За полнење на електричните автомобилите се потребни милијарда евра!

77

Истовременото полнење на илјада индивидуални возила и стотина автобуси во Загреб би предизвикало хаос во постојната електрична мрежа

Кога во Хрватска само еден отсто од автомобилите за лична употреба би биле на електричен погон, или 10.000 возила, во развојот на електроенергетската мрежа и во нови капацитети за производство на струја би требало да се вложат милијарда евра, а за тоа е потребно и подолг временски период.

Во Хрватска бројот на електричните автомобили се искачи на 500, а на нив треба да се додадат и двојно повеќе електрични велосипеди и мотоцикли. Бројката на овие автомобили во Хрватска е занемарлива во однос на другите европски земји. Во Норвешка се користат 300 илјади електрични возила. Од нив околу 100 илјади се хибридни возила. Норвешката влада сѐ уште ги поттикнува своите граѓани да купуваат електрични автомобили со ослободување од плаќање ДДВ, со бесплатна струја за нивно полнење, ослободување од плаќање патарини и паркинг и неплаќање на првата регистрација. Но веќе се појавија голем број иницијативи за укинување на овие бенефиции затоа што концентрацијата на електричните автомобили во градовите стана преголема и почнаа да предизвикуваат инфраструктурни проблеми.

Главен проблем е каде да се наполнат овие автомобили, а во Хрватска се отворени 200 јавни станици за полнење со струја. Полнењето на електричните автомобилите трае со часови, а струјата се повлекува од електроенергетската мрежа, која не е димензионирана за поголем број вакви потрошувачи, пишува „Пословни дневник“.

Постојната електрична мрежа во Хрватска не одговара на потребите на корисниците на ековозила. Стандардната станица за полнење на електричните автомобилите има сила од 50 КВ, а оние за „тесла“ 150 КВ. За автобусите и камионите е потребна сила од 350 КВ. Од друга страна, силата на струјата за просечна семејна куќа е 4,6 КВ. Значи, за полнење на еден автомобил „тесла“ е потребна сила еднаква на големите станбени згради во Нов Загреб со стотина станови или тоа е вкупна потрошувачка на едно просечно село. Електричните автомобили можат да се полнат и на мрежата за индивидуална куќа од 4,6 или 12 КВ (на трофазна струја), но тогаш полнењето на батериите трае повеќе од десет часа.

Истовременото полнење на илјада индивидуални возила и стотина автобуси во Загреб би предизвикало хаос во постојната електрична мрежа. Полнењето на автомобилите покрај патиштата кон хрватското приморје во текот на туристичката сезона го прави невозможно уште долго време.

На крајот се поставува и прашањето каде ќе се произведе, набави или ќе се купи дополнителната струја и по која цена. За новата електрична мрежа, капацитети за производство и дистрибуција, мора да се вложи голема сума пари што се мери во милијарди евра. Тоа ќе влијае и на цената на електричната енергија за полнење на автомобилите, која нема да биде постојано бесплатна. Некои анализи покажуваат дека полнењето „гориво“ кај електричните автомобилите би можело да биде и поскапо од возилата на дизел или бензин, заклучува авторот на текстот објавен на „Пословни дневник“.