Изгубената генерација на Исламската држава

1582

Во затворите во Македонија има лица што издржуваат казна во согласност со кривичноправните прописи за учество во странски паравоени формации во Сирија како и за регрутација на борци. Следната година првата група од нив ќе излезе и ќе биде на слобода. Се направи ли нешто да ги рехабилитираме во затворите, да ги подготвиме за ресоцијализација и за реинтеграција по излегувањето на слобода?

Некогашниот т.н. „калифат“ во Сирија и во Ирак е речиси згаснат. Тоа секако не значи дека и идејата и движењето на ИСИЛ се згаснати. Но, сепак, факт е дека територијата на калифатот, како квазидржава, денес е сведенa на два отсто од некогашната. Иако ИД е блиску до целосниот пораз, зад него ќе остане еден голем проблем. За него малку или воопшто не се зборува, а претставува темпирана бомба. Тоа се децата на борците, кои се распрскуваат низ целиот свет, а некои од нив веќе се враќаат во Европа.
Според најсвежите информации на најголемите и најмоќните безбедносни служби публикувани во јавноста, терористичката организација Исламска држава (ИД) во Сирија и во Ирак, во најголем дел е веќе уништена. Така, на пример, според податоците на американската армија, џихадистите во овие две земји изгубија дури 98 отсто од својата територија. Намерата на сириската, ирачката и на американската армија е многу брзо и со заеднички кооперативен зафат да ги освојат и тие преостанати два процента од територијата.
За да се постигне тоа, според тврдењето на Пентагон, американската војска веќе извршила многубројни напади. Во нив учествувале борбени авиони, хеликоптери, беспилотни летала, ракети и тешка артилерија. ИД, како што истакна портпаролката на Пентагон, Дана Вајт, „е скршен и разбиен“. Меѓутоа, таа работа не е завршена докрај. Сега е важно да се обезбеди теренот за „ИД никогаш повеќе да не може да се издигне“, додала таа.

Меѓутоа, главната цел сепак е потешко да се постигне. А имено тоа се целосно елиминирање на последиците на идеологијата во која се вградени терористички методи на дејствување. Пентагон истакнува дека „ИД е долгорочна организација, која обезбедува континуитет низ системот на франшизи. Иако пропадна обидот за воспоставување калифат, сведоци сме на настаните низ светот што се поврзани со ИД“.
– Светскиот „бренд“ ИД со физичкиот пораз на калифатот го губи својот сјај, а сведочењата за грозотиите од животот под владеење на ИД придонесуваат за таквиот развој на настаните – се вели во процената на Пентагон.
Од друга страна Ал џезаира тврди дека ИД сѐ уште не е поразен. Таа тврди дека џихадистичката организација се враќа во својот стар организациски облик во вид на герилски борби.
– И натаму голем број доброволци се обидуваат да се приклучат во редовите на ИД, иако имаат тешкотии да ја минат добро обезбедуваната турска граница со Сирија, границата што порано џихадистите лесно ја минуваа – тврди Ал џезаира.

Најгорлив проблем во целата ситуација се идеолошкото и психолошкото наследство на ИД на териториите што ги контролираше оваа терористичка организација. Поточно децата и младите. Факт е дека ИД на тие територии владееше малку повеќе од три години. Меѓутоа, за младите луѓе три години се долг временски период, особено за деца што во најрана возраст трпеле или биле сведоци на насилството на џихадистите, на брутални јавни казнувања и погубувања. Младите за тоа време, наместо читање и пишување, учеа како се ракува со оружје

Стигнува една изгубена генерација од ИД

Но, најгорлив проблем во целата ситуација се идеолошкото и психолошкото наследство на ИД на териториите што ги контролираше оваа терористичка организација. Поточно децата и младите. Факт е дека ИД на тие територии владееше малку повеќе од три години. Меѓутоа, за младите луѓе три години се долг временски период, особено за деца што во најрана возраст трпеле или биле сведоци на насилството на џихадистите, на брутални јавни казнувања и погубувања. Младите за тоа време, наместо читање и пишување, учеа како се ракува со оружје.
– Големи се шансите дека таму стигнува една изгубена генерација – изјави Надим Хури, експерт за тероризам од „Хјуман рајтс воч“. Притоа и многу возрасни ќе имаат тешкотии зад себе да го остават времето под владеење на ИД.
– Ним тешко им паѓа соочувањето со минатото – додава тој.

Изгубената генерација стигнува и во Европа, како и што со нив?

Проблемот на „изгубената генерација“ што ја произведе ИД во поинаква форма наскоро би требало да пристигне и во Европа. Станува збор за стотици деца што родителите ги однеле во Сирија и во Ирак или, пак, таму, во редовите на ИД, биле родени. Сѐ уште не е јасно на кој начин европските држави ќе се справат со овие деца. Ситуацијата се разликува од земја до земја.
Белгија, на пример, на децата помлади од десет години им дозволува непречен влез во земјата. Предуслов за тоа е земањето ДНК-примерок, за да може да се докаже дека се тоа всушност деца на белгиски борци во ИД.

Минатиот декември три деца на борци во ИД со француски пасоши беа вратени со авион во Париз. Дотогаш тие се наоѓаа во притвор на ирачките власти.
Во Холандија таквите деца начелно можат да се вратат од странство. Меѓутоа, тамошната влада нема намера да им овозможи добивање холандско државјанство.
И Германија сака да овозможи враќање на германските борци од ИД. Но, веќе сега припадниците на Службата за заштита на уставниот поредок укажуваат на потенцијалните опасности, особено по прашањето на повозрасните деца.
– Гледаме опасност во тоа што децата на џихадистите од воените зони во Германија се враќаат исламистички специјализирани и во согласност со тоа идеолошки насочени. На тој начин тие овде можат да бидат искористени за создавање нова генерација џихадисти – изјави директорот на службата, Ханс Георг Масен.

