Игор Јосифов во Моклиште ќе создава уметнички центар

1315
Игор Јосифов со свое дело на биеналето во Tашкент

Мултимедијалниот уметник што се врати од биеналето во Ташкент се подготвува за учество на Венециското биенале во 2019 година

Мултимедијалниот уметник Игор Јосифов се врати деновиве од Ташкент, Узбекистан каде што учествуваше на 8-то Меѓународно биенале за современа уметност по покана од Европскиот културен центар. Го лоциравме во месноста Моклиште, Кавадаречко каде што во своето ателје ги средуваше и впечатоците од реализираниот перформанс во Узбекистан.

– Биеналето во Ташкент за мене беше незаборавно искуство, воодушевен сум од Узбекистан, од нивниот пречек и организацијата. Имаше шест павилјони во најважните музеи за уметност и институциите на оваа земја, во Ташкент и во Бухара. Јас се претставив со два проекта. Во Државниот музеј за уметност на Узбекистан ја реализирав својата нова инсталација „Разјаснување/парчиња стакло“ каде што инсталирав стаклени скулптури и видeoпроекции на истите тие како се кршат во различни елементи. Додека во Националната галерија за уметност на Узбекистан имав неверојатен простор за време на официјалното отворање каде што се претставив со перформансот „Огнот внатре“. Ми направија огромна чест со централната локација, која перфектно се совпаѓаше со делото на кое работев со оган – вели тој.

Во просторот каде што се наоѓа неговото ателје во Моклиште, кое е надвор од градската врева, Јосифов планира наскоро да биде отворен и уметнички центар.
– Уметнички центар инспириран од моите искуства како „резиденцијален уметник“ во врвни уметнички центри како што се „Јелоустон арт мјузеум“ во Билингс Монтана и „Ватермил“ на Роберт Вилсон во Њујорк каде што сѐ функционира одлично и има движење и соработка на врвни уметници, кои доаѓаат да творат или да размислуваат за следниот проект. Имам можност да го реализирам тука и би сакал да ги споделам моите искуства, а и контакти со врвни светски уметници, куратори и креативни професионалци, кои веќе го потврдија своето учество во 2019 година, меѓу кои и студенти и професори на „Монтана стејт јуниверсити“. Овој центар ќе биде од огромно културно значење за Македонија, а и глобално ќе функционира светски и ќе биде пример за такво функционирање – рече тој.

Поканет од истиот Европски културен центар, Игор Јосифов ќе учествува и на Венециското биенале во 2019 година.
– На Венециското биенале ќе претставам проект во Палацо Мора, кој ќе се трансформира за време на траењето на биеналето чие официјално отворање е на 11 мај, а ќе трае до 24 ноември.

Ќе имам инсталации, перформанси и исто така првпат ќе претставам дела што ќе бидат симболично поврзани со новиот проект, кој се однесува на авторските права и заштитата на истите тие, кои мора да се адресираат, а се рефлексија на тоа што се случува во денешниот свет што го живееме – рече тој, истакнувајќи дека учеството на ова биенале за него е огромна одговорност, а му се случува во многу важен момент во животот и кариерата.

Моклиште, дел од просторот за идниот уметнички центар

– Конечно излезе конкурсот за Венециското биенале за претставување на Македонија, кое ќе се одржува на темата „Живеј во интересно време“. Јас ќе аплицирам и се надевам дека ќе ја претставувам Македонија во 2019 година и идеално би било претставувањата да ги спојам во една богата и содржајна презентација, која ќе остави впечаток на светско ниво, а со тоа сите ќе имаме бенефиции. Официјалните резултати би требало да се знаат за еден месец – рече Јосифов.

Тој повеќе од 13 години студираше и живееше во Сан Франциско, а повремено доаѓаше во Македонија каде што и го презентираше своето творештво. Запрашан како во овој период му изгледа земјава со оглед на забрзаните политички случувања, Игор Јосифов го изнесе својот став.

– Имав можност да учествувам на историски значајни изложби во топ-музеи и уметнички фестивали во светот. Знам како треба таквите институции да функционираат, затоа е многу важно во овој период на промени, неизвесност и опседнатост со политика во Македонија, народот да се фокусира на проекти и настани што ќе го инспирираат. Луѓето да го оттргнат своето внимание од политиката и да се посветат на работа со себе. Само така може да се воздигнеме од сите негативни вести што секојдневно ги процесираме. Јас верувам дека Македонија може да биде важен центар за современа уметност, имаме неверојатно талентирани луѓе што можат многу да придонесат – рече тој.

Досега, како што вели самиот, локалната власт во Кавадарци, неговиот роден град, без разлика на политичките гарнитури не му поддржала проекти. Јосифов се надева дека овој пат ќе му излезат во пресрет и ќе го поддржат неговото учество на биеналето во Венеција, но и најавениот уметнички центар, кој, според овој мултимедијален уметник, треба да придонесе многу за културата. Учеството на биеналето во Венеција во 2019 година, засега го поддржала само винарницата „Тиквеш“.