За јагулата од Преспанско Езеро и за еден Јанко од Јанковец

382
Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Ј!!! Ј може да биде, може да биде… јорган!Или… може да биде… јајце под квачка. Ако е Ј јадица, тогаш на Ј можат да се фаќаат риби, и не само риби, ами и понекоја приказна. Јанко од Асамати во својата мрежа фатил јагула и рекол: Имав среќа, ќе јадам јагула. Приказната за јагулата ја измислив вчера за да ја заспијам мојата внука Јаглика. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ј да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Приказнава е стокмена за една јагула. Јагулата си живеела во водите на Преспанско Езеро… а, како дошла во езерото, со кого дошла, никој не знаел. Бидејќи била една и било многу тешко. Секоја вечер плачела, секоја трета вечер се јадосувала и од преголема тага посакувала да се удри во некоја карпа на островот Голем Град и да се парчоса. Не знам дали знаете, но плачењето под вода е многу тешко, не можеш како човек да си ги избришеш солзите. Затоа јагулата плачела без солзи. Целата работа била што немала другарчиња и тешко ги наоѓала. Ќе си речете, како тешко кога во езерото има илјадници риби… Еве, да ви кажам, мрената мислела дека јагулата е змија, преспанскиот крап се правел важен, белвиците бегале од неа како од ѓавол. Не ѝ било лесно на јагулата. Дури и глупавиот клен не ја дружел. Деновите минувале, таа секој ден вртела околу островот, наминувала до Стење… до Претор и со првиот мрак се пикала под јорган и заспивала нишана од високите езерски треви. Еден ден решила да скокне и до Отешево, божем начула многу гласови и божем ќе нашла некој за да се распраша што и како станало, како се нашла сама токму во ова езеро, во Преспанско. А во Отешево ем многу летувачи, лето било затоа, ем многу рибари. И некаде, околу шест часот наутро стигнала до мрежата на рибарот Јанко од Јанковец. Гледа?!… Што ќе види, белвици колку ти душа сака. Јанко од Јанковец, пак, спокојно си ја собира мрежата и си потпевнува… /пее…/ Пара берит киселец, Јанко фаќа белвици… Кога, едно време, јагулата му се заплеткала во нозете. А бре, де бре, Јанко успеал некако да ја фати и кога гледа… јагула!

Јордан, јагула!… Жими мајка јагула – му подвикнал Јанко на Јордана, на неговиот другар, кој ги собирал мрежите малку потаму…
Јагула, јагула, ама од каде јагула во нашето езеро – подвикнал Јордан.
Погледни! Кога пораснала толкава, а?! Кажи ми што да правам, а? – малку подисплашен му вратил Јанко на Јордана.
Прашај ја што бара во нашето езеро!

Ја прашал Јанко, но јагулата молчела и… Таа молчела, ама се разбрале. Јанко бил многу умен рибар. Ја ставил јагулата во чамецот и почнал да весла. Веслал, веслал и по некое време стигнал до местото каде што Преспанско Езеро под Галичица истекува во Охридско. Ѝ го покажал патот, се поздравиле и си се вратил во Отешево. И да не одиме надолго и нашироко, нашата јагула во Охридско Езеро си нашла многу пријатели и пријателки, та по едно време тргнала со нив и стигнала дури до Саргасово Море. Таму јагулите се мрестат, а назад се враќаат со едно илјада, две млади јагулчиња. Но јагулата не го заборавила рибарот Јанко од Јанковец. Се пикнала под Галичица и, оп, влегла во Преспанско Езеро. Го наполнила езерото со јагули. По три дена го нашла Јанка, го запознала и со другите јагули и станале големи пријатели. Е, сега, Јанко, понекогаш ставал понекоја јагула в тава, ама не за да се најаде, туку за да не му остане виното неиспиено. Ми верувате?!… Како да не ми верувате?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај, зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ј ги отклучуваме: Јанко, јагула, јадица, јајце, јорган, Јаглика, Јанковец, Јордан, јаде, јагулчиња…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.