Земји што го забранија кинескиот гигант „Хуавеи“

115

Земјите што ги забранија производите од кинескиот производител на паметни телефони со безжична технологија „Хуавеи“ претставуваат приближно една третина од светскиот бруто-домашен производ (БДП), според податоците на Блумберг. До почетокот на мај 2019 година, Австралија, Нов Зеланд, Јапонија, Тајван и САД одлучија да ги забранат и постепено да ги укинат производите на компанијата во своите мобилни мрежи, покажуваат истражувањата на „Гардијан“ и на „Си-ен-би-си“.

Британија најави делумна забрана на производите на „Хуавеи“ за својата нова 5Г-мрежа, а во целата афера настрада и министерот за одбрана поради наводно објавување тајни информации од средба на Советот за национална безбедност за позиционирањето на Британија кон „Хуавеи“. Во меѓувреме, Германија и Франција ќе ги зголемат безбедносните мерки за заштита од евентуални упади и шпионажа, поради што е и главната загриженост од технологијата на компанијата „Хуавеи“.
Неколку европски земји, вклучувајќи ги Данска, Шведска и Холандија, сѐ уште одлучуваат за можните забрани. Целосна забрана може да биде тешко изводлива во Европа, бидејќи „Хуавеи“ во моментот испорачува една третина од телекомуникациските системи. Холандскиот телеком КПН, слично на ограничената забрана во Британија, реши да отстрани ја кинеската компанија од централната надградба на својата 5Г-мрежа.

Од друга страна, чешката, италијанската и бразилската влада објавија дека нема да се обидат да ја ограничат улогата на компанијата. Наспроти првичната загриженост, Јужна Кореја и Тајланд веќе ја имплементираа технологијата на „Хуавеи“ за 5Г-мрежите, иако со ограничен капацитет.

САД во јануари го обвинија „Хуавеи“ за измама, кражба на трговски тајни и за заобиколување на американските санкции против Иран. Американците и нивните сојузници тврдат дека компанијата не е доволно независна од кинеската држава и дека нејзината технологија може да се искористи за хакерски упади и за шпионажа.