За варварите и за цивилизираните

1137

Пред неколку дена го гледав рускиот филм „Крим“ на режисерот Алексеј Пиманов. Во него се раскажува најновата историја на некогашната руска територија што Хрушчов ѝ ја подари на Украина, а пред извесно време, по украинскиот конфликт и по референдумот, повторно се врати во рамките на Руската Федерација. Се разбира, ја добиваме приказната од руска перспектива. Сам по себе филмот е далеку од ремек-делата на поновата генерација руски режисери како Балабанов, Лунгин и Зјагинцев, затоа што во себе носи еден вид холивудска мелодрамска наивност и патетичност, но интересно е да се види руски филм посветен на скорешните геополитички превирања во светот. На крајот на краиштата, во последните неколку години имам видено десетици американски филмови што одработуваат реални или измислени приказни од разни светски политички конфликти како Ирак, Авганистан, Либија, Сирија, бивша Југославија, Украина, Грузија, Кореја, Латинска Америка и Европа.

Во сите тие американски филмови, без разлика дали станува збор за измислена приказна, ама среде реална политичка ситуација или е филмот базиран на вистински настани, „непријателите на добрите Американци“ секогаш се претставени како ѕверови, психопати, изопачени лудаци и безмилосни убијци. Секако, „американскиот херој“ ги уништува овие „непријатели на демократијата“. Во најголем број случаи непријателите секако се Руси.

Денес, помалку или повеќе, јасни ни се фактите околу украинско-кримската криза. Познато е дека ЦИА и Сорос, по вообичаено спроведено сценарио, го направија хаосот во Киев по кој Украина речиси и да не функционира како држава. Знаеме дека снајперистите на „Мајдан“ беа нивни платеници, дел Грузијци, дел Американци, кои убиваа цивили и полицајци за прикажување на украинските специјални сили како психопати. Неоспорен е фактот дека по настаните на „Мајдан“, контролата во Украина ја презедоа нацистите на Бандера и Десниот сектор, исто така цијашки платеници, кои убиваа Руси живи палејќи ги. Видовме како Русите си го вратија Крим речиси без испукан куршум за разлика од Косово кога Американците отцепуваа туѓа територија за да си направат протекторат.

Сето тоа е јасно. Она што изненадува во филмуваната верзија за Крим е рускиот пристап во преставување на односите меѓу „руската страна“ и нивните „непријатели“. И покрај фактот што во филмот има сцена каде што украинските бандеристи живи палат луѓе во автобус, во филмот нема нагласена омраза кон Украинците и Западот. Ама нема воопшто. Во односот меѓу двата главни лика, тој е Русин од Севастопољ (Крим), таа е Украинка од Киев, нема ни капка ароганција, омраза и понижување спрема претставничката на украинската страна. Напротив. Нејзиниот патриотизам и љубов кон Украина се претставени со сериозна почит. На крајот филмот им оддава чест, не само на руските, туку пред сè на украинските генерали, кои и покрај фактот што беа поразени без битка, ја сочуваа смиреноста и не наседнаа на замката за крвава, практично, братоубиствена војна.

Сакам да кажам, за разлика од хистеричната американска омраза кон Русија и преувеличување на „злото“ кај Русите, тука имаме еден сосема поинаков етички, културолошки и цивилизациски пристап, кој наспроти американскиот брутализам и варваризам ни дава слика за човечност, подавање рака на непријателот и обид проблемот да се реши хуманистички. Ете, токму таква е и колумната на Сергеј Караганов. За разлика од сите западни автори како Хавиер Солана, Карл Билт, Јошка Фишер и други со кои сум дебатирал во оваа рубрика каде што хистеријата, ароганцијата и омразата кон Русија е на највисоко ниво, тука, кај Караганов имаме една смиреност, внимателност во посочување на проблемите и повик за вразумување, подавање рака и воспоставување хуман дијалог.

Караганов вели: „Иако одреден степен на конфронтација со САД му помага на претседателот Владимир Путин да ја обедини јавноста додека ги зголемува националистичките квалитети на елитите, Русија не е идеолошки мотивирана држава. Каква идеологија и да има, таа е вкоренета во руската култура и цивилизација, а државата не е заинтересирана да ја извезува. Кремљ всушност претпочита да не се промовираат ставовите на Русија во нејзино име“. Јас би рекол, наспроти безумноста, лажната и манипулативна пропаганда и нехуманата изопаченост на господарите на моќта при американската „длабока држава“ и нејзините поданичко полтронски „партнери“, односно слуги, како македонската држава претставена преку нејзината власт и опозиција, тука имаме крајно внимателен, а етички силен пристап кон геополитичките премрежиња, кои можат да го втурнат светот во неговата последна забегана авантура.

Така е и во суровата реалност надвор од овие политички анализи на разни политиколози. За што Западот ја обвинува Русија? За мешање во американските избори, анексијата на Крим, за случајот „Скрипал“ во Британија, за учеството во Сирија и поддршка на претседателот Асад и неговото наводно користење хемиско оружје. И сето тоа е само обична хистерија, пропаганда и наркоманска потреба за војна на евроатлантските политички хулигани и нивните изопачени медиуми. За наводното мешање во американските избори, Караганов вели: „Сонувам за можноста дека барем два отсто од обвиненијата за руското ’мешање’ во американските претседателски избори од 2016 година ќе се покажат како точни. Тоа би ми ја зголемило самодовербата како Русин, додека ги учам Американците, чија влада одамна се меша во многу внатрешни работи на странски земји, дека е опасно да се критикуваат други без притоа себеси да се погледнат в огледало“.

Јасно и гласно. Затоа што не само што нема докази за мешање, туку сè се сведува на будалштините на забеганата Клинтон, нејзините лудаци и хистерични поддржувачи. Анексијата на Крим ја објаснив погоре. Случајот „Скрипал“ стана најновиот британски светски срам. По онолкава хистерична психоза без докази, за на крајот да видиме дека сè е обична манипулација, Британија веќе нема право да се нарекува сериозна, а камоли цивилизирана држава. За разлика од сите безумни и терористички воени интервенции на САД низ светот без дозвола на ОН, руската војна против ИСИС во Сирија беше легитимна, законска и според меѓународното право. А последново безумие околу наводното хемиско оружје? Е тоа само малоумници со испран мозок можат да поверуваат, затоа што кога си без ум, нормално дека забораваш на геноцидот врз ирачкиот народ поради лагите на Клинтон, Блер и нивната нацимедумска пропаганда поради хемиското оружје на Садам Хусеин. Сега е апсолутно исто. Ај па Си-ен-ен може и четврти пат ќе го спаси истото девојче од хемиски напад.