Злато за борачот Алили на ЕП за кадети

87

Македонскиот борач во слободен стил (категорија до 48 кг) Бесир Алили, се закити со златен медал на Европското првенство за кадети, кое се одржа во италијанскиот град Фиренца.

Тој во финалниот меч минимално со 7-6 го победи ерменскиот претставник Харутун Ховханисјан. Според информациите од Фиренца, успехот е дотолку поголем, што кон крајот на првата рунда Ховханисјан водел со 5-0, по што настанал пресвртот, па Алили го презел водството со 7-5. До крајот противникот само успеал да го намалил водството.

На патот до златото македонскиот борач, кому му предвидуваат блескава боречка кариера, ги победил Полјакот Оскар Кулчицки (10-0, ТТ), потоа Молдавецот Андреј Витан (12-10), Грузиецот Лука Гугешашвили (6-2) и во финалето Ховханисјан (7-6).
Алими, кој е член на БК Лирија од Скопје, со овој успех е на добар пат да тргне по стапките на прославените македонски борачи, како што се носителот на олимписко злато и сребро Шабан Трстена, потоа освојувачот на две олимписки бронзи Шабан Сеидиу, како и бронзениот Могамед Ибрагимов. Борењето е најтрофејниот македонски спорт.