А каква е состојбата на овој план во Македонија?

Побаравме изјава од Афродита Муслиу, претседателка и основачка на „Нексус – граѓански концепт“, невладина организација што има богато искуство токму со оваа проблематика.
– Факт е дека во нестабилниот регион каде што се одвива граѓанска војна, на подрачјето на Сирија и на Ирак, по преземените воени акции на светските и регионалните играчи, ИД е војнички поразен. На терен нивните борбени ефективи се нефункционални. Како резултат на тоа експертите за тероризам најверојатно ќе коментираат дека нивните капацитети за извршување напади во Европа се ограничени, но сепак активни. Ние како невладин сектор не се занимаваме со аспектот на контратероризмот, затоа што борбата против тероризмот им е оставена на државите, коалициите и нивните институции. Во моментов го следиме феноменот на повратниците од два аспекта: првиот е аспектот на повратниците и нивната судбина, а вториот, е хуманитарниот. Вториот аспект опфаќа и лицата што можеби директно не учествувале во борбените дејства.

По однос на првата точка, Македонија како и многу држави од регионот и ЕУ направи измени во Кривичниот законик во септември 2014 г., со кои, оние што се вратија до тој период не се гонат кривично, додека, пак, другите што останаа, се враќаа или евентуално би се вратиле, во согласност со актуелната кривично правна регулатива ќе бидат санкционирани.
По однос на втората точка, мислата ме води во правец на она што многу се коментира во последно време, дека во бегалските кампови и во затворите во зоните, кои курдските групации ги наследија по поразот на ИД во споменатиот нестабилен регион, се наоѓаат многу жени и деца на борци на ИД и на Ал нусра, кои бараат да се вратат во своите матични држави, а меѓу нив голема е веројатноста дека има и од Македонија.
Е сега тука, се појавува дилемата кај нас како невладин сектор кој е планот на државата, дали ќе ги преземе сите или ќе ги остави на судбината во тој регион. Тука мора да имаме предвид дека што и да се случило, тие се државјани на Македонија. Затоа, сметам дека не треба да ги чекаме чекорите и реакциите на другите држави во регионот како ќе постапат за ние да го следиме нивниот пример. Најверојатно нашите институции имаат податоци дали меѓу тие жени има и такви што се бореле или, пак, се работи за жени што ги следеле своите мажи и заминале во тој регион, а има и такви примери на склучување бракови во Сирија и во Ирак – објаснува Муслиу.

Таа додава дека на институциите е да работат и да проценат дали овие жени се бореле на страната на ИД, а на невладиниот сектор останува да го гледа хуманитарниот и реинтегративнот процес. Покрај за жените, таа зборува и за децата, бидејќи тие деца не се виновни што нивните родители ги однеле или, пак, некое се родило таму.
– Овде се поставува дилема, дали ние како општество ќе ги отфрлиме, маргинализираме, заборавиме или реинтегрираме. Во овој правец, ги слушаме коментарите на нашите сограѓани, но и искуствата во регионот, кои се движат во правец дека тие не ни требаат назад, други, пак, велат, што барале што заминале таму, но повторно ќе кажам тие се наши државјани како и други, кои се државјани на други држави. Сметам дека треба да се вратат и да работиме со жените, а особено со децата затоа што тие заслужуваат втора шанса. По однос на прашањето на повратниците, морам да истакнам дека досега во Македонија не е изградена посебна стратегија или концепт за дерадикализација, иако ние како невладина организација сме заинтересирани за вакво нешто. Освен прашањето за дерадикализација од особено значење се и ресоцијализацијата и реинтеграцијата на ваквите лица, кои се одлучиле да заминат и да војуваат на толку далечни територии. Ние како невладин сектор ги истражуваме мотивите што ги поттикнале овие лица да заминат и да се борат во нестабилниот регион, се обидуваме да дознаеме за она што го доживеале и преживеале за време на престојот таму, за да потоа ги најдеме соодветните механизми како тие лица најсоодветно да се ресоцијализираат и реинтегрираат во нашето општество – додава претседателката на „Нексус“.

Притоа таа укажува и на фактот дека во затворите во Македонија има лица што издржуваат казна во согласност со кривичноправните прописи за учество во странски паравоени формации во Сирија како и за регрутација на борци. Следната година првата група од нив ќе излезе и ќе биде на слобода, и таа како претставник на невладиниот сектор јавно прашува, што направивме за да ги рехабилитираме во затворите, да ги подготвиме за ресоцијализација и за реинтеграција по излегувањето.
– Би сакала да напоменам дека работата со ваква категорија лица бара посветеност, бара голема експертиза, потребни се финансиски средства и пред сѐ размена на искуства со други поразвиени држави и меѓународни институции, кои веќе се соочиле со ваков проблем.
Не е обична работа што може да ја спроведува која било невладина организација или експертска група, која во минатото спроведувала проекти од најразличен карактер во делот на демократизација на општеството, градење на капацитетите на институциите, креирање политики, бидејќи навистина се работи за сензитивна тема и посебна категорија на лица. Ме радува, што кај нашата влада односно кај Националниот комитет за справување со насилен екстремизам и борба против тероризам на Р. Македонија има интерес за соработка со невладиниот сектор на овие проекти. Исто така, и меѓународните донатори покажуваат интерес и желба да поддржат и финансираат вакви проекти, за кои се бара внимателност и вистинска посветеност на партнерите за решавање на проблемот што постои во нашето општество – укажува експертката Афродита Муслиу. П.Р.