, со претставничката на Народниот музеј од Белград, Татјана Цветичанин и со авторите на изложбата: Перо Арџанлиев, Вера Крстиќ и Крсто Чукалев и редакторката Александра Папазова, говореше за овој значаен заеднички проект, кој се подготвуваше година и пол и во кој беа вклучени голем број стручни лица од трите земји. Наедно беше промовиран и обемен каталог, кој исто така е именуван по светски познатиот локалитет, Требениште.

Патувачката изложба, која ќе содржи над 400 експонати од бронза, сребро, злато, керамика, килибар и стакло, ќе може да се погледне во Скопје до крајот на август, а ќе ги прикаже експонатите од Требениште што се чуваат и во Народниот музеј во Охрид. Потоа ќе биде отворена во Софија, па во Белград, а најверојатно и во археолошките музеи во Париз, Берлин, Виена и во Загреб, за што, како што нагласи Санев, постои голем интерес од тамошната стручна јавност. Оваа јубилејна изложба, која тој ја нарече „веројатно најпосакуваната, најочекуваната и најзначајната за македонската, балканската и европската археологија“ првпат на едно место треба да ги покаже досегашните сознанија за локалитетот каде што случајно во 1918 година е откриена првата златна маска.

– Оттогаш, локалитетот стана светски позната мистерија, која во изминатите 100 години беше континуиран предизвик за многу генерации археолози за да ја откријат вистинската приказна за непознатата аристократија што живеела крај брегот на Охридско Езеро, во 6 век пред нашата ера. На овој предизвик не одолеа ниту нашата генерација, па, така, покрај многуте постојни анализи и опсервации на феноменот Требениште од сите аспекти направени досега, се покажа дека сепак имавме можност и привилегија да ја дополниме оваа приказна со нови податоци – рече меѓу другото Санев.

Тој истакна дека археолозите од Бугарија, Србија и од Македонија заеднички се вложиле во одбележувањето во стогодишнината од откривањето на Требениште, а и неговите колеги археолози од другите две земји нагласија дека сѐ уште нема еден одговор што се случувало таму, и дека оваа изложба е и почеток за понатамошни истражувања со нови технологии и методи на вредниот локалитет.