Извозот – спас за земјоделските производи

242

Главен проблем со кој се соочува македонското земјоделството е пласманот на земјоделските производи, односно на храната. Владата би требало да посвети посебно внимание на овој проблем. Во кабинетот на премиерот има шеесетина советници, специјални советници, координатори, но, нема ниеден трговец, поточно комерцијалист што знае есап и кој би знаел како да го организира извозот на земјоделски производи. Во повеќе наврати укажував на значењето на организацијата за извоз на земјоделски производи. Благодарејќи на богатото искуство со организацијата за пласман на цвеќе, Холанѓаните купуваат цвеќе во Калифорнија (Америка) и истото тоа го продаваат на американскиот пазар, но, исто така, и на странски пазари.

Пласманот на земјоделските производи може битно да се унапреди со формирање агроберза. Македонската агроберза би требало да се формира по примерот на агроберзата во Варшава, која е огромна и на неа се пласираат големи количества земјоделски производи. Оваа берза има регионален карактер и во сезоната во неа дневно влегуваат и излегуваат 10.000 камиони од Полска и од соседните земји. Македонската агроберза би можела да се формира на основа на јавно-приватно партнерство и истата таа би требало да биде лоцирана блиску до меѓународниот аеродром „Скопје“ и покрај автопатот Е-75. Ваквата локација би овозможила лесен пристап на заинтересираните домашни и странски компании на берзата, како и авионски транспорт на некои повредни земјоделски производи и на производи што бараат брза испорака на странски пазари. Имајќи предвид дека во регионот не постои агроберза, нашата агроберза би имала регионален карактер и на неа како купувачи или како понудувачи би можеле да учествуваат и компании од соседните земји.

Треба да се направи програма за финализација на овошјето и зеленчукот. Покрај познатите проблеми околу пласманот на многу земјоделски производи, во последните години се јавуваат големи тешкотии околу пласманот и на јаболкото. Се најавува дека околу 50 илјади тони јаболка од регионот на Преспа ќе завршат во ендеците, односно во каналите за наводнување и во Преспанско Езеро што ќе предизвика еколошка катастрофа. Со преработка на јаболкото може да се добијат: квалитетен јаболков сок, јаболков оцет, сушени резанки (шушелки) и пектин, кој го користат спортистите како стимулативно средство, но нема третман на дрога!

Високоразвиената алпска Швајцарија произведува околу 300 илјади тони јаболка годишно, што е трипати повеќе од производството на јаболка во преспанскиот регион! Постои потреба за преструктурирање во производството на овошје така што приоритет би требало да му се даде на производството на овошје како што се црешите, вишните и слични производи. Во производството и извозот на малини Србија е една од водечките земји во светот. Може ли нашата држава да се нареди меѓу значајните извозници на цреши, кои можат да поднесат и авионски транспорт? За време на посетата на македонска владина делегација на Тајван во јуни 1999 година, гостите беа послужени со сладолед со една цреша на врвот. На прашањето дали црешите се нивен производ или се увезени, домаќините одговорија дека црешите се увезени од САД!
Имајќи предвид дека во нашата држава не постои министерство за надворешна трговија, доколку се добро екипирани, Министерството за надворешни работи (МНР) и дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП) во странските земји, можат да имаат мошне важна улога во пласманот на земјоделски, но, и на други производи на странските пазари. Меѓутоа, по осамостојувањето на нашата држава на чело на македонската дипломатија беа поставени луѓе што немаа какво било искуство ниту знаење од реалната дипломатија и уште помалку од областа на надворешната трговија и воопшто од економијата.

Владата што дојде на власт во 2006 година, наместо на извозот, сите „карти“ ги стави на странските инвестиции. Во почетокот назначи двајца министри за странски инвестиции, а подоцна нивниот број се зголеми на 5-6 вакви министри. Беа назначени неколку десетини привлекувачи на странски инвестиции, кои придонесоа и за познатиот скандалозен случај со Субрата Рој. Македонските амбасадори добија нормирана задача секој месец да контактираат најмалку 10 менаџери на странски компании. Кога согледаа дека странските инвестиции не можат да бидат панацеум за решавање на нашите економски проблеми, привлекувачите на странски инвестиции беа промовирани во промотори на извозот на македонски производи. Откако согледа дека ефектите од работата на промоторите се минимални, а трошоците за нивното функционирање се доста големи, актуелната македонска влада најави формирање на три центри, кои би ги покривале најважните земји во трите фаворизирани региони!
ДКП на странските земји во нашата држава би можеле да имаат мошне важна улога во унапредувањето на економската соработка со нивните матични земји. Македонските власти, за жал, не го разбираат тоа и не знаат како да ги користат услугите на странските ДКП во нашата држава!

Авторот е поранешен дипломат