Зарем постои нечиста препорака?

1450

Во услови кога на состојбата се гледа не само од различни перспективи, туку таа и се вреднува врз основа на сосема различни мотиви и цели, а за согледувањето на
одделните критериуми ич да не се ни зборува, извештаите на Европската
комисија стануваат навистина беспредметни. За да бидеме начисто, не станува тука збор за различниот пристап на Брисел кон клучните политички критериуми при примањето на некои од постојните членки на Унијата и тие што сега се поставуваат пред кандидатите за членство. Тоа е политиката и тоа не може да се поставува во егзактни граници поради сосема различните политички контексти. Но кога станува збор за економијата и за јавните финансии, за кои патем Светската банка нема баш надежни согледувања и очекувања во однос на регионот, за екологијата, здравството, правосудството, администрацијата, корупцијата, инфраструктурата… тие си имаат свои параметри

Европската комисијa, со задоцнување од речиси половина година, го презентира извештајот за Западен Балкан во кој, меѓу другото, се препорачува Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за полноправно членство. Во однос на регионот како целина, како што и се очекуваше, генерално, уште еднаш беше потврдена неговата европска перспектива. Во деновиве што следуваат подробно ќе бидат согледувани и анализирани напредокот, забелешките и препораките по одделни области, ќе се вршат хоризонтални и вертикални компарирања… И како и во сите изминати години, регионалните влади ќе се обидуваат да го екстрахираат од нив она за кое мислат дека најмногу им годи и да ги подзатскријат под тепих забелешките со надеж дека тие ќе се претворат во прав и незабележително ќе исчезнат. Приказна што се повторува веќе со години без оглед на тоа што се менуваат владите и во регионот и во Европската Унија. Фактичката состојба го потврдува тоа, само некој треба да скршне од протоколарните маршрути и да погледне наоколу. Или како што убаво забележа вчера еден мој драг колега: „Доколку Хан утринава поминеше низ Бутел, немаше да им даде препорака, туку по два шамари“.

Дури и кога ќе се стават настрана таканаречените политички критериуми што се однесуваат пред сѐ на нерешените билатерални спорови какви што постојат на релациите Скопје – Атина или Белград – Приштина, во делот на она што го нарекуваат технички критериуми, а кои се од суштинско значење за секојдневниот живот на граѓаните во регионот, речиси и да нема некои позитивни промени. Но геополитиката, во случајов, на регионот му оди на рака. Стравот од нови конфронтации на Балканот и од источните влијанија, ги натера европските челници да ја забрзаат работата или барем да создадат впечаток оти ЕУ, сега како никогаш претходно, многу е заинтересирана за интегрирање на Западен Балкан и за негово оттргнување од Истокот. Иако во однос на некои аспекти веќе и не е баш јасно каде е Истокот, а каде Западот. Особено кога на запад ви е Албанија, а на исток – Бугарија.

Смешно звучат самозадоволните констатации од владиниот врв дека
„Македонија овој пат добила чиста препорака!“ Зарем постои нечиста
препорака?! Ја добил ли некој некогаш? И дали успеал да ја исчисти? Како што Владата, на пример, ги исчистила или расчистила животната средина, администрацијата, правосудството, непотизмот, корупцијата, големите политички афери, урбаниот хаос… Повеќето, се разбира, освен оние што успеале да си го расчистат патот до некоја удобна државна функција или служба, ќе се согласат дека и покрај големите надежи и очекувања, во изминатава година не го почувствувале напредокот за кој се зборува

Токму затоа, но и поради многу други работи, најблаго речено, смешно звучат самозадоволните констатации од владиниот врв дека „Македонија овој пат добила чиста препорака!“ Зарем постои нечиста препорака?! Ја добил ли некој некогаш? И дали успеал да ја исчисти? Како што Владата, на пример, ги исчистила или расчистила животната средина, администрацијата, правосудството, непотизмот, корупцијата, големите политички афери, урбаниот хаос… Повеќето, се разбира, освен оние што успеале да си го расчистат патот до некоја удобна државна функција или служба, ќе се согласат дека и покрај големите надежи и очекувања, во изминатава година не го почувствувале напредокот за кој се зборува. Или така требало, за едни да го има, а за други да го нема? А можеби е и до диоптријата!

Но проблем со диоптрија сосема сигурно имаат во самата оска на Европската Унија. Имено, тезата дека членките на Унијата, во изминатиов период, како никогаш досега се единствени во однос на проширувањето и на европската перспектива на Западен Балкан, сосема неочекувано, ја урна амбициозниот француски претседател Емануел Макрон. Тој, во говорот пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што беа презентирани извештаите на Европската комисија за напредокот на државите од регионот, рече оти сака тие да останат „вкотвени“ во европскиот проект, но дека сега не е време за проширување на Унијата, која според него, прво треба внатрешно да се реформира и подлабоко да се интегрира, а потоа да ги усогласува земјите од Западен Балкан со сопствените принципи и критериуми.

Изразувајќи силен ентузијазам за Унијата, Макрон истакна неколку важни цели, како што се монетарна унија, заедничка одбрана, климатско-енергетска и дигитална сувереност, квалитетот на храната, одржливо земјоделство, работничките права… Би било интересно некој од Владата да објасни каде сме ние во однос на некој од овие сегменти. И колку години уште се потребни за да ги разбереме, а потоа и да ги достигнеме целите за кои зборуваше Макрон. Затоа, реториката на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер е сосема разбирлива: или целосно отворање на Унијата за регионот или нови војни како во деведесеттите.

Во услови кога на состојбата се гледа не само од различни перспективи, туку таа и се вреднува врз основа на сосема различни мотиви и цели, а за согледувањето на одделните критериуми ич да не се ни зборува, извештаите на Европската комисија стануваат навистина беспредметни. За да бидеме начисто, не станува тука збор за различниот пристап на Брисел кон клучните политички критериуми при примањето на некои од постојните членки на Унијата и тие што сега се поставуваат пред кандидатите за членство. Тоа е политиката и тоа не може да се поставува во егзактни граници поради сосема различните политички контексти. Но кога станува збор за економијата и за јавните финансии, за кои патем Светската банка нема баш надежни согледувања и очекувања во однос на регионот, за екологијата, здравството, правосудството, администрацијата, корупцијата, инфраструктурата… тие си имаат свои параметри. За нив постојано добиваме извештаи од релевантни меѓународни институции. И каде се наоѓаме? Дали некој од владите во регионот или во Брисел ги видел? Важно дека препораката е чиста иако сѐ друго е нејасно, да не речам – нечисто! Исто како што е нејасен и патот од добивањето на препораката до почетокот на преговорите и понатаму.