Изгорени од сопствената неорганизираност

512

Пожарите ги имало, ги има и ќе ги има и во иднина во овој период од годината. Но се чини годинава сме сведоци на „нов“ начин на кој се информира за овие настани, во кои е нагласено присутен и елементот на „политичка драматизација“. Ова беше дополнето и со непотребното ширење паника преку социјалните мрежи и повиците на градските деца на „самоорганизација“. Во такви околности, очекувано беше да се видат и политичари облечени во бели кошули, некои и во спортски маички и патики, како од далечина ги гледаат пламените што се надвиснуваат над Кочани, но и на слики од „загрижен“ портпарол на опозициска партија

Грција нареди нова евакуација на населението од селата во северниот дел на островот Евија, кои се опфатени со големи пожари. Пламените јазици се високи 30-40 метри во бороваta шума. Тројца пожарникари се повредени. Пожарот брзо се прошири и голем број куќи на тој остров се уништени. Горат и предградијата на Атина. На островот Евија, околу 200 километри источно од Атина, во вторникот изби голем шумски пожар, кој уништи стотина куќи и над 25.000 хектари борова шума. Во Турција, пак, пожарот што беснееше во провинцијата Мугли стигна до термоцентрала, па затоа во средата вечер беше наредена евакуација на вработените. Во моментов, 160 пожари се под контрола, но избија неколку нови. Турција со денови се бори со силните огнови. Едно лице го загуби животот во пожар во Ново Село, на околу 50 километри од Приштина. Во Пехчевско (Македонија), пожарот се проширил кон патот Делчево – Пехчево и зафатил дел од блиската шума во атарот на селото Црник, а поради новонастанатата ситуација повторно е во прекин сообраќајот во правецот од Делчево кон Пехчево.
Ова се поважните информации од дневниот „пожарникарски“ билтен за земјите од Балканот што летово се соочуваат со голема огнена стихија, која се шири неконтролирано и брзо, поради високите температури што деновиве го зафатија целиот Балкански Полуостров. Состојбата е најкритична во некои делови од Грција, а поради огнот во предградието на главниот град Атина беше издаден аларм да се евакуира населението! Турските противпожарни служби со денови се обидуваат да ги скротат пламените јазици, кои опасно се приближија до важна електрична постројка. И во Македонија постоеше ризик огнот да се пренесе и во централните реони на Кочани. За среќа, огнот е изгаснат и поминавме „само“ со два изгорени покрива и друга висока и нискостеблеста маса, како што знаат да нѐ информираат од службите против елементарни непогоди!.

Воведот на овој коментар не случајно е даден со краток преглед за најважните информации за пожарите во регионот. Секој може да направи споредба за силината на оваа елементарна непогода, која по правило се случува во поголем или помал обем во земјите од Балканот. Пожарите ги имало, ги има и ќе ги има и во иднина во овој период од годината. Но се чини годинава сме сведоци на „нов“ начин на кој се информира за овие настани (ова особено важи во Македонија), во кои нагласено е присутен и елементот на „политичка драматизација“. Ова беше дополнето и со непотребното ширење паника преку социјалните мрежи и повиците на градските деца на „самоорганизација“ за собирање теренски возила за да се спасат последните преостанати жители во зафрлените и одамна заборавени села, од каде што нивните родители заминале пред многу години! Во такви околности, очекувано беше да се видат и политичари облечени во бели кошули, некои и во спортски маички и патики, како од далечина ги гледаат пламените што се надвиснуваат над Кочани. На ова следуваа и слики од „загрижен“ портпарол на опозициска партија, кој искачен на некоја височина со рака покажува на хоризонтот како гори некоја шума, проследено со познатиот коментар за „неподготвеноста на власта за справување со пожарите“.
Невообичаено жестоките и многубројни шумски пожари во Грција, Турција, Македонија, но и во други земји во Јужна и Југоисточна Европа, според експертите, се последица на климатската криза и глобалното затоплување, кои ги зголемуваат и бројот и интензитетот на топлотните бранови и шумските пожари. Но дали е само промената на климата причина за појавата на големиот број пожари и за големата материјална штета на луѓето и за изгубената флора и фауна, за која ќе бидат потребни години повторно да се обнови тоа што е уништено во пожарите? Сомневањата за подметнување на пожарите се повеќе од оправдани и затоа ќе биде потребно безбедносните служби да ги пронајдат предизвикувачите на пожарите.

Прогласувањето вонредна состојба може да се смета само за некакво „алиби“ пред граѓаните за покривање на сопствените слабости во справувањето со пожарите. Понудената помош од Словенија, Србија, Бугарија и Грција е за поздравување и е добредојдена, но само доколку огнената стихија е од катастрофални размери. Затоа е потребно повеќе да се посветиме на слабостите на нашиот противпожарен систем.
Дотолку сме способни и кадарни како држава!?

Но тоа што е повеќе од потребно е да се обезбеди силен и функционален одбранбен систем од последиците од појавата на елементарните непогоди. Последните случувања со пожарите во земјите од Балкан уште еднаш ја потврдија потребата од формирање единствен и заеднички регионален центар за справување со пожари. Оваа иницијатива, која беше спомената во рамките на мини-шенгенот, кој се преименува во Опен Балкан, е добра, но и по две години таа сѐ уште е на ниво на некакви декларативни заложби и желби на политичките лидери на Албанија, Србија и Македонија. Другите внатрешни проблеми, неопременоста на противпожарните служби и за затајувањето и недоволната координираност на институциите во гаснењето на пожарите, ќе треба поскоро да си ги надминеме и решиме. Прогласувањето вонредна состојба може да се смета само за некакво „алиби“ пред граѓаните за покривање на сопствените слабости во справувањето со пожарите. Понудената помош од Словенија, Србија, Бугарија и Грција е за поздравување и е добредојдена, но само доколку огнената стихија е од катастрофални размери. Затоа, потребно е повеќе да се посветиме на слабостите на нашиот противпожарен систем. Дотолку сме способни и кадарни како држава!?