Законот за јазиците

366

Минатата седмица во коментарот „Ќе преживее ли Собранието уште еден црн ден“, во врска со донесувањето на контроверзниот Закон за употреба на јазиците, напишав дека тоа ќе ги стави политичките партии пред тест на капацитетот за владеењето на правото и политички дијалог, што во најпесимистичкото сценарио ќе заврши со уште еден црн ден за Собранието. Во оптимистичките сценарија ќе имаше одговорен однос за политичкиот дијалог од власта пред сѐ од ДУИ, а потоа и од СДСМ, односно власта требаше да понуди политички дијалог за суштински амандмани за законот, ако ВМРО-ДПМНЕ ги повлече формалните амандмани. Се чини дека очекувањата за оптимизам се неодржливи и кога е политичкиот дијалог во прашање може веднаш да се претпостави дека ќе се случи најпесимистичкото сценарио.

Веројатно најголемата одговорност за ваквата разврска ја носи ДУИ, со директно придонесување за контроверзноста и своето инаетливо инсистирање. За илустрација, Талат Џафери, претседател на Собранието, симбол на блокирање закон со бескрајна расправа по него, прво ги покани амандманите, па потоа не дозволи расправа по нив. Не е докрај јасно дали инсистирањето на ДУИ е поради тоа што Законот за јазиците, произлегува од договорот од Пржино, па ДУИ смета дека како последна неисполнета обврска треба да се исполни. Во договорот од Пржино, има одредба за целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, но не е јасно дали тоа се однесува на Законот за јазиците. Но и ако е така тој закон треба да биде усогласен од четирите партии-потписнички: СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ. Нејасно е зошто ДУИ го оштети политичкиот дијалог во момент кога е тој неопходен за спорот за името и за реформските приоритети? Зошто ДУИ се одлучи за законот (врапче во рака), а не за НАТО и ЕУ (гулаб на гранка)? Или, пак, точно поради тоа се одлучи, во неизвесност на НАТО и ЕУ, барем да се донесе законот? Некои коментатори како мотивација го изнесуваат ставот дека ДУИ прави сѐ што е можно за да му нанесе штета на СДСМ. Точно е дека СДСМ ќе ја истрпи најголемата штета од донесувањето на законот, но не е јасно кој би бил мотивот на ДУИ за такво однесување.

И меѓународната заедница придонесе кон контроверзноста. Додека во дипломатската чаршија се зборуваше дека Законот за јазиците е предуслов за добивање датум за преговори со ЕУ, изминатиов период самиот комесар Хан, како и амбасадори на влијателни земји, истакнуваат дека Законот за јазиците не е дел од реформските приоритети. Кристијан Тимоние, амбасадор на Франција, се јавува со остра критика на начинот на кој е донесен законот, наведувајќи дека и ЕУ-препораката е загрозена, за Самуел Жбогар, амбасадорот на ЕУ, да изјави дека законот ќе ги подобри меѓуетничките односи. Единствена надворешна политика на ЕУ!?

СДСМ ќе ги претрпи најголемите штети по неколку основи, од кои штетата по патриотска основа може да биде и најмалата. СДСМ ја оштети перцепцијата за посветеност на реформските приоритети, бидејќи законот не е дел од приоритетите, а тој впечаток се зголеми со тоа што наместо фокус на реформите, прв закон за кој одлучуваше Собранието е Законот за забрана на пушењето!? СДСМ ја оштети перцепцијата за сопствениот демократски капацитет и, веројатно, ги оштети односите со меѓународната заедница. И секако со растечката поларизација меѓу партиите и во општеството го оштети политичкиот дијалог без кој не е можно решение за спорот за името или, пак, донесување на реформите за кои е потребно двотретинско мнозинство. СДСМ, кој се чини почна да ја губи поддршката во јавноста и меѓу сопствените симпатизери и поддржувачи со случајот „Пајак“, со донесувањето на Законот за јазиците, се чини го продлабочи тој тренд.

Од друга страна, се чини Ѓорге Иванов, претседателот на државата, со одбивањето да го потпише указот за законот, направи неверојатен пресврт во јавната поддршка, на една година од завршувањето на својот мандат. Едно шпекулативно прашање: дали СДСМ очекувајќи ваква постапка од претседателот, се одлучи за донесување на законот. Ем ДУИ задоволен дека законот е донесен, ем законот непотпишан не може да стапи во сила. За правните аспекти на одлуката на Ѓорге Иванов, како и за самиот закон, одлични анализи има Димитар Апасиев, професор на Универзитетот во Штип.

Според него, претседателот Иванов со својата одлука го крши Уставот, односно користи негова празнина, како и слични постапки на претходни претседатели на државата, и тоа е оправдано бидејќи со самиот закон се прекршуваат Уставот и законите по повеќе основи. Толкувањето на одличниот Апасиев излегува од правните аспекти, станува политичко мислење и ја отвора дилемата дали едно неуставно и незаконско дело треба да се спречи со друго неуставно дело? Можеби состојбите ќе се смират со тоа што ДУИ ќе биде задоволен дека законот е донесен и со фрлање на вината врз претседателот, како подготовка за претседателските избори во 2019 година. Што доколку Владата се одлучи да возврати со понатамошно незаконско дејствување и се дрзне да го објави законот без указ од претседателот во „Службен весник“? Дали тоа ќе доведе до целосен распад на институциите на државата? Дали сепак претседателот на државата треба да го потпише законот, со што за законот би можела да се отвори постапка пред Уставниот суд? И колку емотивно да се согласуваме со одлуката на претседателот, дали треба рационално да побараме да ја промени својата одлука и да овозможи Уставот да се брани пред Уставниот суд?

(Авторот е аналитичар)

Блог www.megjutoa.mк @sklek #ПолитичкиДијалог