За штркот од селото Штрбово

50
Илустрација: Игор Јовчевски

Стигнавме и до крајот на овој прекрасен, едукативен серијал „За секоја буква приказна“ на писателот Владо Димовски, што ексклузивно го објавувавме на страниците на „Колибри“. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Ш!!! Што може да биде Ш?… Ами, Ш може да биде, може да биде… штрк. Ш може да биде и шах. На Широк сокак во Битола битолчани пијат шира. Шана од Шишево шие панталони од шајак. На Ш почнува и приказната за штркот од селото Штрбово. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ш да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме.

Оваа приказна не е што-годе приказна. И не ми ја раскажа што-годе човек, туку еден Бошко од селото Штрбово. За Бошка велат дека е најдобриот овчар, најдобриот приказнар и човекот што најубаво свири на шупелка. Било како било, ме замоли да ви ја раскажам оваа приказна… Божем некогаш во Штрбово си живеел еден штрк. Си имал направено гнездо на еден оџак и бидејќи бил сам се шетал во него како шеик. Летал и го прелетувал селото, ќе прошетал и до блиското езеро, ја надлетувал и шумата над Штрбово. Имал време за сѐ. И за муабет со штрбовчани и за по гости, одел и на училиште кога децата учеле за птиците. Овој штрк бил постојано насмеан, а сите го препознавале по шарената шапка што ја носел на глава. Штрбовчани го викале насмеаниот. Но сите знаеле дека нивниот штрк бил многу, многу несреќен. Сите му ја знаеле маката, ама молчеле. Молчеле бидејќи не знаеле како да му помогнат. Знаете во што била работата?!… Штркот немал другарка, немал деца, семејство, бил сам. Сам легнувал, сам станувал. И, еден убав, сончев, августовски ден, штркот решил да си замине. Дошол на сретсело, се качил на чешма, ја извадил шапката од главата…

Почитувани штрбовчани, си заминувам, не можам повеќе да живеам сам. Ќе одам да си ја пробам среќата на шампионатот во голтање жаби. Ако станам шампион верувам дека ќе се вратам со некоја убава штрчица, со убава невеста – им рекол штркот на штрбовчани.
Нема никаде да одиш! Ти си наш и наш ќе останеш. Јас ќе ти најдам штрчица. Ако треба и под дрво и под камен ќе ја барам, ама ќе ја најдам! – му вратил на штркот штрбовчанецот Шишко.

Тргнал Шишко да му бара штрчица на штркот штрбовски. Ги прошетал сите села околу големото езеро, не нашол. Бил и во познатото село Штрково и таму штрчици немало. Се вратил Шишко во Штрбово тажен и папсан… таква тага ги фатило штрбовчани, та почнале и од дома да не излегуваат. Кога, една сабота, попладне, во Штрбово слетала штрчица. Слетала на плевната на Сима шнајдерот. Ајде кога почнале да излегуваат луѓето од куќите, да се собираат по дворовите, море почнале да вртат и околу плевната на Сима шнајдерот. Таква радост не беше била во Штрбово. И штркот се израдувал, почнал да скока и од скокањето му паднала шапката. По некое време на плевната слетал штрбовскиот штрк, слетал… Ништо, штрчицата ниту го погледнала, велат го кренала носот до небо.

Ами, сега! – подвикнала една баба штрбовчанка.
Ами, чаре! – подвикнале штрбовчани.
Да ја однесеме кај Шила бајачката – се засилила една друга баба.
Да не е гладна – подвикнал Шишко.
И почнале да ѝ носат јадење на штрчицата. Едни носеле пити, други ширдени, Шале фатил десетина жаби… Штрчицата не сакала ниту да погледне, а не да земе нешто и да касне. Се изнервирал штркот и летнал до блиската бара. Грабнал две змии и ѝ ги фрлил на штрчицата в нозе. За големо чудо, почнала да ги јаде змиите. Ги голтнала ко локумчиња. Потоа сѐ било полесно. Заедно со штркот летнале до кај неговото гнездо и почнале заедно да живеат. Дури после штрбовчани разбрале дека штрчицата јадела само змии, демек потекнувала од некоја позната кинеска фамилија. Се скарала со татко ѝ, се налутила и избегала од дома. Избегала и стигнала во селото Штрбово за да ги израдува штрбовчани. Ете, така било и божем така се случило. Што? Не ми верувате?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ш ги отклучуваме: штрк, штрчица, Штрбово, шајак, шапка, Шишко, Широк сокак, Шана, шира, Шишево, Штрково, шах, ширден, шие, шупелка, шума, шапка, шампионат, шампион, шнајдер, што, шеик, шета, шарен…

Илустрација: Живко Поповски-Цветин

Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.