За две недели се очекува да ни долета египетскиот мршоjадец

955

Мршојадците се можеби најкорисните птици, бидејќи имаат улога на бесплатни природни чистачи

Египетскиот мршојадец е еден од четирите вида мршојадци што некогаш се гнезделе на територијата на Македонија, другите три се белоглавиот, брадестиот и црниот мршојадец. Брадестиот и црниот мршојадец се истребени од Македонија, а последните индивидуи се регистрирани во 2004 и 2005 година.

Македонското еколошко друштво е партнер во проектот „Нова надеж за египетскиот мршојадец“ (код: LIFE16 NAT/BG/000874), кој цели кон зајакнување на најисточните популации на египетскиот мршојадец во Европа преку итно воспоставување конзервациски мерки во насока на елиминација на познатите закани во гнездечките територии и по прелетните патишта.

– Во овој проект се вклучени организации од 14 држави од Балканот, Блискиот Исток и Африка. Тој е финансиран од Европската Унија и претставува најголемиот проект за заштита на мршојадци досега. Во рамките на проектот, неколку од птиците беа обележани со ГПС-локатор и активно ги следиме. Веќе се упатени кон Балканот и за околу две недели можеме да очекуваме да ни се вратат. Инаку, ние и понатаму продолжуваме со нивното истражување и заштита, секако работиме и на издигање на јавната свест за оваа птица. Секогаш се добредојдени волонтери што би ни се приклучиле во истражувањето – ни сподели Ненад Петровски од Македонското еколошко друштво, кој подолго време ги истражува мршојадците.

Проучувањето и напорите за заштита на мршојадците во Македонија се одвиваат уште од 2003 година, но, за жал, единствено што можевме да направиме е да гледаме како полека исчезнуваат. Некогаш ги имало стотици, денес, за жал, ги броиме на прсти преостанатите единки.

– Со последниот цензус што го спроведовме, лани изброивме 13-14 пара египетски и помалку од 10 пара белоглави мршојадци – вели Ненад.

Убедливо најголемата закана со која се соочуваат овие птици е илегалното труење, кое, за жал, е многу честа практика во руралните средини како кај нас, така и по должината прелетните патишта и во пределите во Африка, каде што оваа птица презимува. Отровите се наменети за контрола на други предаторни животни, како волкот, чакалот, лисицата и куната, но и за диви и домашни кучиња. Сепак најчеста жртва се токму мршојадците, со тоа што ја јадат или отровната мамка (парче месо попрашено со отров) или трупот од отруеното животно. Во ваквите инциденти мршојадците масовно се трујат и гинат во големи бројки одеднаш.

Други закани се илегалниот лов, крадењето јајца од гнездо за црниот пазар, електрокуција и колизија со ветерници.

– Египетскиот мршојадец е многу интелигентна птица и единствениот мршојадец што користи алатки. Додека е во Африка, често е забележан како со камења удира по јајца од ној за да ги скрши и да стигне до внатрешноста.

Мршојадците се можеби најкорисните птици, бидејќи имаат улога на бесплатни природни чистачи. Кога ќе наидат на умрено животно, можат да го изедат за помалку од половина час (во зависност од бројот на птици), без разлика во која фаза на распаѓање е трупот. Нивниот желудник ја содржи најсилната киселина во животинското царство, што ги прави отпорни на сите болести – објаснува Ненад.


Во Македонија е познат како кања

Египетскиот мршојадец е вистинска жива легенда. Неговото присуство е славено од страна на многу народи низ Европа, Азија и Африка.

– Постојат многу легенди и приказни што го поврзуваат со пристигнувањето на пролетта, во некои култури претставува симбол за родителската грижливост, го обележува доаѓањето на пролетта, а старите Египќани дури имаат хиероглиф со ликот на египетскиот мршојадец, кој ја означува буквата А. Во Стар Египет бил асоцијација на Исис, божица на плодноста, мајчинството и магијата – нѐ информира Петровски.

Во Македонија, египетскиот мршојадец кај народот е најпознат под името кања, а на некои места може да се сретне и како: бел орел, мал орел, кањичка итн. Доказ за поврзаноста на кањата со локалното население во Македонија е фактот што постои детска песна за неа, која на шега се пеела кога ќе се вратат птиците од Африка.