Изложбата „Во земјата на змејовите“ пристигна во Скопје

79
Во рамките на програмата ќе се организираат и едукативни тури за најмалите

По турнејата во неколку европски града, од 21 март до 21 април, уникатната изложба „Во земјата на змејовите“ е стационирана во Скопје. Сите посетители на „Скопје сити мол“ можат да ја видат и да ја доживеат оваа несекојдневна презентација, а, се разбира, најголем интерес предизвикува кај децата.

„Во земјата на змејовите“ е оригинална изложба, единствената од ваков вид во регионот, во однос на поставката и на изработката. Ги претставува змејовите на сопствен креативен начин и ќе им овозможи на посетителите да се соочат лице в лице со овие неверојатни и мистични суштества.

Змејовите им се добро познати на сите од најмала возраст. Тие се појавуваат низ митологијата, а нивните застрашувачки слики можат да се најдат во многуте приказни што раскажуваат за овие фантастични суштества. Изложбата се состои од огромни скулптури на змејови, џиновски јајца, витешки оклопи и други предмети со кои посетителите ќе ја разоткриваат мистеријата.

Во рамките на програмата ќе се организираат и едукативни тури за најмалите, секој петок од 18 до 20 часот, в сабота и недела од 13 до 15 и од 18 до 20 часот, каде што најмладите посетители ќе дознаат многу нешта за овие чудесни суштества. Ќе има и работилници за деца, кои ќе се одржуваат секоја сабота и недела од 12 часот. 


Дали знаете дека….

Овие митолошки суштества настанале од змија

Змеј, ламја, аждер или ала е фантастично митолошко суштество, кое, според својот, изглед е блиско до змијата, човекот, птицата…. Змејовите били прикажувани различно: со крилја, тело покриено со крлушки, со метални плочки, понекогаш златни, со големи глави и опасни заби, со оган што излегувал од усните, ноздрите, со испакнати очи, кои можеле да имаат и хипнотичка моќ, можеле да имаат повеќе глави, најчесто имале две нозе, опашка и биле различни по големина и боја.
Според народното верување, змејовите настанувале од змија постара од четириесет или сто години, од рибата крап што наполнила четириесет години. Змејот, според некои верувања, настанувал од птица, петел и мисир, кои можеле да се претворат во змеј. Змејот можел да биде роден и како човек (со специфични обележја како новороденче: ципа под скротумот, опашка, заби, шест прсти и др.), се верувало дека таквите деца настанале од врска меѓу змеј и жена. Некаде се верувало дека децата родени по смртта на родителот, или вонбрачните деца можат да се претворат во змеј или им се припишувале натприродни способности, својствени за митолошкото сфаќање за карактеристиките на змејот. Змејот во најголем број народни преданија му припаѓа на машкиот пол (во наративното творештво ретко се сретнува мома-змеј, но со никаков опис не ѝ се даваат карактеристики на змеј, туку таа е опишана како прекрасна девојка), како негово живеалиште се наведувале планините, пештерите, карпите, реките и изворите, кај светите дрвја, најчесто околу дабовите, под земјата.
Иако според преданијата змејовите правеле зло меѓу луѓето, нив им се припишувале и добри дела, заштита на сопствената територија (значи и на народот во неа), борба со алите, аждерите и невремето. Нивните крлушки се сметале за силна амајлија.