За еден Шеќерко од Шеќерино, за врапчето Ќесе и за мачорот Ќофте

25
Илустрација: Игор Јовчевски

Во „Колибри“, како подарок за сите деца, ексклузивно ја објавуваме серијата „За секоја буква приказна“ во 31 продолжение, на писателот Владо Димовски. Приказните се дел од проектот на издавачот „Арс ламина“ – „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните“

Приказнарот: Ќ!!! Ќ… Ќерката на воденичарот Сотир, кого сите го викаат Ќосе, постојано вели: Јас сум најубавата воденичарска ќерка на светот. Под една ќерамида две врапчиња направиле гнездо. Бабата што прави највкусни ќофтиња се вика Ѓурѓа. Но приказната за ќофтињата некој ми ја украде и ми остана оваа што ќе ви ја раскажам сега.

Толку како за почеток. А, сега ајде да внимаваме и сите зборови што почнуваат на буквата Ќ да ги заклучиме во нашите главчиња, не за друго, туку за да не ни избегаат. Кога ќе заврши приказната, заедно ќе ги отклучиме. Приказната е стокмена за еден Шеќерко од Шеќерино. Шеќерко можеби имал и некое друго име, ама сите шеќерчани го викале така – Шеќерко. Дали бил женет?!… Не бил женет, но бил тука некаде. Малку бил… како да речам… Сите другари на Шеќерко играле фудбал, тој фаќал пеперутки. Цело село тргнувало на жнеење, тој ги хранел мравките со трошки и со шеќер. Има уште… Сите зиме оделе на скијање, Шеќерко се грижел околу селските врапчиња. Им правел куќички и ги хранел со трошки леб.

Таков бил Шеќерко, едноставно ги обожавал животните. Драги мои, Шеќерко наш со сите бил пријател, сите го сакале и го почитувале. Но има пријатели и пријатели. Најдобар пријател бил со едно врапче. Врапчето си живеело под една ќерамида на неговата плевна. Демек, тоа си имало гнездо под ќерамидата. A, ќе заборавев.

Шеќерко знаел да свири на ќемане и бил познат ќеманџија. Особено сакал да им свири на врапчињата кога слетувале во неговото гумно за да ги изедат трошките леб во долгите и снежни зими. Ќе се завиткал во волнено ќебе за да не му студи, ќе седнел на триножникот до сливата и ќе почнел да им свири на ќемането на насобраните врапчиња. Се знаело, меѓу врапчињата било врапчето пријател на Шеќерко – Ќесе. Ќесе го викал бидејќи кога ќе се најадело, гушето му се правело како ќесе. И ви велам, врапчето Ќесе воопшто не се плашело од Шеќерко, воопшто. Му слетувало на рамото, море кога го хранел и в раце му одело. И, една зима паднало голем снег, што се вели, до појас. Верувам, знаете дека птиците кога има многу снег тешко доаѓаат до храна. Ако не им помогне некој… тешко дека ќе ја истераат зимата. Таа година снегот паднал така, наеднаш. Ги изненадил сите, та дури се снашле им било многу тешко. Шеќерко излегол во дворот, гледа снег до појас. Веднаш се сетил на врапчето Ќесе. Почнал да го бара… барал, барал, но Ќесе како да пропаднало в земја. Поминале неколку дена, од врапчето ни трага ни глас. Да ти се изгуби пријател од тукутака е тешка работа. Е, Шеќерко, Шеќерко, почнало сон да не го фаќа, го изгубил апетитот, ослабел…

– Еј, Шеќерко!… Што ти е? Си ослабел, како врка си се направил – ќе му подвикнел некој сосед.
– Види го, оќелавел! Не си веќе Шеќерко, ќе те викаме ќелавко! – му викале децата и се смееле.
Еден ден, Шеќерко го видел мачорот Ќофте како се врти околу една напуштена куќа. Секогаш го поздравувал, сега не, божем не го видел.
Има тука нешто – си подрекол Шеќерко. Еј, чекај малку! – му подвикнал Шеќерко на мачорот.

Кажи… Ајде, се брзам – му рекол мачорот.
Имам една мака. Ќе ми помогнеш? – го прашал мачорот Шеќерко.
Кој нема мака, сите си имаме понекоја мака – продолжил да оди Ќофте по уличката.
Ќе ти направам десет ќебапи ако ми помогнеш – се сетил Шеќерко.
Велиш десет, а? – застанал мачорот. Тогаш доаѓај по мене!
И Ќофте и Шеќерко тргнале.
По малку влегле во напуштената куќа и, кога, во една од одаите една мачка седнала на подот и в раце држи врапче. Демек го милува по глава. А да го лапне, а да го лапне…
А, така значи – викнал Шеќерко. – Веднаш пушти го врапчето оти ќе ти ги искршам коските – се изнервирал Шеќерко.

Ќе го пу… пупуштам – почнала да пелтечи мачката.
Каде се другите врапчиња – прашал Шеќерко.
Сега ќе ги пуштам, сега… и наеднаш од еден кафез излетале стотина врапчиња.
Едно од нив веднаш му слетало на раменото на Шеќерко. Знаел дека тоа е неговото пријателче Ќесе. Така било. Мачорот Ќофте си ги добил десетте ќебапи, а врапчето Ќесе, Шеќерко си го прибрал дома. До првите пролетни сончеви зраци кога главчињата ги покажуваат кокичињата. Денот кога врапчето повторно почнало да ја надлетува куќата на Шеќерко, тој го зел ќемането и почнал да ги свири највеселите песни што ги знаел. Толку… Што?… Не ми верувате?!… Тешко дека ќе ми поверувате? Така е, но ако ми верувате – арно, ако не – уште поарно!
За крај ги отклучуваме зборовите што ги пикнавме во оваа приказна, а кои почнуваат на буквата Ќ: ќерка, Ќесе, ќофте, ќофтиња, ќемане. ќеманџија, ќебапи, ќерамиди, ќебе, ќелав, ќелавко, ќосе…


Наместо белешка за авторот

Владо Димовски е познат македонски писател за деца и за возрасни, автор е на радиодрами и сценарист на телевизиски играни серии. Роден е во селото Долно Дупени, Ресенско во 1951 година. Работел во Македонското радио како новинар, а бил уредник на Редакцијата за деца, уредник на Секторот за култура, образование и наука и извршен уредник на играната програма.
Член е на ДПМ од 2000 година. Добитник е на голем број домашни и меѓународни награди.
Негови најпознати дела посветени на децата се: „Цвет од сонца“, „Умни глави“, „Приказни за буквите“, „Тате, мама и јас“, „Продавница за играчки“, „Испревртени приказни“ и други.
Чест гостин е во додатокот за деца „Колибри“, а до скоро на нашите страници се објавуваше неговата едукативна серија, која стигна до бројката 70, „Да зборуваме македонски со Владо Димовски“.