Здравје во чаша – сок од свежо цедено овошје

254

Свежо цедените сокови од овошје се најдобар извор на витамини и хранливи материи, кои го чистат организмот, даваат енергија и регенерираат. Го снабдуваат организмот со потребните ензими, минерали и други материи потребни за зголемувањето на виталноста на организмот.

Јаболко – сокот од јаболко го чисти организмот, тој благопријатно влијае на целиот систем. Богат е со витамини А и Ц. Овој сок можете да го помешате и со други сокови. За да го спречите потемнување на јаболкото, пред да го цедите попрскајте го со сок од лимон.

Грејпфрут – има пет пати повеќе витамин Ц од портокалот. Тој е силно средство за чистење на организмот. Црвениот грејпфрут е поблаг и помалку кисел. Некои луѓе подобро го поднесуваат грејпфрутот од портокалот. Овој сок е богат со биофлавоноиди. Не заборавајте дека сите сокови од јужното овошје треба да ги испиете веднаш по цедењето, бидејќи витаминот Ц се губи по долго стоење.

Круша – сокот од круша е густ и благ, а можеме и да го измешаме со сокот од јаболко. Богат е со тиамин, рибофлавин, нијацин, фолна киселина, која поволно влијае на кардиоваскуларниот систем. Исто така е добар извор на витамин Ц, калциум, калиум, фосфор.

Грозје – постојат помеѓу 40 и 50 различни видови грозје во различни нијанси, зелено, бело, црвено и пурпурно. Грозјето е богато со калиум, кој воспоставува алкална рамнотежа во крвта и ја стимулира работата на бубрезите и на срцето. Моќта на грозјето е голема, ги чисти дробовите и го ослободува организмот од мочната киселина.

Лимон – поради богатството со биофлавоноиди, лимонот е одличен за детоксикација на организмот. Сокот од лимон овозможува исфрлање на токсините од организмот. Сокот од лимон најдобро нè освежува во текот на летото, а во текот на зимата нè штити од настинка.

Кашест сок – спој на цели парчиња
Со блендирање на овошјето и на зеленчукот ги разложуваме хранливите влакна, со што му помагаме на организмот полека да ги обработува и да не дојде до нагло покачување на шеќерот во крвта. Кашестиот сок заситува и е идеален појадок или ужина помеѓу ручекот и вечерата. Голема предност кај кашестиот сок е што можеме да додадеме и други состојки.

Доколку сте загрижени за флуктуирање на нивото на шеќерот во крвта, обидете се да додадете зеленчуци како краставици, спанаќ или марула.
Овие зеленчуци се богати со вода и имаат малку калории, па, така, имаат минимален ефект на шеќерот во крвта.
Дополнително, можете да го зголемите нивото на протеини со додавање грчки јогурт, во густа или во прашеста состојба. Исто така можете да додадете здрави масти во форма на авокадо, чиа-семиња или путер од бадем. Збогатете го блендирањето со состојки со богат спектар нутритивни вредности како свежо рендан ѓумбир, мача или какао во прав, свежо нане или цимет. Нутритивниот баланс на кашестиот сок е тоа што го прави вистинска замена за оброк или одличен пијалак за освежување и за зајакнување по тренинг.

Уште една многу важна работа, особено за младите мајки, е тоа што децата обожаваат кашест сок, а сите знаеме колку е тешко да ги натерате малите дечиња да внесуваат доволно овошје и зеленчук во својата исхрана.
Со редовното консумирање кашест сок внесуваме повеќе овошје и зеленчук со кои го зајакнуваме имунолошкиот систем и со тоа го намалуваме ризикот за чести разболувања и нагло губење на енергијата. Кашестиот сок ни овозможува да се чувствуваме сито, енергично и веднаш му го подобрува расположението на оној што го консумира.

Многу „почетници“ приготвуваат кашест сок само од овошје или само од зеленчук. Резултатот може да биде премногу густ и тежок за пиење кашест сок. Тајната до совршен кашест сок е баланс на овошје, зеленчук и течности. Препорачуваме една третина овошје, една третина зеленчук и една третина течност (може да биде вода, сок, млеко).

Бидејќи кашестиот сок направен од плодови е полн со витамини и со минерали, помага да останеме подолго фокусирани и умот да ни биде изострен и мирен. Со редовно консумирање кашест сок можете да заборавите на маглата во главата и на чувството на сонливост и напнатост. За крај, нормално и најголемата корист се подобрената дигестија и смалувањето на тегобите и подуеноста во стомакот. Ова се случува благодарение на блендирањето на плодовите, со што се намалува работата на дигестивниот систем, додека паралелно голем број од нутритивните својства и хранливите влакна завршуваат во организмот.