Зошто шумското овошје е меѓу најздравите овошја на светот

Шумското овошје е едно од најздравите на светот. Освен што е вкусно и нутритивно, со неговото консумирање ќе добиете импресивни здравствени придобивки.

Ќе наброиме неколку причини зошто треба да консумирате шумско овошје.

*Богато е со антиоксиданти, кои ги држат слободните радикали под контрола

Слободните радикали се нестабилни молекули, кои се корисни во минимални количества, но можат да направат штета на клетките доколку ги има во големи количества, предизвикувајќи оксидативен стрес.
Шумското овошје е богато со антиоксиданти, како што се антоцијани, елагична киселина и ресвератол. Во борбата за зачувување на ќелиите, овие антиоксиданти можат да го намалат ризикот од многу болести.
Една студија покажала дека бобинките, боровницата, аронијата и брусницата имаат највисоко ниво на антиоксиданти.
Други студии, пак, покажаа дека антиоксидантите што ги има во шумското овошје, може да го намалат оксидативниот стрес. Така, на пример, една студија покажала дека мажите што консумирале порција од 300 грама боровинки, биле позаштитени од оштетување од слободните радикали.

*Може да помогне во борбата со шеќерот

Шумското овошје помага во намалувањето на шеќерот во крвта, ја зголемува чувствителноста на инсулин и ги штити клетките од висок шеќер. Овие ефекти се забележани кај здрави, но и кај болни лица.
Едно истражување покажало дека 150 грама јагоди или мешано шумско овошје довеле до намалување на нивото на инсулин во организмот.
Во едно шестнеделно истражување, луѓе со зголемена телесна тежина што имале отпорност кон инсулин, а кои, пак, пиеле сок од боровинки двапати дневно, имале подобрување во прифаќањето на инсулинот во организмот.

*Богато е со растителни влакна

Шумското овошје е одличен извор на растителни влакна, вклучувајќи ги и растворливите растителни влакна. Истражувањата покажуваат дека луѓето што консумираат повеќе намирници со растворливи растителни влакна, имале намалено чувство за глад. Со тоа може да се доведе до помал внес на храна и контрола на телесната тежина.
Растителните влакна помагаат во намалување на бројот на калории што се апсорбираат во случај кога се мешаат повеќе видови јадења. Една студија покажала дека дуплирањето на внесот на растителни влакна може да му помогне на организмот да апсорбира 130 калории дневно.

Стотина грама малини содржат 11,9 грама јаглехидрати, од кои 6,5 се влакна.
Стотина грама капини содржат 10,2 грама јаглехидрати од кои 5,3 се влакна.
Во стотина грама јагоди има 7,7 грама јаглехидрати, од кои 2,0 се влакна и
стотина грама боровинки имаат 14,5 грама јаглехидрати од кои 2,4 се влакна.
Поради малиот број јаглехидрати во нивниот состав, шумските овошја се идеални за лица што не консумираат ваков тип храна.

*Многу се нутритивни

Шумските овошја имаат мал број калории и се екстремно нутритивни. Освен што се богати со антиоксиданти, тие исто така имаат многу витамини и минерали.
Јагодите, на пример, се богати со витамин Ц. Околу 150 грама јагоди даваат неверојатни 150 проценти од дневната препорачана доза на витамин Ц.
Сепак и другите овошја од сродниот вид на јагодите имаат голем број витамини.
Стотина грама капини имаат:
43 калории;
витамин Ц – 35 проценти од дневната препорачана доза;
манган – 32 проценти од дневната препорачана доза;
бакар – осум проценти од дневната препорачана доза и
фолна киселина – шест проценти од дневната препорачана доза.
Бројот на калории, пак, во сто грама шумско овошје се движи од 32 за јагоди до 57 за боровинки, што го прави шумското овошје за едно од овошјата со најмалку калории.

*Помага во борбата со воспаленија

Шумското овошје има силни антивоспалителни состојки. Воспалението е реакција на човечкиот организам кон повреда или инфекција. Модерниот начин на живот води кон долгорочни воспаленија поради стресот, недостигот од физичка активност и нездрав начин на исхрана.
Ваквиот начин на живот води кон појава на дијабетес, срцеви заболувања и прекумерна телесна тежина.
Научните истражувања велат дека антиоксидантите во шумското овошје можат да помогнат кон намалување на воспаленијата.

*Помага во намалување на холестеролот

Шумското овошје е здраво за срцето. Малините и јагодите помогнале кај луѓето што имале зголемена телесна тежина да го намалат нивото на холестерол во крвта. Во една осумнеделна студија, возрасни лица со проблеми со метаболизмот, кои консумирале пијалак направен од замрзнати јагоди, успеале да го намалат холестеролот за 11 проценти.
Шумското овошје го спречува ЛДЛ-холестеролот да оксидира што е главна причина за срцеви заболувања.

*Шумското овошје е одлично за кожата

Шумското овошје може да помогне во намалување на стареењето на кожата, бидејќи е богато со антиоксиданти што се борат со слободните радикали, кои, пак, се главната причина за стареењето на кожата.
Исто така ја штитат кожата од изгореници од сонце, штитејќи го колагенот. Колагенот е протеин што е дел од структурата на кожата. Тој е одговорен за растегливоста на кожата. Доколку колагенот е оштетен, може да дојде до појава на брчки.

*Шумското овошје може да помогне во борбата против канцерот

Антиоксидантите што ги има во шумското овошје можат да го намалат ризикот од добивање канцер. Една студија покажала дека шумското овошје штити од развој на канцер на градите, устата и дебелото црево.

*Ги одржува артериите здрави

Бидејќи го намалува холестеролот, шумското овошје освен што е здраво за срцето, исто така е одлично за функцијата на артериите.

[email protected]