Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на новинарите од културата се намалува од ден на ден. Имам чувство како да сме некое племе што полека исчезнува. Белки нема и тоа да се случи, вели авторот на 

Љупчо Јолевски, новинар

Во книгата „Радио“ ги меморирате случувањата во културата, истакнувајќи ја моќта на радиото како медиум. Имате ли посебен однос кон него?
– Радиото за мене било и ќе остане волшебен медиум. Тоа беше мојата прва вистинска врска со светот и со уметностите. Со музиката посебно. Растев со програмите на радио, оти тогаш не секој дома имаше телевизор. Радиото прво со изворната музика, со Тале Огненовски, Пеце Атанасовски, Вања Лазарова, Никола Бадев, а потоа со „Битлси“, Реј Чарлс, „Стоунси“, „Лед цепелин“… ме освои на прва топка и ме направи и денес да му се поклонувам со целото авторско битие. Кога сум на програма, се чувствувам како во своја кожа, иако, ете, низ годините, по играта на случајот, поминав и низ сите други медиуми. Кога бев во Македонско радио, постарите колеги велеа дека телевизијата прави лица, а радиото личности. И воопшто не грешеа. Во Радио Слободна Европа сум деценија и пол, каде што ја имав и, еве, сега ја имам слободата со глас, со текст, да бидам во етерот. Но една работа долго ме мачеше – тврдењето дека „етерот е ветер“. Дека сето тоа му се предава на заборавот истиот момент кога ќе тргне одјавната шпица на емисијата. Ете, и затоа гледајќи ги купиштата хартија на масата пред мене се решив да сторам некаков избор, кој потоа би се нашол меѓу корици, првично дури нималку свесен дека на тој начин веројатно ќе ја претставам мојата слика за движењата и стремежите во актуелната македонска култура за еден одреден период. Но искрено ќе кажам дека сѐ уште ми фалат класичните радиопрограми, каде што би можел да се распостелам со избор на говор, на гости и на музика што ќе биде дел од приказните. Којзнае, можеби еден ден ќе се најде простор повторно во Македонското радио за нешто такво.

Во книгата има разговори со етаблирани, со познати и помалку познати личности од културата. Дали тие сакаат да се во медиумите, им веруваат ли?
– На страниците на „Радио“ се најдоа личности од различни области што имаа своја приказна и силни аргументи за она што го творат. Луѓе што имаат голема потреба да комуницираат, да ги претстават својата уметност и своите сознанија пред нејзиното величество публиката. Оттаму, немам никаков сомнеж дека тие автори сакаат да бидат присутни во медиумите. Но од нивните зборови знам дека не милуваат да бидат секаде. Уште помалку една единствена вест за нив, со сите грешки, запирки и точки, да се појави потпишана од различни автори. Тие дефинитивно не сакаат копи-пејст новинарство. Ниту „водители“ и „автори“ што првпат се среќаваат со она што го креираат. Што не само што не им го знаат делото туку им ги забораваат и имињата и презимињата, а ги викнале да им бидат соговорници. Ете, затоа сѐ помалку им се верува на „новинарите“. Па и на оние „од културата“ што се загинале таму, а барале само можност нешто да заработат за живот во овие скудни времиња. Нѐ убија незнаењето и немањето желба нешто да дознаеме, да фрлиме поглед подалеку од буништево, да ги надминеме границите, да не им робуваме на новокомпонираниот начин на живот и политикиве што нѐ сотреа во државичкава.

Како гледате на фактот дека на прсти веќе се бројат редакциите за култура и новинарите во нив во земјава?
– Ова е особено болно прашање. Ја имав можноста да работам и во големи сектори што третираа култура и уметност и во мали мобилни рубрики што се бореа секаде да стигнат, да направат добар осврт, рецензија, разговор. И сето тоа да биде професионално сторено. Сега се некои други времиња. Беспарицата и некадарните ги столчија „државните медиуми“, особено културните рубрики во нив. Се смешаа лончињата онаму каде што не требаше, како во националниот сервис на пример, па, така, наместо таму да се негува она по што тие сектори беа врвот во регионот, емисиите од културата, документарните емисии, детската програма, музичките емисии, сега наместо оние што едуцираа, орото го водат оние што ја сфатија „политиката“ како можност за лична промоција и се приклонија кон некој од таборите. Уште полошо е во приватните медиуми, каде што успешноста се гледа по бројот на продадени примероци на весниците или по лајковите на сајтот, каде што сопствениците воопшто не ги интересираат културата и вистинските вредности, туку аферите и голите гради и долги нозе на некојаси таму. Оти тоа носело гледаност, читаност, симпатии, успех. И го удрија сатарот. Бројот на новинарите од културата се смалува од ден на ден. Имам чувство како да сме некое племе што полека исчезнува. А имаме нова, здрава, силна, млада култура на која мора да ѝ се даде шанса, која си го бара просторот и неизоставно мора да се спореди со сето она што се создава во регионот, во Европа, зошто да не и во светот. Не треба да заврши нашиот видокруг некаде кај Табановце, кај Богородица, по Делчево или кај Ќафасан. Таа нова литературна, театарска, ликовна, музичка понуда, мора да ги прескокне границите во нас и потоа во ова општество, што и не покажува сериозност дека му е гајле за вистинските вредности.

Што треба да се случи за културата да биде повидлива и позаслужено медиумски третирана?
– Додека културата служи како средство за пазарење помеѓу партиите, а така е од моментот кога почнавме да ја голтаме демократијата, повеќе од две и пол децении, без исклучок, кај нас нема да има квалитетен третман на културата. Ја фрлија во калта во моментот кога сфатија дека тие, читај политичарите, го заслужуваат шоуто. Не музичарите, глумците, поетите, сликарите. Работите не можат да се вратат назад ама треба да превладее свеста дека за културата треба да се грижат луѓето од културата. Кога така од врвот ќе се сменат работите, тогаш и културата ќе стане повидлива. Така можеби ќе се смени нешто во свеста кај сите. Дури и кај оние што милуваат да бидат господари на медиумската стварност. И тие веројатно првин ќе се согласат, наместо една, да дадат две страници за настаните од културата, ќе повнимаваат да ги нема сензационализмот, лажните вести и говорот на омраза во нивните изданија, или ќе се вратат на телевизиите петте минути култура, а на радиостаниците македонската музика и културните настани ќе се најдат не во глува доба туку во некое понормално време. Е, тоа би сакал да го видам, да го чујам, да го прочитам.