За ежот Емил, за Ежово и за ежиците

32
Илустрација: Игор Јовчевски

ЗА СЕКОЈА БУКВА ПРИКАЗНА: Е

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот:
Е!!! Е може да биде, може да биде… елка. Еднаш еден еж се препнал на чешел со три запци што личел на буквата Е и паднал во ендек. Во мојата енциклопедија имам список на приказни долг еден километар. На Е почнуваат единаесет илјади приказни. Ќе ви ја раскажам единаесеттата. Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Е да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната заедно ќе ги отклучиме. Приказнава е стокмена за еден еж што се викал Емил. Некогаш, многу одамна, ежот Емил тргнал да бара ежица, божем му здодеало да биде ерген, та решил да се жени. Емил бил еж што живеел во ресенското село Евла, ама во Евла ежици немало. Начул дека ежици има во едно друго село, во Ежово. Едно сиво есенско утро тргнал да го бара Ежово. Одел, одел и, кога… на еден патоказ со големи букви пишувало: ЕЖОВО.

– Се изморив, ама упорноста секогаш се исплатува. Уште да најдам некоја убава ежица и да си се вратам во Евла – така, за себе, си подрекол ежот.
По неколку минути Емил стигнал на сретсело и влегол во кафеаната на познатата ежица Елена. Седнал и порачал чај од лутиче и, така, под око, ги гледал ежиците по околните маси. Тие, ежиците, пак, сите, до една, пиеле чај од нане, божем секоја трета ежица во Ежово ја болело стомак. Ежот од Евла, мангупот светски, се загледал во една ежица што не пиела чај. Погледите им се сретнале на пол пат, и, а да стане, а да тргне кон неа… Ееее, драги мои, во Ежово било забрането гледање ежици в очи, и, така, Емил, ежот од Евла се нашол в затвор.

Еден ден, два, три… поминале единаесет дена. Кога на единаесеттиот ден се отворила затворската врата и во ќелијата влегле десет ежици. Го грабнале ежот Емил за врат, го треселе малку и седмата ежица му рекла…
– Слушај ваму, ти си првиот еж што се осмелил да погледне ежица в очи. Во нашето село ова првпат се случува. Ова е чудо невидено. Или си многу храбар или нешто ти фали. Ама, ако, решивме да ни бидеш крал.
– Ја… јајассс ккк… крал на Ежово, јас крал… почнал да пелтечи Емил.
– Крал, да гоооолем крал, му вратила втората ежица… Знаеш што значи тоа, а?… Ништо не знаеш, како од месечина да си паднал.
– Не сум паднал од… живеам во село Ев… Евла, Ресенско…
– Кралот е сопруг на сите ежици во Ежово – викнала единаесеттата ежица. Да живее нашиот крал!
Леле, леле, што да ви кажувам. Се исплашил ежот Емил до немајкаде. Едно време побледел, потоа почнал да офка и да се тресе и од преголем страв почнале по телото да му растат боцки. Растеле, растеле и едно време престанале.
– Вистинските ежови вака изгледаат, вака кралски! – викале ежиците од Ежово.
– Да живее нашиот крал!… Да живее кралот!!! – викале и вртеле ежиците околу ежот од Евла.

Не му било лесно на новиот крал, ич не му било лесно. Но, немал што да прави, тоа било… А и крал не се станува лесно. По некоја година Ежово се наполнило со ежиња. Сите биле исти, сите биле со боцки, сите личеле на кралот Емил.
А, драги мои, деновиве разбрав дека во дворот на еден мој пријател од Евла се појавил еж, со боцки, кога ќе го скриел носето личел на топка. Ми вели пријателот, брат, змиите од него почнаа да бегаат како од оган. Ми се исчисти дворот од змии. Како стигнал од Ежово во Евла, сега засега никој не знае. Ако дознам ќе ви кажам. А, приказната за ежот и ежиците… не ми верувате дека било така, а?! Ако ми верувате арно, ако не уште поарно!

За крај зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Е ги отклучуваме: Емил, Елена, Евла, Ежово, есен, еж, ежици, ежиња, елка, ерген, еден, енциклопедија, ендек, еднаш, единаесет…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.