Зајаците – домашни миленици што се плашат од човечки допир

170

Доколку зајакот не го прифаќа допирот на сопственикот, може да стане агресивен поради стравот, а тоа претставува проблем во секојдневниот соживот, особено кога е болен и треба да биде прегледан од ветеринар

Зајаците се плашливи животни поради тоа што во природата се плен за многубројни предатори. За да може да се галат и да се држат во раце без да чувствуваат страв, потребно е да имаат многу доверба во својот сопственик. Доколку зајакот не го прифаќа допирот на сопственикот, може да стане агресивен поради стравот, а тоа претставува проблем во секојдневниот соживот, особено кога е болен и треба да биде прегледан од страна на ветеринар.
Како и сите други социјални животни, зајаците во својот развој поминуваат низ период на социјализација. Овој чувствителен период се смета дека започнува помеѓу втората и третата недела од возраста на зајакот. Затоа, зајаците веќе од втората до петтата недела би требало да имаат краткотрајни пријатни искуства со луѓето. Во исто време, зајаците не треба да се одвојуваат од својата мајка пред навршени осум дена старост, затоа што во овој период учат од своите мајки, браќа и сестри како да бидат зајак, а тоа време е исклучително важно за нивниот ментален развој.

При допирање на младенчиња во легло, секогаш треба да бидете сигурни дека рацете мирисаат на мајката-зајак, за да не биде отфрлено леглото од страна на мајката. Одговорните одгледувачи, кои имаат мирни, добро социјализирани женки за размножување, може истовремено да допрат женки и младенчиња за да го пренесат мирисот. Доколку женките не се навикнати на човечки допир, тогаш одгледувачот треба да ја допре подлогата (сламата) каде што лежат мајката и младенчињата за да може човечкиот мирис да се спои со мирисот на леглото. Сепак, зајачињата може да бидат нервозни ако нивната мајка била нервозна со луѓето.

Друга важна причина поради која може да се развие страв кај зајаците е погрешното, честопати грубо допирање. Најчеста заблуда е кога зајаците им се даваат на деца што не се во состојба да ги држат на одговорен начин. Кога кревате зајак, грбот и предниот дел од телото треба да бидат рамномерно придржувани. Исклучително е важно да се внимава на грбот и задниот дел од телото при подигањето на зајакот, за да се избегне можност од повреда на ‘рбетот.

Зајакот никако не треба да се крева за неговите уши. Може нежно да се подигне за кожата од вратот со едната рака, додека истовремено со другата рака се држи под задникот, или може со едната рака да се држи под градите, а со другата за задниот дел од телото. Сопственикот на зајакот може да го носи потпрен на своето тело. Важно е целата тежина на зајакот да е придржана и држењето да не предизвикува болка.

Кај возрасните зајаци што се плашат од допирање и држење во раце, потребно е одредено време за да се можат постепено да се приспособуваат. Сопственикот треба мирно да седне на подот или каучот каде што зајакот ќе дојде сам и да почека да му пријде кога тој ќе го посака тоа. Посакуваното однесување треба да биде наградено со неговите омилени грицки. Кога зајакот сам се приближува кон својот сопственик, може нежно да се испружи раката кон него или накратко да се погали на помалку чувствителните делови од телото, како што е задниот дел од главата.

Повторно, зајаците треба да бидат наградени ако дозволат да ги погалите. Дури, по неколкунеделно повторување на ваквата постапка на градење доверба помеѓу зајакот и сопственикот, може да се проба нежно да се подигне предниот дел од телото на зајакот, кој без страв ќе почне да доаѓа во скутот.

Овој процес на постепено навикнување на зајаците може да трае неколку месеци и зависи од тоа колку зајакот се плаши, но може многу да се постигне со голем труд и посветеност од страна на сопственикот. Понатаму, зајакот што е навикнат само на својот сопственик, може да не дозволува да го допира некој непознат. Но секој сопственик што има зајак за домашно милениче ја знае вредноста на љубовта и довербата што ги добива од својот миленик.