„Заедно да растеме“ промовирана во училиштето на авторот Филип Димкоски

598

Настанот беше инициран од директорката на училиштето ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, Кети Стевананџија, а во организацијата беа вклучени наставниците Розита Кареска, Сузана Николоска и Гоце Димески, кои му предавале на Филип додека се школувал и растел во ова училиште

Новата поетска книга за деца од поетот Филип Димкоски својата прва промоција ја доживеа во петокот, во ООУ „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, во опкружувањето во кое младиот автор минал осум години од своето образование.

– Драги мои, денеска ја имав најголемата среќа, но и најголемата одговорност. Во училиштето каде што пораснав, во моето основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ во Прилеп, да се вратам по осум години, но сега како автор што ја промовира својата книга за деца. вечерва пак си беше едно дете, кое трепери како на патронен празник пред своите наставници и внимава да не згреши во она што треба да го каже – изјави Димкоски по завршувањето на промоцијата.

Настанот беше инициран од директорката на училиштето, г-ѓа Кети Стевананџија, а во организацијата беа вклучени наставниците Розита Кареска, Сузана Николоска и Гоце Димески, кои му предавале на авторот додека тој се школувал и растел во ова училиште. Програмата ја водеше ученикот Борис Ночески, кој заедно со својата соученичка Душицa Тодороска од деветто одделение изрецитира неколку песни од творештвото на Димкоски. Со рецитал од песната „Кога зборовите зборуваат“ од книгата „Заедно да растеме“ се претставија учениците од петто одделение Сотир Чатлески, Марија Котева, Марко Петрески, Ѓорѓи Петкоски, Теодор Николоски, Тамара Ристеска, Благоја Црвенкоски и Софија Ристеска. Краток говор одржа директорката Кети Стевананџија, а наставничката по македонски јазик Сузана Николоска даде осврт за книгата, но и за целокупното творештво на Димкоски, во кој меѓу другото рече:

– Денеска задоволство ми е што можам сега и овде со вас да го споделам сознанието дека бев дел од психофизичкиот развој и токму поради тоа емотивната поврзаност е неминовна. Денес Филип е реномиран млад поет, кој, еве, сега ни подарува нова стихозбирка. Тоа е само уште една потврда за неговиот талент, но и за потребата да го изрази она што го носи во себе, па затоа низ стихови праќа порака: Песната е вистинска ако детето го бодри и го милува, му дава сила и го раскрилува, му носи ведрина и ука, не дозволува лоши нешта во срцето да му се пластат, со искрена песна полна љубов, децата побрзо растат! На промоцијата присуствуваше и првата наставничка на Филип Димкоски, Розита Кареска.

– Попладне исполнето со поезија, наплив на емоции – среќа, гордост, нежност, љубов…Чувството кога учителката со восхит го слуша поетот, својот ученик, возбудата е преголема, останав без зборови, а толку многу сакам да кажам – рече наставничката Кареска. Инаку, „Заедно да растеме“ е четврта книга на Димкоски, а излезе во издание на „Академски печат“ од Скопје. Во неа има 38 песни и 14 илустрации, специјално рачно насликани за книгата од академската сликарка Александра Ацеска. Рецензентка е Љиљана Атанасова, а автор на предговорот е писателот Горјан Петревски кој во поговорот кон книгата вели: „Добре дојде, добра книго, во светот каде што ти е местото, кај читателите, најмладите.

Но и кај наставниците за обработка на часовите, во наставата во која се открива и се гради животот на начин каков што налага и педагошкиот приод, кој ќе рече дека детето, во она што му се нуди како литература, најмногу и најдобро учи и осознава преку добри, а не преку лоши примери… Оваа карактеристика ја има во изобилство во песните на Филип Димкоски, но не преку нагласена дидактика, туку и преку игра, преку контакти и со возрасните…“ Сега останува книгата да го најде патот до младите читатели, а тие да ја препознаат нејзината искреност и да ги рашират нејзините пораки. 


Мал градинар

Не сакам да сум космонаут,
ни пилот, ни директор, ни цар
едноставно сакам,
многу сакам да сум градинар.

Сакам да го проучам на природата светот,
сакам да ја осетам душата на цветот.

Сакам да знам кога што се сади,
кое растение кога и колку треба да се вади,
сакам сам зеленчук да произведам,
па дел ќе го споделам, дел сам ќе изедам.

Од книгата „Заедно да растеме“ на Филип Димкоски