За осум години профитот на банките се зголемил за седум пати

413
Фото: Игор Бансколиев

Во 2011 година банките оствариле 19,2 милиони евра профит по оданочување, покажуваат податоците на Народна банка, во 2015 година профитот пораснал на 75,4 милиони евра, а во 2018 година тој достигнал дури 135,8 милиони евра

Профитот на банките во Македонија се зголемува од година на година. Во последниве осум години тој се зголемил за седум пати, па сепак тоа не ги спречува банките постојано да ги зголемуваат каматите на кредитите и на провизиите. Во 2011 година банките оствариле 19,2 милиони евра профит по оданочување, покажуваат податоците на Народна банка, во 2015 година профитот пораснал на 75,4 милиони евра, а во 2018 година тој достигнал дури 135,8 милиони евра. А напоредно со профитот на банките растат и давачките на граѓаните. Најголем дел од приходите банките ги оствариле преку камати на кредитите и на провизиите, што се двете најголеми ставки за прибирање пари од граѓаните и од корпоративниот сектор и кои имаат најголем удел во зголемувањето на профитот.

– Големата профитабилност на банките се должи на големата претпазливост за кредитирање првокласни клиенти што можат да си ги вратат и основицата и каматите. Со кредитирање на домаќинствата се врши висока дисперзија на ризикот. Таквата конзервативна политика дава резултати врз профитабилноста, и тоа не само кај големите банки туку и кај средните по големина – вели Љубе Трпевски, поранешен гувернер на НБРМ.

Според Народна банка на Македонија, во 2011 година банкарскиот систем остварил најнизок износ на добивка во последниве петнаесетина години, во услови на глобална економска криза и преносни ефекти врз нашата економија.

– Во таа година, добивката на банкарскиот систем беше преполовена во споредба со 2010 година, во голема мера како последица на материјализацијата на кредитниот ризик, што се согледува преку раст на учеството на нефункционалните кредити во вкупните на околу 10 отсто и зголемените трошоци за исправката на вредност на кредитното портфолио. Покрај тоа, банките беа мошне прудентни и значително ги зголемија ликвидните средства, пред сѐ, пласманите во краткорочни ликвидни финансиски инструменти, коишто, по правило, носат и пониски каматни приходи – објаснуваат од НБРМ.

Оттаму велат дека почнувајќи од 2012 година, добивката на банкарскиот систем бележи континуиран раст. Во периодот од 2012 до 2016 година, нето-приходoт од камати даде најголем придонес во зголемувањето на добивката на банкарскиот систем.

– Наспроти тоа, во 2017 година, растот на добивката на банкарскиот систем беше најмногу под влијание на другите редовни приходи што, пак, се должи најмногу на растот на капиталните добивки од продажба на средства и наплатените претходно отпишани побарувања, а минатата година, покрај тие, и намалувањето на трошоците за исправка на вредност даде највисок придонес во зголемувањето на добивката. Покрај тоа, во анализираниот период, видливо е подобрување и на оперативната ефикасност на банките, преку контрола на растот на оперативните трошоци, што е исто така фактор за одржувањето солидна профитабилност. Така, показателот за соодносот меѓу оперативните трошоци и вкупните приходи од редовно работење се намали од 67,8 отсто во 2011 година, на 46,2 отсто во 2018 година – истакнуваат надлежните од НБРМ.

И покрај тоа што нашите банки имаат високи профити, малите и средни фирми сѐ уште тешко доаѓаат до кредити и тие се скапи, укажува Европската Унија, откако направила студии преку анализирање на приватните фирми. Банките не сакаат да ризикуваат, а на компаниите им е тешко да ги обезбедат гаранциите што ги бараат за да им одобрат заем.

– Иако во Македонија има банкарски сектор кој е профитабилен и ликвиден, сѐ уште има проблеми кои придонесуваат малите и средни фирми да се соочуваат со тешкотии кон користењето и пристапот на тие средства. Малите фирми немаат капацитет да напишат добри бизнис-планови, што на банките им го зголемува ризикот и така тие стануваат поскапи, што особено важи за кредитите со мали износ – вели Јанмат Фрик, раководител на проекти во делегацијата на ЕУ во Македонија.

Во НБРМ велат дека анкетните истражувања што ги следат покажуваат дека банките од 2014 година наваму ги олабавуваат кредитните услови за корпоративниот сектор, во услови на доволен обем на ликвидност и соодветна солвентна позиција, поповолно економско окружување и намалување на согледувањата за ризик.

– Меѓутоа, мора да се има предвид дека кредитирањето е двостран процес и зависи не само од понудата туку и од побарувачката на кредити. За поголемо кредитирање на домашните претпријатија не е доволно само банките да имаат соодветна ликвидност и капитализираност и соодветно структурирани кредитни производи што одговараат на потребите на претпријатијата, туку еднакво e важно оцените на квалитетот на побарувачката за кредити да бидат задоволителни за банките – сметаат од НБРМ.

Особено кога станува збор за малите и средните претпријатија и за бизнисите кои се во раната фаза од нивниот развој, НБРМ вели дека главна пречка за кредитирањето најчесто се барањето за колатерал, односно обезбедување кое овие субјекти во поголем број од случаите не се во можност да ги задоволат, како и слабиот квалитет на нивните финансиски извештаи и немањето кредитна историја.

– Меѓу другото, потребна е поголема консолидација на домашниот банкарски систем. Цениме дека окрупнување на банкарскиот систем би значело и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата, што би требало да резултира со позитивни ефекти и врз палетата производи што ги нудат банките и врз нивната достапност и за корпоративниот сектор и за населението, а под конкурентни услови – додаваат од НБРМ.

[email protected]