Знаат ли соседите што е пријателство?

431

Додека Македонија, во своите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО, манифестира подготвеност и отвореност за пријателство, од страна на соседите тоа се злоупотребува за наметнување на нивните гледишта, позиции, толкувања и стари
нереализирани аспирации. И покрај Договорот за пријателство и добрососедство, бугарската страна не отстапува од намерата да ги наметне своите толкувања и своите интереси

Дури и во песните, современата литература, филмската уметност… и уметноста воопшто многу внимателно се употребува, всушност повеќе се избегнува, онаа повеќе романтична флоскула – „вечно пријателство“. Современиот живот остава многу малку простор и аргументи за препуштање на некаков романтизам, а веќе никој не е толку наивен да верува дека нешто трае вечно, особено пријателството, кое на секој чекор е пресретнато од разни тестови и искушенија. Најреалната современа форма на пријателство што општествената реалност може да ја прифати би можела да биде пријателството од интерес. Обично такви „пријателства“ се нудат маркетиншки, но тие се најчесто со строго определени временски рокови и термини, кои, ако не бидат испочитувани, се плаќаат казнени камати…. Покрај сето ова, општопознато е дека политиката никогаш не била поле за наивност, а во основата на декларираните пријателства постои некаков интерес, кој би било фер да биде обостран. И во таквите декларации за пријателство најчесто се поставени стапици за наивните, или за оние што од немајкаде треба да ја играат улогата на наивци.

Актуелната меѓународна политика на македонската влада е насочена главно на манифестација на добра волја за пријателство, добрососедство и соработка. Во интензивните преговори со Грција за наметнатиот спор за името на државата, од преговарачките позиции на Република Македонија најчесто се потенцира „отвореноста за разгледување на сите опции“, иако од спротивната страна најчесто наидува на уцени, ултиматуми и отфрлање на понудените аргументи. Но, во случај на најоптимистичката варијанта за евентуално пронаоѓање заеднички прифатливо решение за двете страни, се навестува дека тоа би требало да биде потврдено со потпишување договор за добрососедство, пријателство и соработка, по урнекот на оној што Македонија веќе го потпиша и беше ратификуван со Република Бугарија. Всушност, веќе неколку месеци, Македонија и Бугарија ги консумираат „придобивките“ од спогодбено и договорно законски манифестирано пријателство.
Во секојдневната комуникација на обичното граѓанство на двете држави нема некои големи промени од пред и по потпишувањето на фамозниот меѓудржавен договор за пријателство. При секое поврзување празници и викенди во Македонија, бугарските туристички центри се преполни со македонски туристи и автомобили. И пред, и по договорот! Сепак, последното, т.е. неодамнешното чествување на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј требаше да биде прва европска потврда (надвор од границите и на Македонија, и на Бугарија) на тој дух на заемно пријателство, „запечатен“ и со ратификувана спогодба. Имено, првпат, при традиционалната посета на Ватикан, токму на денот на св. Кирил и Методиј (24 мај), високите делегации на Македонија и на Бугарија, предводени од премиерите на двете земји, требаше заеднички да се поклонат на гробот на св. Кирил и да имаат аудиенција кај папата Франциск. Но и таа посета бугарската страна ја искористи за да се прикаже во супериорна и покровителска позиција во однос на македонската делегација, со изјави на бугарскиот премиер Бојко Борисов во бугарските медиуми од типот: „Ја предводам и македонската делегација“. Иако, веќе со децении, македонска делегација (без бугарската) на денот на св. Кирил и Методиј оди во посета и чествување во Ватикан, со што се одбележува наднационалното и цивилизациско значење на сесловенските просветители… Уште еднаш подадената рака за пријателство од страна на Македонија беше злоупотребена од страна на соседите за нагласување на нивната (самодоживеана) доминација, како наводна привилегија од членството во ЕУ.

Ваквото однесување на бугарската страна, во (официјално) заедничката македонско-бугарска делегација во Ватикан, е само надоврзување на трендот на „пријателски“ гледишта и побарувања по потпишувањето на Спогодбата за добрососедство и пријателство. Имено, според членот 8 од Договорот за пријателство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија веќе е формирана заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, на паритетна основа, која треба „да придонесе за објективно и засновано на автентични и на докази засновани историски извори, научно толкување на историските настани“. Само неколку дена по објавувањето на персоналниот состав на комисијата од двете договорни страни, Ангел Димитров, шефот на бугарскиот дел од македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања, инаку прв амбасадор на Бугарија во Р. Македонија, по нејзиното осамостојување, во интервју за една бугарска телевизија јавно ги изнесе позициите од кои тргнува бугарската страна во заедничката работа. Тие позиции се истите со кои настапуваа бугарските историчари и пред потпишувањето на договорот, кои главно се сведуваат на тезите: „Гоце Делчев е Бугарин по потекло, но нема никакви пречки да го слават како херој и во Македонија, а македонизмот веќе го претрпел својот крах“.

Додека Македонија, во своите аспирации за членство во ЕУ и во НАТО, манифестира подготвеност и отвореност за пријателство, од страна на соседите тоа се злоупотребува за наметнување на нивните гледишта, позиции, толкувања и стари нереализирани аспирации. И покрај Договорот за пријателство и добрососедство, бугарската страна не отстапува од намерата да ги наметне своите толкувања и своите интереси, не давајќи ни пет пари за наводното пријателство. Во тој контекст, во Бугарија повторно и засилено се бараат аргументи за докажување дека бугарската војска во Македонија во периодот на Втората светска војна не била окупаторска, со тоа што наводно една третина од воениот буџет на тогашна Бугарија се користела за инвестиции на територијата на окупирана Македонија…
– Во државите во нашиот регион, кој е многу оптоварен со историја, историјата е многу важна, но на неа не може да дејствуваме, можеме на иднината. Добро е што и двете држави решивме да излеземе од сигурноста на рововите. Убаво е со соседите да се однесуваме како со еднакви, да создаваме пријатели – изјави министерот за надворешни работи на Р. Македонија, Никола Димитров, за време на ратификацијата на Договорот за добрососедство и пријателство во македонското собрание.
Но, од досегашните изјави и манифестации на супериорност на бугарската страна, по потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство, сосема извесно е дека македонската страна во мултидисциплинарната експертска комисија за образовни и историски прашања треба да пристапи со аргументирана решителност и докази за одбрана на македонските историски позиции. И да се избори за еднаквост во градењето пријателство! Политичко-државните пријателства воопшто не се за наивци, туку за нивното градење потребно е да се избориш за заштита на сопствените национални интереси и позиции! Токму минските полиња што експлодираат едно по едно од договорот со Бугарија треба да бидат поука за избегнување евентуални идни погрешни потези и со Грција, која отворена бара промена на нашето уставно име и со тоа негација на македонскиот народ и целосно бришење на идентитетот.