Изградбата на добар имунитет е трка на долги патеки!

261

Есенско-зимскиот период традиционално носи зголемен број болни во лекарските ординации и аптеките, најчесто од респираторни заболувања на горните дишни патишта. Главната причина за тоа лежи во падот на нашиот имунитет. Имунитетот е природна или стекната физиолошка способност на организмот да се брани од штетните надворешни дејства. Во овој период од годината голем број фактори придонесуваат нашиот имунитет да ослабне. Времето е променливо и влажно, утрата се студени, а во текот на денот се потиме, што е идеална подлога за разни настинки. Деновите стануваат пократки, бројот на сончевите часови се намалува, а загадувањето на воздухот се зголемува. Ако на ова додадеме дека сѐ повеќе време поминуваме во затворен простор и имаме намалена физичка активност, станува сосема јасно дека сме многу поподложни на разни инфекции отколку во летниот период. Веројатно секој од нас посакува добро здравје и сака да ги сведе на минимум деновите прележани во кревет поради болест. Сепак, во нашиот код е да дејствуваме кога веќе сме се разболеле, наместо да направиме превенција преку соодветно засилување на нашиот имунитет. Мора да бидеме свесни дека изградбата на добар имун одговор не се прави со пиење неколку „магични“ таблетки. Тоа е долготраен процес, кој започнува уште во раното детство, и се гради преку формирање навики за правилна исхрана и здрав животен стил, а дури како надградба на оваа база може да следува повремено (сезонско) превентивно користење соодветни додатоци во исхраната на база на пробиотици, бетаглукани, витамини и минерали.

За да може нашиот имун систем соодветно да одговори на патогените, неопходно е да имаме високо ниво одбранбени клетки (леукоцити) во организмот. Ова се постигнува во прв ред со добро избалансирана исхрана богата со интегрални житарки, свежо сезонско овошје и зеленчук и висок внес на вода (2-3 литри дневно). Сепак за да може организмот да се избори со специфични предизвикувачи на болести (бактерии и вируси) неопходно е да креира соодветни антитела, кои се создаваат како резултат на контакт со патогените. Антителата служат за високоспецифично препознавање антигени и нивно отстранување, како и за памтење на еднаш внесените антигени. Затоа, за да не се разболиме или болеста да има поблаг тек, значајно е да имаме претходно создадени антитела во организмот, кои се врзуваат со бактериите и вирусите и на тој начин го спречуваат инфицирањето на клетките.

Поради ова корисно е редовно да се внесуваат специфични видови пробиотици (пр. Bacillus subtilis), кои организмот ги препознава како антигени и почнува имунолошка реакција за заштита на организмот од инфекции. На овој начин пробиотиците го стимулираат развојот на нашиот имун одговор без да го инфицираат нашиот организам, пред сѐ преку значајно покачување на концентрацијата на IgA (имуноглобулин А) во цревната и респираторната слузница. Со ова придонесуваат за спречување или скратување на респираторните и стомачните инфекции. Освен тоа, за добар имун одговор особено е значајно во организмот да имаме соодветни нивоа на витамините Ц и Д, како и на минералот цинк.

Витаминот Ц го има во високи концентрации во леукоцитите, при што го стимулира зголемувањето на бројот на неутрофили, моноцити и Т-лимфоцити при имунолошките реакции. Поради ова многу се троши во текот на инфекциите и, во случај на болест, се препорачува внес до 1 г витамин Ц на ден, а во превентивни цели околу 200 мг дневно. Витаминот Д има антиинфламаторно дејство и влијае на растот и диференцирањето на имуномодулаторните клетки, поради што е многу корисен за превенција од инфекции и алергии. Бидејќи неговото производство во организмот е директно поврзано со изложување на сонце, важно е да ги користиме сончевите есенски денови за движење во природа. Цинкот, од своја страна, е клучен за диференцијација на Б и Т-лимфоцитите и ги поттикнува леукоцитите да отидат на местото на инфекцијата. Затоа, во смисла на превентивно засилување на имунитетот, треба да се внесува во дневни количества од 10 мг. Доколку веќе одлучиме да вршиме засилување на нашиот имунитет со додатоци во исхраната што содржат некои од гореспоменатите компоненти, треба да ги користиме правилно и доволно долго. Тоа подразбира користење имуностимуланси барем три месеци во континуитет двапати годишно, најдобро во следните периоди: септември-ноември и февруари-април.
На крајот, но не и помалку важно, за спречување на инфекциите треба да одржуваме добра хигиена на рацете со темелно миење со антибактериски сапуни, како и на респираторната слузница со промивање со спреј од хипотоничен NaCl и, секако, избегнување загаден воздух и простории во кои се пуши.

Доколку, сепак, се разболите, никако немојте да користите антибиотици на своја рака! Антибиотиците не се ефикасни при настинка, грип и вирусни инфекции, туку само ја нарушуваат дигестивната микрофлора и го ослабуваат вашиот имунитет. Не заборавајте дека одењето болни на работа и носењето болно дете во градинка не само што е одраз на здравствена некултура туку и претставува ризик по вашето здравје и здравјето на другите!

Авторот е м-р по фармација и топедукатор