За Колета калајџијата од Кривогаштани

116
Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: К… К може да биде, може да биде… може да биде квачка. К е кога Кате ќе му рече на Колета: Како си? К е кога Коста ќе набере костени и кога ќе оди на пазар во Куманово за да ги продава. К е книга полна со приказни. Под креветот на Кети најдов неколку книги со илустрирани приказни. Размислувам која да ви ја прочитам… Знам која… Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата К да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Приказнава е стокмена за Колета калајџијата од Кривогаштани. Демек, Коле калаисувал котли по селата околу Крушево и така станал познат калајџија. Но, драги мои, станал славен и познат по нешто друго. За тоа другото е оваа приказна. На Колета некоја вечер на сон му дошол некој гајдаџија и му рекол…

– Те одбрав тебе бидејќи си добар и чесен човек. Утре ќе тргнеш кон Кажани и кога ќе го поминеш селото, среде густата букова шума ќе најдеш десет дрвја со необични крошни што личат на отворени чадори за дожд. Ќе пресечеш седум гранки и ќе се вратиш во Кривогаштани. Ова го знаеме само јас и ти… само јас и ти…
Утрото кога се разбудил, се подуплашил Коле калајџијата, но, сепак, решил да тргне на пат. Се качил на коњот и тргнал. Кроце по кроце стигнал до Кажани. На селската чешма се напил вода, каснал малку леб и кромид и продолжил кон буковата шума. За големо чудо лесно ги нашол дрвјата со чудна крошна, пресекол седум гранки и повторно кроце, кроце се вратил во Кривогаштани. Истата вечер повторно гајдаџијата на сон…

– Од гранките се прават кавали. И за тажни и за весели песни. Ти си одбраниот да ги правиш и да им ги продаваш на овчарите и на сите што ја сакаат музиката, нашата музика… нашата изворна македонска музика…
Еден убав пролетен ден, в зори, со првата песна на славејчињата и со првото утринско џивкање на врапчињата, Коле калајџијата од Кривогаштани излегол на балкон и дувнал во кавалот. Ајде кога се чула една мелодија, еден меден звук … За неколку минути замолкнале славејчињата, престанало џивкањето на врапчињата, чкрипењето на волските коли, лаењето на кучињата, довикувањето на жените што меселе леб…

Под балконот на Колета калајџијата се собрало цело село и старо и младо. Коле кога видел што се случило свртел на оро и ороводецот, некојси Крстин, го растегнал најдолгото оро, кое почнало да врти по селските улици сѐ до сретсело. Никогаш пред тоа Кривогаштани не било поразиграно и пораскокано. Коле калајџијата, тој убав пролетен ден, станал кавалџија. Животот му се сменил од корен. За него чуле дури до Прилеп. Сите овчари си купиле по еден кавал од кај Коста, божем овците кога ги слушале нотите што излегувале од кавалот повеќе паселе, двапати годишно се близнеле и давале дупло повеќе млеко. А, стариот гајдаџија од сонот на Коста?!… Го снемало, но Коста не го заборавил. Најубавиот кавал секоја вечер го оставал во дворот до коренот на битолската цреша. Велат, некаде пред први петли, токму од дворот на Коста се слушала чудна и необична музика која влегувала во сонот на вредните и на чесните кривогаштанци како најава на уште еден убав и весел ден. Мене ми се допадна приказната… Што, не ми верувате?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата К ги отклучуваме: квачка, Кате, Коста, калајџија, кавалџија, Кривогаштани, Кажани, кавал, Крстин, кучиња, Крушево, котел, коњ, кроце, Коле, костени, Куманово, книга, кревет, Кети,. Коле, калаисува, крошна, качува, кромид, корен…