Западот мора да се соочи со реалноста во Турција

854

Кризата со турската валута и ќор-сокакот во односите со САД околу притворањето на американскиот пастор го прикажаа распаѓањето на партнерството меѓу двете држави, кое датира уште од Студената војна. Наместо да се надеваат дека Турција повторно ќе се сврти кон Западот, американските и европските политичари мора да размислуваат за нова политика кон државата

Ричард Хас

Сега кога Турција е во жесток конфликт со САД, нејзините стари сојузници, кризата со валутата во државата прерасна во политички проблем од прв ред. Сегашниот проблем е што Турција одбива да го ослободи американскиот пастор Ендру Брансон, кој е во притвор под обвинение за тероризам, шпионажа и за неговата наводна улога во неуспешниот државен удар против турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во јули 2016 година.
Американската влада има право да се противи на притворањето на Брансон. Но нивната реакција беше контрапродуктивна. Наметнувањето на дополнителните американски царини за увозот на турски челик и алуминиум можат уште повеќе да ја нарушат довербата во турската економија, поттикнувајќи поширока криза, која може сериозно да ја наруши светската економија. Покрај тоа, царините му овозможуваат на Ердоган да ја обвини Америка за проблемите во економијата на државата наместо неспособноста на неговата влада.

Сè уште постојат шанси дека турската влада ќе најде начин да го ослободи Брансон и дека американскиот претседател Доналд Трамп, кој нестрпливо сака да покаже лојалност кон евангелистите, кои се негови главни поддржувачи, повторно ќе ги воведе царините. Но дури и ако се реши актуелната криза, сепак и натаму ќе продолжи структурната криза во американско-турските односи, а особено западно-турските односи. Сведоци сме на постепено, но трајно влошување на врската, која сега е само сојуз на хартија. Иако администрацијата на Трамп има право да ѝ се спротивстави на Турција, таа не само што го избра погрешниот одговор, туку и погрешниот проблем.

Врската меѓу Турција и Западот одамна е заснована на два принципи од кои ниеден повеќе не важи. Првиот е дека Турција е дел од Западот што значи дека таа е либерална демократија. Но Турција ниту е либерална, ниту е демократија. Таа ефективно се сведе на еднопартиско владеење од страна на Партија за правда и развој (АКП), а моќта е концентрирана во рацете на Ердоган, кој наедно е и лидер на партијата.
Под власта на Ердоган, распределбата на моќта на институциите во голема мера беше одземена од турскиот политички систем, а сега претседателот ги контролира медиумите, бирократијата и судовите. Неуспешниот државен удар, кој Ердоган го искористи како основа за да го притвори Брансон, исто така му беше изговор за да притвори илјадници други. Во овој момент, не е можно да се види како Турција на Ердоган некогаш може да биде кандидатка за членство во ЕУ.

Вториот принцип што го истакнува „западниот“ статус на Турција е усогласувањето на нејзината надворешна политика. Турција неодамна купи над сто напредни борбени авиони „ф-35“ од САД. Сепак во изминатите неколку години, Турција исто така ги поддржуваше џихадистичките групи во Сирија, стана поблиска со Иран и склучи договор со Русија за набавка на противракетниот систем „с-400“.
Пред сè, Турција и САД се на различни страни во однос на конфликтот во Сирија. Иако сириските Курди беа блиски партнери на САД, нив Турција ги смета за терористи што се должи на нивните врски со курдските групи внатре во Турција, кои со години бараат автономија, па дури и независност. Против ваквата заднина, не е претерано да се замисли судир на американските и на турските сили.

Некои можеби велат дека актуелната состојба во конфликтот на односите меѓу САД и Турција не е нова. Двете држави одамна имаа одредени несогласувања меѓу себе. Турците не беа задоволни со одлуката на САД да ги повлечат ракетите со среден дострел од Турција како дел од договорот со кој ѝ се стави крај на Кубанската ракетна криза од 1962 година. Двете држави постојано се наоѓаа во судир околу турската интервенција и последователната окупација на Северен Кипар во 1974 година, како и за американската поддршка за Грција. Турција одби да им даде пристап на американските воени сили во воздушната база Инџирлик за време на Ирачката војна во 2003 година. Во изминатите неколку години, турската влада беше гневна на тоа што Америка одби да го испорача свештеникот Фетулах Ѓулен, кој живее во Пенсилванија, за кого Ердоган верува дека го организираше обидот за државен удар во 2016 година.

Сепак, она што денес го гледаме е нешто поинакво. Повеќе не постои антисоветскиот заеднички интерес што ги држеше заедно овие две држави за време на Студената војна. Она што сега го имаме е еден брак без љубов во кој двете страни продолжуваат да живеат под ист покрив, иако повеќе не постои реална врска меѓу нив.
Проблемот е што договорот на НАТО не содржи механизам за развод. Турција може да се повлече од Алијансата, но не може да биде принудена. Со оглед на оваа реалност, САД и ЕУ треба да имаат двостран приод кон Турција.
Прво, политичарите треба да ја критикуваат турската политика кога тоа е оправдано. Но тие исто така треба помалку да се потпираат на пристапот до турските бази, како што е Инџирлик, да ѝ го укинат пристапот на Турција до тешката воена артилерија, како што се борбените авиони „ф-35“, и да ја преиспитаат политиката за распоредување нуклеарно оружје во Турција. Покрај тоа, САД не треба да го екстрадираат Ѓулен освен ако Турција не поднесе цврсти докази за неговата вмешаност во обидот за државен удар во американски суд и да ги задоволи одредбите од договорот за меѓудржавна екстрадиција од 1981 година. САД не треба да се откажат од поддршката за Курдите со оглед на нивната непроценлива улога во борбата против Исламската држава (ИД).
Второ, САД и Европа треба да почекаат да заврши ерата на Ердоган и потоа да му пристапат на новото турско лидерство со голема понуда. Понудата треба да ја вклучува поддршката на Западот во замена за турската посветеност кон либералната демократија и кон надворешната политика фокусирана на борбата против тероризмот и одбраната од Русија.

Ердоган неодамна за „Њујорк тајмс“ упати предупредувања дека американско-турското партнерство „може да биде загрозено“ и дека Турција наскоро ќе почне да бара нови пријатели и сојузници ако не се променат американскиот унилатерализам и непочитувањето. Всушност, партнерството веќе е загрозено во голема мера поради дејствувањата на Турција, а Ердоган веќе почна да бара нови пријатели и сојузници. Време е САД и Европа да ја прифатат оваа реалност.