За Владата шанса, за економските експерти опасност

159

Некои познавачи на економските состојби во земјава предупредуваат дека ниту Македонија не може да остане настрана од светските текови и дека прашање е кога и со колкав обем рецесијата ќе ја погоди и македонската економија. Од друга страна, дел од бизнис-заедницата и Владата сметаат дека она што се случува во Германија би можело само позитивно да се одрази врз економијата во земјава

Сè погласните предупредувања за можна рецесија во Европа и во САД го отворија прашањето дали таа би можела да се одрази и врз македонската економија, со оглед на фактот што најголемата трговска размена земјава ја има токму со Германија, моторот на европската економија. Случувањата во германската економија ги погодуваат и другите германски партнери, па и поранешниот австриски канцелар Себастијан Курц предупреди за опасноста од рецесија во Австрија.

– Лошиот економски развој во Германија, кај нашиот најважен деловен партнер, може да има драматични последици и затоа итно е неопходно да се спроведат даночни реформи. Ако останат повеќе пари во паричникот на граѓаните, ќе можеме да ја спречиме рецесијата – порача Курц.

Токму Сојузна Република Германија е најзначаен трговски партнер на Македонија, со која во 2018 година е остварена трговска размена во износ од 3,6 милијарди евра. Во првата половина на 2019 година, трговската размена достигна две милијарди евра, односно бележи пораст од 18,2 отсто во однос на истиот период лани. Суфицитот е на македонска страна, а извозот на стоки во периодот јануари-јуни 2019 година бележи пораст од 22 отсто.

Некои од познавачите на економските состојби во земјава предупредуваат дека ниту Македонија не може да остане настрана од светските текови и дека прашање е кога и со колкав обем рецесијата ќе ја погоди и македонската економија. Од друга страна, дел од бизнис-заедницата и Владата сметаат дека она што се случува во Германија би можело само позитивно да се одрази врз економијата во земјава.

Според професорот Трајко Славески, она што се случи во 2008, 2009 и 2012 година, кога започна светската економска криза, е доволен показател дека светските текови се одразуваат и врз македонската економија.

– Сè зависи кога и со колкава сила би се случила таа рецесија. Таа директно и автоматски се пренесува врз глобалните пазари. Ако главните земји со кои ја имаме соработката бидат погодени од тоа, конкретно Германија, Италија, Грција, тогаш нема бегање, ќе мора да се справуваме со последиците – вели Славески.

Слично размислува и академик Абдулменаф Беџети, кој ги советува компаниите да подготват посебни стратегии за намалување на влијанието на рецесијата на германската економија во своето работење, додека на државните институции и бизнис-заедницата им препорачува заеднички да работат во наоѓање нови трговски партнери доколку продолжи негативниот економски тренд во Германија.

– Имајќи ја предвид високата зависност на македонската економија од економијата на Европската Унија и особено од германската, која е најголем партнер во стоковната размена, цикличните економски перформанси на таа економија секако ќе влијаат директно на нашата економија. Особено треба да се има предвид тоа што Германија е најголем трговски партнер на земјава, како по обемот, така и по структурата – објаснува Беџети.

Тој додава дека токму поради поврзаноста на домашната економија со онаа на ЕУ и Германија, секој потрес таму се чувствува и тука.
Од друга страна, дел од бизнис-заедницата и Владата имаат поинакво мислење, односно сметаат дека германската рецесија отвора шанса за домашната економија.
– И покрај техничката рецесија, како што ја дефинираат германските економски експерти, а која се однесува на падот на БДП во Германија за 0,1 отсто во вториот квартал на 2019 година, не очекуваме да има негативни ефекти за домашната економија. Напротив, во согласност со развојните планови на германските компании во земјата, особено оние што работат во технолошко-индустриските развојни зони, очекуваме зголемување на производството, а со тоа и нови вработувања и зголемување на извозот од нашата земја кон Германија – изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во земјава, смета дека актуелните случувања во германската економија може да го зајакнат македонското стопанство.

– Компаниите од Северна Македонија што своите производи ги извезуваат во Германија нема да бидат погодени од рецесијата, ќе се штеди во Германија, не во Северна Македонија! Сметам дека актуелната состојба во стопанството во Германија може да го зајакне стопанството во земјава, а постои можност и за преместување на производството во овој регион за да се заштеди на трошоци, но се разбира оваа одлука зависи од компаниите – нагласи Мартенс.

Моменталниот тек на настаните оди во насока на влегување на Германија во рецесија, но останува нејасно колку и како ќе се одрази тоа врз економските текови. Со оглед на тоа што случувањата во економијата некогаш не ги следат предвидувањата на експертите, повеќе од јасно е дека е потребно внимателно следење на состојбите и подготовка на стратегија со која би се амортизирале евентуалните удари врз домашната економија.


Рубини предвидува нова светска економска криза во 2020 година

Еден од најпознатите светски економисти, професорот Нуриел Рубини, кој ја предвиде економската криза во 2008 година, неодамна соопшти дека идната светска рецесија, за која тој е сигурен дека би се случила до крајот на 2020 година, ќе биде резултат на сплет од неколку фактори, од кои трите најважни се ескалирачката трговско-валутна војна помеѓу САД и Кина, потоа т.н. студена технолошка војна помеѓу истите две земји околу нивната доминација врз технологиите на иднината, односно вештачката интелигенција, 5Г, роботиката и други и цените на нафтата, кои иако во моментот опаѓаат, би можеле да скокнат до небо доколку дојде до воен конфликт меѓу САД и Велика Британија од една страна и Иран од друга страна.
Рубини смета дека овие процеси, придружени со актуелниот процес на деглобализација, можат да ескалираат во нова рецесија.