Зошто мачките предат?

715

Вибрациите што се создаваат од мачкиното предење дејствуваат како седатив на нервниот систем кај луѓето и на тој начин смируваат. Исто така, тие можат да ги намалат стресот и напнатоста што редовно ги чувствуваме од стресните обврски во секојдневието

Добро е познато дека мачките предат тогаш кога тие се среќни и задоволни. Исто така многу се зборува и за здравствените предности од мачкиното предење. Мачките се навистина мистериозни и необични суштества, а оваа нивна способност е особено чудна.

Кога се раѓаат малите мачиња, предењето е од суштинско значење за нивниот опстанок, бидејќи тоа го подобрува нивното здравје, а исто така претставува начин на комуникација со нивните родители. Мачињата се раѓаат слепи и глуви, а единствено нешто што тие разбираат се сигналите од мајката мачка што таа им ги испраќа. Мачињата многу брзо ја усвојуваат ваквата комуникација и почнуваат да предат уште по само два дена старост.

Постојат три теории како настанува мачкиното предење

1. Предењето настанува како комбинација од работата на мускулите кај грлото, што делумно е предизвикано од импулси на мозокот.
2. Се јавува поради јазичната коска, која се наоѓа во задниот дел на черепот и веднаш зад грлото.
3. Предењето е директно поврзано со централниот нервен систем. Интересно е тоа што мачките предат и во моментот кога се пораѓаат. На тој начин во „дивината“ тие се штитат од предатори, а истовремено се зголемува и лачењето ендорфин, што ја ублажува нивната болка. Повеќето домашни мачки многу брзо почнуваат да разбираат какви придобивки може да имаат од предењето.

И покрај тоа што во поголемиот број случаи предењето е знак на задоволство и среќа, сепак мачките предат и во моменти кога се под голем стрес, кога се болни или кога страдаат од непосредна болка. Некои мачки, пак, предат и во моментот пред нивната смрт. Многу од ветеринарите предењето кај мачките го изедначуваат со смеењето. Ние луѓето се смееме кога сме среќни, кога посакуваме нешто, но и кога сме нервозни, слично е и кај мачките.

При едно истражување на Универзитетот во Сасекс се покажало дека домашните мачки можат во предењето да вметнат и тажен крик, на кој луѓето природно добиваат порив дека треба да го смират своето милениче додека тагува. Заклучок од студијата било дека мачките едноставно научиле да ја искористуваат вродената тенденција кај луѓето да реагираат на плачење.

Предењето кај мачките се одвива со фреквенција од 25 до 100 херци. Исти такви фреквенции се користат и при ултразвучно лекување на коските и воспаление на мускулите кај луѓето. Нискофреквентните емисии, пак, со послаб интензитет го забрзуваат заздравувањето на фрактури. Врз основа на горенаведените податоци, може да се заклучи дека мачкиното предење ја намалува болката кај луѓето, го смирува воспалението и го забрзува заздравувањето.

Сопствениците на мачки имаат 40 отсто помалку шанси да добијат срцев удар од луѓето што не чуваат мачка како домашен миленик. Можеби не е толку познато, но мачките не се единствените животни што предат. Освен нив, предат и хиените, лемурите, горилите, зајаците и слоновите. Исто така, не предат ниту сите мачки. На пример, лавот нема способност да го произведе овој звук.

Големите мачки што можат да рикаат, не можат да предат. Од друга страна, пак, оние што предат, како што се на пример пумата и гепардот, не можат да рикаат.
Во многу досегашни истражувања интересно е тоа што се покажало дека предењето кај мачките не дејствува позитивно само на нив и нивното здравје туку и на нивниот сопственик. Овој симпатичен миленик со своето предење се умилкува, изразува чувства, може многу вешто да заведува, но во исто време се грижи и за вашето здравје.