Зошто Американците ја прескокнуваат Грција

848

Странските дипломати целиот период ја заобиколуваат Атина, кон нивните политичари нема пораки за „историската важност“ на договорот, нема апели да го испочитуваат договореното, иако, на крајот на краиштата, без грчки амин Преспанскиот договор е само празно слово на хартија. Дали „западните камшикари“ чекаат прво сѐ да се заврши во Македонија, па потоа да се префрлат во Грција, ако воопшто се префрлат, или во прашање е нешто друго?

Пред и за време на потпишувањето на спогодбата од Мала Преспа, но и потоа, во периодот кога се спроведува договореното, Македонија беше и остана честа дестинација на посети на високи државници од ЕУ и САД. Доказ за ваквата констатација е и вчерашната најнова посета на високорангираниот американскиот заменик-државен секретар Џон Саливан. Клучна порака од сите овие посети е дека земјата нема алтернатива освен ЕУ и НАТО, за што, пак, е потребно исполнување на Преспанскиот договор.

Споредбено, за истиот овој период истата констатација очигледно не може да се каже и за Грција. Странските дипломати целиот период ја заобиколуваат Атина, кон нивните политичари нема пораки за „историската важност“ на договорот, нема апели да го испочитуваат договореното, иако, на крајот на краиштата, без грчки амин Преспанскиот договор е само празно слово на хартија. Во таа насока се поставува и прашањето зошто Западот и странките дипломати ја прескокнуваат Атина.

Дотолку повеќе што последниве денови и месеци токму од нашиот јужен сосед доаѓаат сѐ погласни изјави и намери за опструкција на Преспанскиот договор.
Дури неодамна грчкиот премиер Алексис Ципрас замина и во официјална визита на Русија, каде што со рускиот претседател Владимир Путин ги дискутираше случувањата поврзани со спогодбата со Македонија. Сето ова за ЕУ и САД, како најсилни поддржувачи на договорот, би требало да претставува сигнал за вознемиреност доколку навистина искрено се залагаат за целосна имплементација на спогодбата од Мала Преспа.

Или можеби „западните камшикари“ чекаат прво сѐ да се заврши во Македонија, па потоа да се префрлат во Грција. Ако воопшто се префрлат?! Во сублимиран заклучок аналитичарите со кои се консултиравме коментираат дека иако процесот е еднакво битен и за двете држави, очигледно е дека тој нема еднаков третман за мониторирање на двете места од меѓународната заедница.

Поранешниот амбасадор Ристо Никовски вели дека меѓународната политика и динамиката на посетите во и од Грција не може да се споредат со оние од Македонија.
– Тие (Грција) се етаблирани на меѓународната сцена и имаат своја значајна улога во регионот, а тоа се почитува и од Вашингтон и од Москва и од Брисел. Сите нивни средби се со сосема поинаков квалитет од нашиот. Обично кај нас доаѓаат емисари што носат конкретен диктат што и како мора да правиме. Тоа не е случајот со Грција. Конкретно, во врска со договорот од Преспа, притисокот е целосно врз Македонија и тој, како што гледаме, дава резултати. Откога кај нас ќе заврши процедурата, на тапет ќе биде Грција, а посетата на Јоргос Катругалос на Вашингтон беше во добар дел поврзана со тоа – вели Никовски.

Експертот по меѓународна политика Лазар Лазаров вели дека е точна констатацијата дека Македонија изминатиов период позачестено е посетувана од многу високорангирани политичари од ЕУ и САД во споредба со Грција.
Тој оваа ситуација ја објаснува со фактот дека преку посетите странските државници сакаат да се осигурат дека ќе се спроведе договореното од Мала Преспа, а со тоа и да се релаксираат односите на Балканот, кој од регион на превирања ќе прерасне во регион на мир и просперитет.

– Имено, битната разлика зошто Грција е попосетувана од Македонија, пред сѐ, се должи на фактот дека оваа држава е веќе дел од ЕУ и НАТО, и со тоа има поголема тежина во приказната за нашето зачленување во овие две меѓународни институции – вели Лазаров. Тој објаснува дека овие посети на државниците покажуваат дека сепак има уште многу за комплетно да се спроведе спогодбата од Мала Преспа, бидејќи и во Македонија и во Грција постојат политички сили во опозициите што го негираат документот.

Во меѓувреме, Саливан на вчерашната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев изјави дека САД силно го поддржуваат договорот од Преспа, кој ѝ го отвора патот на Македонија до заслуженото место во ЕУ и НАТО.

Иако процесот е еднакво битен и за двете држави, очигледно е дека тој нема еднаков третман за мониторирање на двете места од меѓународната заедница, тврдат експертите

САД, според Саливан, се залагаат за стабилна и безбедна Југоисточна Европа, а Македонија е клучен фактор во регионот за постигнување на таа цел. Тој ги пофали премиерот Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и пратениците што ги поддржаа уставните измени. Истовремено, Саливан ги повика и другите парламентарци да дадат поддршка на уставните измени и да ги тргнат настрана теснопартиските цели, како и да ги следат националните интереси.

– Вашите гласови ја ставија вашата земја на патот на сигурна и просперитетна иднина. Како што продолжува процесот во Собранието, поттикнуваме повеќе пратеници да ги остават настрана партиските интереси и да останат фокусирани на заедничките стратегиски цели. Нема друга алтернатива, надежите за посветла иднина за вашата земја ви се на дофат – порача Саливан. Заев, пак, посетата на заменик-државниот секретар ја оцени како уште еден доказ за постојаната и континуирана поддршка од САД на Република Македонија. Истакнувајќи дека главните стратегиски цели на Македонија остануваат членство во ЕУ и НАТО, Заев порача дека Македонија е посветена на регионалната соработка и се залага за силен и стабилен Балкан, со поддршка на ЕУ и САД – изјави Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за руското влијание во регионот, Саливан кажа дека Русија сака да го поткопа договорот меѓу Македонија и Грција и дека ќе направи сѐ што е во нејзина моќ да го попречи членството во НАТО.

Наспроти ваквите јасни пораки, нема реакција на западните политичари за дијалогот меѓу Атина и Москва и разговорите што Ципрас ги водеше таму при неодамнешната посета на Москва. Можеби звучи како коинциденција, но токму во овој период зачестија и се засилија и заканите на грчки владини претставници дека нема да го поддржат договорот од Мала Преспа. Ако сите овие изјави, пораки и случувања се стават во еден поширок контекст, може да се извлече и претпоставка дека кога Американците велат дека Русија ќе направи сѐ што е во нејзина моќ да го попречи членството во НАТО, можеби мислат индиректно на Атина, односно стравуваат поткопувањето на договорот да не дојде од страна на Грција?

Инаку, хронолошки гледано наназад, изминативе месеци Македонија ја посетија голем број високи државни функционери од САД меѓу кои, Џејмс Матис, Арон-Вес Мичел, Метју Палмер, Рон Џонсон, Џон Саливан и други. За целиот овој период, пак, нема позабележителна посета на Грција на некој висок функционер од САД.