За седум дена младите творци направија шарен венец од прозни и поетски творби

327
Писателите: Филип Димкоски, Вера Андон и Виолета Сековска со младите творци

Во различни денови дел од своето творештво претставија писателите Пунторие Муча-Зиба, Анета Велкоска, Виолета Ѓуровска, Ванчо Полазаревски и Сузана Мицева, а манифестацијата со литературна вечер ја затворија авторите Филип Димкоски, Власта Цениќ и Вера Андон

Филип Димкоски

Во детското одморалиште „Радости“ во Охрид, од 28 јули до 4 јули, се одржа книжевниот камп за деца и млади „Да бидам, да бидам“, во организација на Сојузот за грижи и воспитување на децата на Македонија и издавачката куќа „Македонска реч“ од Скопје, на чело со писателот Горјан Петревски.
Дел од кампот беа 120 деца од Скопје и од Кочани, а најмногубројни младите таленти и менторите од Радовиш. Седумдневното дружење на охридското крајбрежје започна со поздравна реч на писателот Горјан Петревски, кој е иницијатор на овој камп, продолжи со секојдневните „Креативни училници-работилници“ со образовен, воспитен и забавен карактер, водени од наставничките Гордана Здравкоска, Љупка Стојменова, Марика Ракиќ и Јованка Грујовска, во кои се вклучуваа и гостите писатели.


Се одржаа неколку промоции на книги, меѓу кои „Монодрама на лудиот“ од Сара Марковска, книга поддржана од кампот, начин на поддршка што ќе се практикува и за идните кампови, како и промоција на книгата „Авантурите на Ела Вилсон“ од Нина Насеска и романот „Зар ова е крајот“ од Магдалена Јакимовска. Делата ги промовираше Горјан Петревски, а во програмата се вклучи и писателот Ванчо Полазаревски.

Заборавени игри со добри учители

Последната учителка од Горноселието, Менка Павлеска, ја одржа работилницата „Час на заборавени игри со добри учители“, која младите талентирани летувалци ја прифатија со задоволство.
Проф. д-р Јордан Стојаноски и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска одржаа „Седење и беседење“ пред младите литературни творци и нивните ментори. И двајцата професори предаваат теорија на литература и литература за деца. На часот настапија и неколку млади поети од кампот, а се разговараше и за метриката и стилските фигури во поезијата.
На работилницата „Различности нема – сите сме исти“ настапи поетесата Виолета Сековска, заедно со гостинот од Хрватска Дамир Марас. Специјален гостин беше младата талентирана поетеса од Ресен, Јована Трајчевска, која прекрасно ги изрецитира своите песни инспирирани од сето она што младата авторка го видела со своето срце.

Низ сите седум дена талентираните млади творци направија најшарен венец од прозни и поетски творби, кој наскоро ќе биде сместен во алманах. Покрај пишувањето и слушањето литературни творби, се одржа и посета на Заливот на коските, на манастирот „Свети Стефан“, на кампот за млади ракометари, каде што имаа средба со ракометниот ас Кире Лазаров, со кого се фотографираа и споделија спортски разговори.
Во текот на седумте дена заедничка дружба на учениците со менторите и писателите, а водени според онаа „во здраво тело, здрав дух“, летувалците освен пишувањето и осознавањето на литературата, имаа утринска гимнастика, пливаа, а имаа и обука за вовед во каратето, џудото и аикидото од мајсторот по боречки вештини Илија Ташев.
Гостинка од Словенија беше Соња Цекова-Стојановска, со нејзината колешка Маја Ковач. Цекова е родена во Словенија, но има македонско потекло. Таа се претстави како професорка по литература, авторка, преведувачка и постојана учесничка на Семинарот за македонски јазик и литература во Охрид.
Една од вечерите на кампот младите творци ѝ ја посветија на класичната музика. Во пријатен амбиент ги слушаа „Болеро“ од Равел, „Мала ноќна музика од Моцарт“, „Лабин и Дојрана“ од Прокопиев. Убавата природа, мирното езеро, ѕвезденото небо и нежната музика побудија чувство на пријатност, но беа и инспирација за создавање нови песни и раскази.

Дружба со писателите

Во различни денови, дел од своето творештво претставија писателите Пунторие Муча-Зиба, Анета Велкоска, Виолета Ѓуровска, Ванчо Полазаревски и Сузана Мицева, а манифестацијата со литературна вечер ја затворија авторите Власта Цениќ, Вера Андон и Филип Димкоски. Прв настапи истакнатиот српски поет за деца Власта Цениќ од Србија, кој ја претстави антологијата чиј приредувач е тој, со наслов „Мојот татко храни птици“, а наизуст им кажа на присутните неколку песни од неговата богата и квалитетна творечка ризница. Потоа се претстави писателката Вера Андон, промовирајќи ја својата нова книга препеана на српски јазик, со наслов „Прва љубав велика, а ми мали“, а со читање на поемата „Писмото од Филип со Сара“, инспирирано од вистинска приказна на младиот поет Филип Димкоски, го најави него. Тој, пак, низ рецитирање и прашања и одговори со децата ја промовираше својата најнова книга за деца „Заедно да растеме“. Учениците од „ОУ „Никола Карев“ од Кочани на писателите Власта Цениќ и Горјан Петревски им подарија рачно изработени книги со песни напишани за време на кампот, под менторство на нивната наставничка м-р Љупка Стојменова. Со доделување сертификати и алманаси беше затворен четвртиот камп „Да бидам, да бидам“…
Следното утро не беше игриво како изминатите. Учениците и менторите заедно со писателите отидоа крај езерото и традиционално со споделување импресии следуваше „По средба-разделба“, потоа фотографирање, испраќање со прегрнување, понекоја солза и желба за следна дружба идната година со нови и уште поубави литературни творби.

Горјан Петревски со Пунторие Муча-Зиба,
Дамир Марас и Власта Цениќ

Занимливости за „Радости“

– Одморалиштето „Радости“ порано се викало „Сутјеска“.
– Во ова одморалиште е снимана серијата за деца „Втората смена“ според истоимениот роман од Велко Неделковски.
– Во одморалиштето „Радости“ е пишуван вториот дел од романот „Марта“, насловен „Другата Марта“ од Горјан Петревски.