Зошто исчезна најубавиот дел од скопскиот плоштад

1092
Некогашната палата Мацура на почетокот на улицата „Орце Николов“

Вриеше од живот, од повици и смеа на младите, тука беше дел од корзото. На сиот тој амбиент, просторен здив и ширина му даваше паркчето, со огромната модна реклама на „Југопластика“, но и легендарните костени од плоштадот, кои со еден свој дел го оформуваа и влезот на улицата Орце Николов. Не случајно пред тој влез беше и сврталиштето на гулабите, кои им слетуваа на раменици на минувачите

Влезот во улицата Орце Николов од страната на скопскиот плоштад беше душата и срцето на градот, со својата складна естетика, со старите скопски палати, со зеленилото, со објектите без кои не можеше да се замисли Скопје. Вриеше од живот, од повици и смеа на младите, тука беше дел од корзото. На сиот тој амбиент, просторен здив и ширина му даваше паркчето, со огромната модна реклама на „Југопластика“, но и легендарните костени од плоштадот, кои со еден свој дел го оформуваа и влезот на улицата Орце Николов. Не случајно пред тој влез беше и сврталиштето на гулабите, кои им слетуваа на раменици на минувачите. Денес, за жал, тој влез, тој најубав дел од плоштадот, веќе не постои. Нема да верувате, но денес тука сѐ е испревртено. Ако сакате да поминете, тешко ќе можете да се провнете низ малиот теснец-премин, низ кој едвај ќе се најде место за човечка фигура, а уште помалку за велосипед. А и кога ќе поминете, потребно е да се ориентирате каде всушност сте излегле. Чудна е таа испревртеност, при што пресечените дестинации се мешаат.

Некогашните градски јадра, кои му давале дух и белег на градот, треба да бидат зачувани, иако, се разбира, и тие се подложни на мените на новото време. Но не и на деструирање. На тој некогашен широк прекрасен простор, до самото паркче, какви што ги имаше низ цело Скопје, се наоѓаше архитектонско-стилски извонредно изведената зграда на Природонаучниот музеј. Во таа зграда, своевремено, со своето семејство живеел и доктор Станко Караман, основачот на музејот и на Зоолошката градина. Од таа лева страна на улицата, во непосредна близина на плоштадот, се наоѓаа неколку скопски легенди што и денес се паметат. Киното „Младина“, популарно скопско кино, со многу премиерни странски филмови, но и наши документарци, особено оние што со својата тематика беа блиски до најмладите, што беше многу значајно.

Влезот во улицата „Орце Николов“ веќе не постои

Во негова близина беше и славниот Куклен театар, со незаборавните претстави „Принцот и просјакот“, „Мачорот во чизми“, „Дејвид Коперфилд“, „Александра“. Салата на театарот служеше и за кинопретстави, со филмови од најразлични жанрови, каубојските филмови (со Алан Лед, Џон Вејн, Гари Купер, Роберт Тејлор), но и актуелно снимените филмови, како „Сонцето повторно се раѓа“, според романот на Хемингвеј, или руските бајки („Садко“). Со Куклениот театар и почетокот на улицата Орце Николов е поврзана уште една легенда, која исто така не смее да се заборави: чистачот на чевли, мајстор Панта. Со своето сандаче за чистење најпрвин се наоѓаше на самиот тротоар, под рекламното пано од киното, а потоа во мал застаклен дуќан во близината. Своевремено, мајстор Панта ми раскажуваше за својата голема љубов кон фудбалот и пријателството со фудбалерите на Вардар. По секоја победа тие доаѓале кај мајстор Панта: прво чистење и светнување на чевлите, а потоа честење во популарната слаткарница „Пошта“, која се наоѓаше подолу од влезот на театарот.

Многу дофрлувања, смеа, коментирања на натпреварот од насобраните навивачи.
А во близината на слаткарницата „Пошта“, во истиот ред, на просторот зад денешната Арапска куќа, се наоѓаше „Пошта бања“. Наспроти зградата на старата пошта, онаа од пред земјотресот. И тие објекти беа препознатлив дел од Пошта Маало. Иако стара турска бања, таа беше еден вид бања. Најпрвин можевте да појдете кај бербер. Сакате потстрижување или бричење, а потоа – капење. Ништо помалку славна не беше ниту десната страна на влезот од улицата Орце Николов, онаа откај влезот на плоштадот. На самиот почеток се наоѓаше монументалната, денес подзаборавена палата „Мацура“, на познатите браќа трговци Мацура. Во неа имаше аптека, потоа винарска визба и неколку продавници. Во истиот ред беше и познатата бурекчилница. Ако денес разговарате со некого од повозрасните скопјани, тие ќе ви речат (секој според својот вкус, се разбира) дека таа беше најдобрата и најпосетената бурекчилница во центарот на градот. А со неа е поврзан уште еден скопски куриозитет. Ако им помагавте на шиткачите на карти пред киното „Младина“, кои во 1960-тите години беа многубројни, наградата што ви следуваше не беше за потценување -една осмина бурек или трошки од бурек завиткани во фишек.

Пред палатата „Мацура“, во правецот на тротоарот и костените на плоштадот, се наоѓаа два објекта што се неразделни од славната митологија на Скопје. Тоа е дуќанот на мајстор Кенан, пред кој имаше многубројни средби и љубовни состаноци. Дуќанот не може толку лесно да се избрише од скопската меморија. Стариот мајстор Кенан, кој е починат, знаел да рече: „Јас и кога ќе умрам, нема да се разделам од плоштадот“. А Кенан помладиот денес вели: „Да го оставеа дуќанот на плоштадот, јас ќе го модернизирав и тој сѐ уште ќе беше симбол на градот“. Оној вториот објект пред палатата „Мацура“ беше металниот застаклен столб на кој се рекламираа филмовите од киното „Култура“. Тој бил поставен во 1937 година, кога киното било изградено. И него денес веќе го нема, како што исчезна и славниот влез во улицата Орце Николов, некогаш препознатлив по функционалната вклопеност во скопскиот плоштад.

Пресечени дестинации, денешниот теснец-премин на плоштадот